06 Мај, 2024
0.1048

Маратон или брза трка за промена на Уставот - Првични позиции на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ

Објавено во: Македонија 08 Март, 2023

Добивај вести на Viber

По мини реконструкцијата на Владата главните напори на премиерот Ковачевски ќе бидат насочени кон отворање на процедурата за уставни измени како дел од прифаќањето на Францускиот предлог. Главната дилема е дали тие ќе се случат пред изборите следната година, а за тоа да се оствари ќе треба да се бара поддршка и од пратениците на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, дали со ветување за брзи избори по промена на Уставот, модел на широка влада или пак обединување кон некаква заедничка европска платформа. Засега ниту еден од овие модели, барем официјално, не е прифатлив за ВМРО-ДПМНЕ.

„Што се однесува до уставните измени, многу е важно да се потенцира дека ова барање не е од Договорот за добрососедство (туку е новододадено), а ВМРО-ДПМНЕ беше исклучено од преговорите кои го вклучија ова барање (т.н. Бугарски/Француски предлог), иако побаравме да бидеме дел во работната група за овие процеси. Владата на Ковачевски, на тој начин, презема обврски што не може да ги исполни, за кои не добила мандат на избори и кои се лага и за домашната јавност и за меѓународните поддржувачи на земјата“, категоричен е Стефан Андоновски од опозицијата.

Нов „историски“ момент за власта

СДСМ исто така ќе преферира процесот да заврши пред редовниот термин за избори, бидејќи не може да гарантира повторно освојување на мнозинство во Собранието, повторувајќи дека земјата е пред „историски“ кој не смее да се пропушти за европската иднина. 

Постојат ли разговори со претставници на ВМРО-ДПМНЕ за поддршка за уставните измени и колку тие се врзани со опцијата да се оди на предвремени парламентарни избори, го запрашавме Стефан Богоев од СДСМ. 

„Уставните измени се процес кој бара вклучување на сите општествени и политички субјекти. Особено што ова не е процес на еден човек, на една политичка партија. Членството во ЕУ и сите потребни чекори и реформи ги поминуваат земјите кандидатки и завршува со членство во ЕУ. Сите тие политички партии имаат одговорност во однос на членството во ЕУ. Ние имаме јасен план и визија за тоа каде треба да се движи државата, кои реформи треба да се преземат и кои економски политики да се имплементираат. Нашиот фокус е на остварување на овие политики, на сите обврски поврзани и со имплементацијата на договореното со ЕУ, со реформите и со менаџирањето на кризата. Се што зависи од СДСМ и од Владата ние ќе го направиме до изборите во 2024 година. Прво ќе има претседателски, а потоа и парламентарни избори. Ќе победи концептот на повисоки плати, пензии и евроинтеграции предводен од СДСМ“, смета Богоев.

Опозицијата контрира, но има ли решение?

Ставот на најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ е дека без дополнителни гаранции не може да се дозволат уставни измени иако партијата нема против Бугарите да бидат впишани во иднина. Сепак, на опозицијата и се забележува дека не е конструктивна во процесот и дека нема јасен план како да се надмине ситуацијата за која според власта највалиден е т.н. Француски предлог. 

Како до подобри односи со Бугарија и одблокирање на ветото за влез во ЕУ преку почеток на преговорите и зошто партијата се противи на предложените уставни измени, но и што би презеле вие доколку сте во позиција да одлучувате, би го укинале Договорот за добрососедство, ќе успеете ли да ја промените прифатената преговарачка рамка од ЕУ, ќе го неутрализирате ли возобновениот бугарски врховизам, го запрашавме Стефан Андоновски од ВМРО-ДПМНЕ.

„Подобри односи со Бугарија може да има само доколку нив започнеме да ги градиме врз рамноправна основа, штитејќи ги основните карактеристики на една суверена и самостојна држава. Нашите два народи се блиски, и тоа треба да се потенцира и во рамноправна соработка помеѓу институциите од државниот и приватниот сектор. И во овој случај мислам дека економијата и бизнисот можат да бидат мостови на поврзување помеѓу двете држави,“ вели Андоновски.

СДСМ преку истакнати функционери ја начна темата и ги упати првите сигнали до ВМРО-ДПМНЕ да седне на „маса“. Во секој случај нови „осумтемина“ како најбрутален метод на обезбедување поддршка од опозициски пратеници е екскурзија која не треба да и се повтори на Македонија. 

Затоа експертите порачуваат дека најдобро е да се постигне заеднички став и насока на делување меѓу клучните политички фактори, иако и натаму двете страни продолжуваат со меѓусебните обвинувања. 

„Од аспект на ВМРО-ДПМНЕ има неконзистентност од изјава во изјава на нивниот претседател. Мицкоски со поранешниот премиер на Бугарија кажа дека го прифаќа Договорот за добрососедство со Бугарија. Потоа кажа дека не го прифаќа. Во едно интервју потоа спомена дека не е против уставни измени, за да потоа каже дека е против уставни измени. Па бараше нотарски заверки од пратениците дека нема да гласаат. На крајот бараше гаранции од ЕУ за да поддржи уставни измени па да се предомисли и од тоа“, смета Богоев. 

ВМРО-ДПМНЕ повеќе нема адути да издејствува предвремени избори или промена на владејачкото мнозинство и можеби најсигурна карта и е да го закочи процесот целосно, но истовремено да покаже и проевропски заложби пред меѓународните партнери дека има волја за надминување на спорот со Бугарија. 

„Во една ваква ситуација на уште еден стратешки национален проблем во кој не уфрли недоветноста на македонската Влада, ние сметаме дека решението се избори. Доколку тие се одржат побрзо, граѓаните ќе имаат можност да изберат од неколкуте концепти за решавање на овој проблем. ВМРО-ДПМНЕ на тие избори ќе излезе со сеопфатна програма во сите дејности, со цврсти одредници за македонскиот национален идентитет, и ќе ја бара довербата. Доколку истата ни е дадена на избори, во што силно веруваме, ние нашите заложби ќе ги реализираме“, потенцира Андоновски.

Х.С.

Можеби ќе ве интересира

ЕВЕ КАДЕ ПРАЗНУВАШЕ ПРВИОТ ЧОВЕК НА МВР - Панче Тошковски на преубаво место со семејството

ЕВЕ КАДЕ ПРАЗНУВАШЕ ПРВИОТ ЧОВЕК НА МВР - Панче Тошковски на преубаво место со семејството

Мојсоска: Усеини од ДУИ доби 500 000 евра од ДПМНЕ во Охрид

Мојсоска: Усеини од ДУИ доби 500 000 евра од ДПМНЕ во Охрид

ЗАВРШЕН МИТИНГ ДЕНЕСКА НА СТЕВО ПЕНДАРОВСКИ - во 19 часот на Сквер Јадран

ЗАВРШЕН МИТИНГ ДЕНЕСКА НА СТЕВО ПЕНДАРОВСКИ - во 19 часот на Сквер Јадран

ЗА ДЕНЕСКА НАЈАВЕН ЗАВРШЕН НАРОДЕН СОБИР НА ЛЕВИЦА - ќе се обрати лидерот Димитар Апасиев

ЗА ДЕНЕСКА НАЈАВЕН ЗАВРШЕН НАРОДЕН СОБИР НА ЛЕВИЦА - ќе се обрати лидерот Димитар Апасиев

ЈАНАКИ ГО ВИКА АПАСИЕВ НА ТВ ИЛИ ПОТКАСТ ДУЕЛ: Ќе добие можност да ме прегази како правник, а и ќе се наплаќа

ЈАНАКИ ГО ВИКА АПАСИЕВ НА ТВ ИЛИ ПОТКАСТ ДУЕЛ: Ќе добие можност да ме прегази како правник, а и ќе се наплаќа

„КАКО ДА ГО ЧУВАМ ДЕТЕТО КОЕ СЕ ОПОРАВУВА И ДА ГИ ЛЕЧАМ РАНИТЕ ОД КУЧИЊАТА, БЕЗ ФИНАНСИИ“ - потресна приказна на граѓанка од Скопје

„КАКО ДА ГО ЧУВАМ ДЕТЕТО КОЕ СЕ ОПОРАВУВА И ДА ГИ ЛЕЧАМ РАНИТЕ ОД КУЧИЊАТА, БЕЗ ФИНАНСИИ“ - потресна приказна на граѓанка од Скопје

„ДВЕ ЛИЦА БЛИСКИ И ПОД КОМАНДА НА КИЧЕЕЦ МИ СЕ ЗАКАНУВААТ“ - Боки 13 вели дека нема да молчи и се ќе каже на второто гостување кај Лазаров

„ДВЕ ЛИЦА БЛИСКИ И ПОД КОМАНДА НА КИЧЕЕЦ МИ СЕ ЗАКАНУВААТ“ - Боки 13 вели дека нема да молчи и се ќе каже на второто гостување кај Лазаров

КАКО ВО ЛЕТО: ЕВЕ КАКВО ВРЕМЕ ЌЕ ИМАМЕ ДЕНЕСКА - температури и до 26 степени

КАКО ВО ЛЕТО: ЕВЕ КАКВО ВРЕМЕ ЌЕ ИМАМЕ ДЕНЕСКА - температури и до 26 степени

ФАКТОР НА ДЕНОТ: Православните го слават Велигден, политичарите повикаа на сплотеност

ФАКТОР НА ДЕНОТ: Православните го слават Велигден, политичарите повикаа на сплотеност