16 Мај, 2024
0.0268

Матуранти во паника, за три дена почнува екстерното тестирање!

Објавено во: Анализа 19 Јануари, 2014

Добивај вести на Viber

На тест и наставниците, казните и наградите на февруарската плата! Околу 20 000 матуранти денеска на списоците на огласните табли на училиштата можат да видат по кои два предмети ќе бидат екстерно тестирани. За три дена треба да го загреат столчето, да ја совладаат и повторат материјата. На 22 и 24 јануари треба да заврши екстерното тестирање. На тест во првата фаза, кога се проверува знаењето на учениците од завршните години, ќе бидат ставени и 2900 наставници. Бројот на прашања по наставен предмет зависи од тоа колку е тој застапен неделно, така што за предмет што учениците го имаат еднаш во неделата, во просек ќе има околу сто прашања.Матурантите годинава ќе го полагаат првиот дел од екстерното тестирање во јануари, на половина од материјалот. на крајот од годината ги чека полагање и на државната матура. Останатите ученици (од прва, втора и трета година) ќе се тестираат кон крајот на оваа учебна година. Надлежните велат дека дека за овој модел биле направени анализи на најдобрите светски практики, иако минатата учебна година заврши со технички грешки и неправилности, како и со единици во свидетелствата. Внатрешната комисија на Министерството за образование и наука прифати 151 забелешка на прашањата за екстерното тестирање, кои коригирани, ќе бидат вметнати во "базенот" од прашања. Казни и награди за наставниците -СОНК не е убеден во регуларноста! Сеуште се тактизира со конечниот број на наставници и училишта кои покажале најмногу отстапувања во оценувањето на првото екстерно тестирање минатата година, кое опфати околу 200.000 ученици од трето одделение до трета година средно образование. Од Синдикатот за образование и наука СОНК, велат дека е очекувано да има недостатоци поврзани со екстерното тестирање и оценување. Според нив иако според законот за основно и средно образование минатата учебна година беше спроведено екстерното тестирање во основните и средните училишта, не се целосно сигурни во начинот на рангирање на листата особено во однос на казните. "Спроведувањето на екстерното тестирање беше во согласност со законите и ние учествуваме активно во следење на состојбата. Навистина и поради покажаните резултати, искуството и знаењето и на учениците и на наставниците кое е потврдено со добрите резултати и со наградите на наставниот кадар се сложуваме, но кога се работи за казните неможам да тврдам дека таа една оценка ќе ги покаже вистинските отстапувања и во знаењето и во оценувањето. Навистина е тешко кога некого треба да казните, а наставникот вложил голем труд и во предавањата и во часовите и учениците. Ние сметаме дека ако е можно и не мора да има таква ранг листа бидејќи притисокот се зголемува и кај наставниците исто колку и кај учениците. Ќе внимаваме на секое отстапување особено онаму кадешто има и по повеќе оценки. Знаеме и свесни сме дека согласно законот треба да се спроведе креирање на ранг листа и да се објават резултати од екстерното тестирање, но секако будно ќе следиме што ќе се случува по ова прашање и какви ќе бидат корекциите на јануарската плата, односно таа добиена во февруари за соодветно да делуваме" -вели Јаким Неделков-претседател на СОНК. Од Министерството за образование и наука велат дека согласно законските одредби, а врз основа на извештаите од спроведеното екстерно проверување на постигнувањата на учениците, најмногу до 20% од наставниците кај кои има најмали отстапувања во добиените показатели им се зголемува платата за наредната година за 15% од платата што ја примале, и обратно. "Целта е да се зголеми објективноста кај оние наставници кои од било какви причини во минатото на учениците им пишувале нереални и оценки кои не ги заслужиле согласно стекнатото знаење. Извештајот е готов и наскоро ќе биде објавен. Во тек е доработката на најавените дополнителни анализи, за да добиеме повеќе детали за секој предмет поединечно. Резултатите од овие анализи ќе бидат основа за евентуални идни активности кои би ги преземале за подобрување на резултатите по конкретен предмет"-велат од МОН. Според построгите правила за екстерното оценување, беше најавено дека ако резултатите од екстерните тестови покажат дека еден наставник правел значителни отстапки и необјективно оценувал ученици, ќе добие стручна советодавна помош од Бирото за развој на образованието. Ако и по помошта, следната година повторно има разлика меѓу оцените што ги пишувал во дневникот и оние добиени на екстерните тестови, тогаш ќе добие отказ од работа односно, ако две години по ред се најде на дното на листата, а новина беше и што откази ќе делат директорите на училиштата, почнувајќи од 1 септември 2016 година. Сега стартуваат санкциите. Какви ќе бидат платите, ќе биде изненадување во февруари. С.Б.