22 Ноември, 2017
0.4585
    ALK 7231.17    -1.62%     BESK 10300    0%     GRNT 808.46    0.93%     KJUBI 1400    0%     KMB 2697.06    -0.11%     MPT 26306.88    -2.2%     OKTA 2530    -8.1%     RMDEN14 92.2    -2.95%     RZLV 45    0%     RZTK 450    1.81%     RZUS 106    -3.64%     SBT 1987    -9.86%     TNB 13500    0%     TPLF 1605.19    -0.11%     TTK 803.72    -1.5%     ZPKO 2601    0.04%

Макрон: Нема да се потчинувам на диктатот на Путин!

Објавено во: Колумни 19 Мај, 2017

Владимир Путин и Емануел Макрон вчера си ги слушнаа гласовите. Навистина на кратко, но сепак значајно за односите меѓу двете држави, кои последниве година, две, се во надолна линија. Телефонскиот разговор на двајцата претседатели означува почеток на реализацијата на она што тие го имаат во главата за тоа во која насока ќе се движи нивната соработка. Дали во онаа кога на чело на Франција беше Шарл де Гол, кој, може да се каже беше многу близок во соработката со тогашното раководство на СССР или пак во насока на соработката на Франсоа Митеран и Жак Ширак со Михаил Горбачов, односно со Борис Елцин.

Андреј Гормико, некогашниот советски министер за надворешни работи своевремено, на шега, има изјавено дека Франција има две величини – Ајфеловата кула и Де Гол. И навистина за СССР Де Гол беше величина и голем пријател. Човек кој се залагаше за Европа од Атлантикот до Урал. Втемелувач на денешната ЕУ. Заедно со канцеларот Конрад Аденауер зачетник на француско-германското помирување.Човекот кој ја изваде Франција од воениот дел на НАТО и ги затвори базите на Алијансата во Франција.

Франсоа Митеран и Жак Ширак има своја улога во почетокот на демократизацијата на СССР, подоцна и на Русија. Поддршката на Митеран отиде до таму што тој не дочека да се крене правот од тенковските истрели врз Врховниот совет (парламентот) на Руската Федерација во октомври 1993 година и веднаш испрати телеграма со поддршка на одлуката на Борис Елцин да пука врз Домот на народот во кој се наоѓаа луѓе кои мубеа во опозиција. Митеран не беше единствениот. Истото го направија и Хелмут Кол, а и Бил Клинтон. Тие секако не би пукале врз нивните парламенти, но поддршката на Елцин му беше неопходна, бидејќи постоеше опасност тој да ја загуби власта во земјата и тоа од комунистите.

Сето ова погоре не е вовед во некое предвидување дека Емануел Макрон може да стане политичар-претседател од калибарот на Де Гол, Митеран или Ширак. Или пак ќе биде копија на безличниот Франсоа Оланд. Тој дојде од политичко никаде, технократ, „финансиски Моцарт“, како што го нарекуваа, се промува во политиката околу скутот на претседателот Оланд и реши да се кандидира за претседател. И стана претседател со Движењето „Напред“, основано неполна година пред изборите. Стана претседател на Франција, не на некоја банана република. Во таква никогаш и не би можел да стане претседател.

Во текот на телефонскиот разговор, како што соопштија од Кремљ, двајцата претседатели размениле мислење за главните насоки во соработкта меѓу двете држави, политиката, трговијата и економијата, културата…Па била разгледана борбата против тероризмот и засилувањето на работата за реализација на Минските договори и надминување на кризата во Украина. На крајот во соопштението се вели дека е разговарано и за можни престојни „лични контакти“. Ова последново можеби и најбрзо ќе се реализира на Самитот на Г-20 во Хамбург на почетокот на јули.

Ако Де Гол гледаше со симпатии кон СССР, ако Митеран и Ширак помагаа во демократизацијата на СССР и Руската Федерација предводени од Михаил Горбачов и Елцин, каков ќе биде односот на Макрон кон Русија, односно кон Путин? Ако се суди според изјавите на Макрон во предизборниот период  тој нема да биде поинаков од политиката што ја води канцеларката Ангела Меркел. После изборите тој не изусти ни збор за Русија, но затоа како министер за економија беше во Русија во 2016 година и тогаш зборуваше за укинување на санкциите кон неа. Но откако стана претседателски кандидат ја смени реториката. Веројатно за тоа придонесе и Москва која имаше свои фаворити на изборите. Прво беше Франсоа Фијон, а откако тој заглави со некакви судири на интереси, па полека беше истиснат од фаворитската улога, Москва се сврте кон Марин Ле Пен, која непосредно пред изборите беше во Кремљ примена од Путин. Секако ова не остана незабележано од Макрон.

Зошто Путин ја прими Ле Пен, кога сите анкети велеа дека таа нема никакви шанси да стане претседател на Франција? Предвиден ризик. Ле Пен не стана претседател, но за неа гласаа над една третина од гласачите. На претстојните избори за парламентот во Франција десницата на Ле Пен сигурно ќе биде доволно застапена за да мора да се слуша нејзиниот глас. Не случајно Макрон во владата вклучи лица и од десницата и од левицата и од центарот. Тој очекува дека на тој начин ќе зададе силен удар на крајната десница. Интересно е што на гости кај Путин неодамна беше и канцеларката Меркекл која исто така се подготвува за парламентарни избори во Германија. А деновиве дури имала и средба со доселеници во Германија од Русија. Велат ги има околу три милиони. Очигледно треба да им се посвети должно внимание, особено после средбата со Путин.

Дали заради тоа што Ле Пен беше „миленик“ на Москва или од други причини, Макрон не остана должен ни на Русија, ни на Путин. Впрочем темата Русија во текот на предизборната кампања не се симнуваше од дневниот ред. Па така во март Макрон зборуваше за поголема независност. „Да нема зближување со господинот Путин. Јас сакам да создадам одговор на независност со вистинска европска политика“, изјави тој во март годинава. „ Јас нему(на Путин) исто така ќе му кажам дека ќе ја следам заштитата на нашите принципи, без непријателство, но и без отстапки “или „Нема никакви причини да се наоѓаме во зависност од Русија, да подлегнуваме на нејзината привлечност или пак да и дозволуваме да дејствува наспроти меѓународното право“, изјавуваше Макрон на дебатите пред изборите.

Острата реторика кон Русија и меѓуредови кон Ле Пен можеше да се насети и од зборовите дека „Јас како никој друг сум способен да го натерам Путин да ме почитува, затоа што немам никаков долг пред Русија за оваа кампања, која впрочем се водеше и со недозволено туѓо вмешување во неа“, велеше Макрон алудирајќи на Ле Пен, но и на наводното хакирање на неговата пошта. „Тој (Путин) е работен партнер за редица регионални проблеми, со кого ќе дискутирам, но знаејќи дека за многу теми имаме разни вредности и приоритети…Јас нема да се потчинувам на диктатот на Путин, и во тоа се разликувам од ЛеПен“, тврдеше Макрон.

Што се однесува до хакирањето на неговата пошта,во деновите кога тоа се случи речиси сите медиуми, па и луѓе од неговиот штаб велеа дека тоа е масло на Русија, како што се мешала во САД, а овде се со цел да и се помогне на Ле Пен. Но само некој ден по изборот на Макрон, угледниот Le Monde, повикувајќи се на полициски извори кои ја правеле истрагата, излезе со текст во кој се тврдеше дека поштата на Макрон ја хакирале американски хакери од неонацистичка група.

Макрон е млад, амбициозен и очигледно решителен човек. Од другата страна во односите со Русија ќе го има Владимир Путин. Макрон сега е под притисоци од сите страни. Прво на внатрешен план. Над една третина гласови за кандидат на крајната десница зборува многу за расположението во општеството. Второ на надворешен план тој ќе мора да направи нешто големо за да ја оствари својата визија за враќање на Франција  во времето кога ја есапеа за голема сила.Нему веќемунудатсовети. Поранешниотгенераленсекретар на НАТО Андерс ФогРасмунсен во LeMonde го повикува Макрон да предводи нова политичка кампања за притисок врз Русија. 

Но во ЕУ Макронне може да доминира, бидејќи таму е главна Меркел и не случајно тој замина прво кај неа. Ако не може во ЕУ, тогаш може да направи нешто со Русија. На пример, да се закани дека ќе ја вооружува Украина или да притиска за попустливост на Русите околу спроведувањето на Минските договори. Или пак да бара уште пожестоки санкции кон Москва. Друго место каде што би можел да се покаже е Сирија. Некогаш традиционална сфера на влијание заедно со Либан на источниот брег на Средоземјето. Евентуално да понуди нешто невообичаено за решавање на кризата таму, па да почнат и Франција да ја играат на тој терен.

Се до преземањето на некој конкретен чекор на Макрон, Русија и Путин ќе го следат неговото движење. Тие сигурно ќе се подготват за секакво сценарио.  Засега знаат дека тој не им е непријател, но ниту им е пријател. Можеби доволно за почеток.

Мирче Адамчевски

Можеби ќе ве интересира

Заев е марионета, рекоа во хор марионетски фановите на Груевски

Заев е марионета, рекоа во хор марионетски фановите на Груевски

Хипокризија на толеранцијата

Хипокризија на толеранцијата

САД-Русија: Око за око, заб за заб и за медиумите

САД-Русија: Око за око, заб за заб и за медиумите

ИНТЕГРИРАЊЕ НА ЗЕМЈОДЕЛЦИТЕ ВО ПРЕХРАМБЕНИОТ СИНЏИР

ИНТЕГРИРАЊЕ НА ЗЕМЈОДЕЛЦИТЕ ВО ПРЕХРАМБЕНИОТ СИНЏИР