27 Април, 2024
0.0393

Македонските винарии во паника, Србија со нов ултиматум

Објавено во: Агробизнис 06 Јули, 2013

Добивај вести на Viber

Србија е сериозна во намерите за ограничување на увозот на македонско вино, доколку македонската Влада не ја повлече мерката за ограничен увоз на српско брашно и пченица. Српската Влада постави нов ултиматум- ако во рок од 10 дена не се реши проблемот за ограничување на извозот на српска пченица и брашно, тие ќе воведат реципрочни мерки за Македонија и најверојатно ќе го ограничат увозот на македонско вино и домати. Потпредседателот на српската влада Расим Љајиќ и министерот за земјоделство Горан Кнежевиќ, го усогласиле и редоследот на мерките кои ќе се спроведуваат кон Македонија, ако ние не ја укинеме мерката за врзан увоз. - Владата на Србија е свесна и за лошите страни на ваквата одлука, но ние во интерес на нашите земјоделци и нашата економија, сме принудени да донесеме такви мерки, со оглед на тоа дека Македонија веќе четврта година по ред, со ограничувањето на увозот на срспка пченица и брашно, на најдиректен начин ги крши ЦЕФТА договорите, изјавуваат од Владата на Србија за српски Танјуг. Потпретседателот на српската Влада Љајиќ, веќе упати писмо со барање за вонредна седница до претседавачот на ЦЕФТА за оваа година Босна и Херцеговина. Во писмото стои дека Македонија ги крши договорите на ЦЕФТА, и дека доколку проблемот не се реши во дадениот рок од 10 дена, Србија ќе воведе контра мерки. Во меѓувреме, македонските винарии веќе калкулираат со евентуланите загуби од извозот на вино во Србија. Порачуваат двете земји што побрзо да најдат заедничко решение, со кое ќе се избегнат негативните последици врз извозот на вино. - Имајќи го предвид фактот дека Србија е меѓу најважните и најголемите пазари во регионот за македонското вино, евентуалното воведување вакви мерки би се одразило негативно на извозот на вино на целата македонска винска индустрија. Токму затоа македонските винарници кои се извозно ориентирани, преку здружението „Вина од Македонија“ побараа од надлежните институции да преземат мерки за избегнување на воведување на реципрочни мерки од страна на Србија за ограничување на извозот на вино на српскиот пазар. Исто така преку здружението „Вина од Македонија“ ги известивме надлежните институции дека стоиме на располагање за дополнителна аргументација во врска со ова значајно прашање за нас, доколку е потребни тоа. Искрено се надеваме дека надлежните институции од двете земји ќе најдат заеднички јазик во насока на изнаоѓање на заемно прифатливо решение, со што ќе се избегнат негативни последици врз извозот на вино, стои во соопштението од здржението “Вина од Македонија” Од македонското министерство за земјоделство нема конкретен став за решавање на спорот, единстевно велат дека одлуката за врзан увоз на пченица и брашно во согласност со Законот за земјоделство и рурален развој. Од министерството за економија велат дека во договорот со ЦЕФТА постојат членови кои дозволуваат воведување на заштитини мерки, доколку увозот на одреден производ може да му наштети на домашното производство. - Можноста за преземање на заштитни мерки согласно  Договорот ЦЕФТА 2006  е дадена во членот 23 д. Договорот според кој  страните ги потврдуваат нивните права да преземаат заштитни мерки според членот XIX од ГАТТ и Договорот за заштитни мерки на СТО, под услови утврдени во Заедничката декларација која се однесува на овој член.Услови за преземање на заштитни мерки и постапките за примена на мерките  се исто така дадени во членот 23 и членот 24.Заштитни мерки  може да се превземаат во случај на зголемени количини на увоз на одреден производ и ако тој увоз предизвикува или постои закана да предизвика. Страната што увезува може да преземе соодветни билатерални заштитни мерки против другата страна од овој Договор, под услови и во согласност со важечките постапки утврдени во член 24. Такви преодни мерки може да се применуваат најмногу за 200 календарски денови, објаснуваат од Министерството за економија. Мерката за за врзан увоз на печница и брашно  Македонија ја воведува неколку години со цел прво да се откупи домашната пченица и да го заштити домашното производство. Но оваа година Србија одлучи да возврати со контра мерки. Српските медиуми деновиве се преполни со остри најави и закани од тамошните надлежни институции и земјоделски здруженија, кои предупредуваат дека сега е време Србија да ја удри Македонија таму каде што најмногу ја боли- виното. Србија е еден од стратешките пазари за извоз на вино и домати. Лани извозот на македонско вино во оваа земја изнесувал 15 милиони евра, а извозот на македонски домати околу 8 милиони евра. Ј.С

Можеби ќе ве интересира

ВО МАКЕДОНСКИТЕ ПЧЕЛАРНИЦИ СÈ ПОЧЕСТО ИМА ДРВЦА ПАУЛОВНИЈА: Кој е бенефитот од нив?

ВО МАКЕДОНСКИТЕ ПЧЕЛАРНИЦИ СÈ ПОЧЕСТО ИМА ДРВЦА ПАУЛОВНИЈА: Кој е бенефитот од нив?

ДОЖДОТ Е ПОВЕЌЕ ОД ДОБРЕДОЈДЕН: Сепак температурните шокови можат да направат проблеми на земјоделските насади

ДОЖДОТ Е ПОВЕЌЕ ОД ДОБРЕДОЈДЕН: Сепак температурните шокови можат да направат проблеми на земјоделските насади