Мексико и САД се скараа поради оградувањето на границата
Објавено во: Свет 27 Јануари, 2017
Мексиканскиот шеф на дипломатијата, Луис Видегарај изјави дека неговата земја нема да плаќа за ѕидот што американскиот претседател, Доналд Трамп сака да го изгради меѓу двете држави.
Вели дека тоа прашање нема да е предмет на преговори.
„Јасно е дека тоа е почеток на нови односи со претседателот Трамп и со неговата Влада“ - кажа тој.
Видегарај пристигна во Вашингтон предводејќи ја мексиканска делегација за да подготви посета на претседателот Енрике Пена Нието, но вчера Нието ја откажа посетата откако Трамп наведе дека ако Мексико не сака да плати за ѕидот, мексиканскиот претседател нема зошто да доаѓа во Вашингтон.
Трамп оцени вчера дека средбата со мексиканскиот колега би бил „попуст“ имајќи ги предвид несогласувањата меѓу двете држави.
Мексико нема да плати за никаков ѕид, затоа што не верува во ѕидови, порача претседателот Нието, по одлуката на Трамп да почне изградбата на оградата, што треба да го спречи бранот мигранти од Латинска Америка.
Новиот ѕид ќе чини помеѓу 4 милијарди и 10 милијарди долари, но од Универзитетот во Масачусетс наведуваат дека изградба на ѕид долг 1.609 километри ќе чини помеѓу 27 и 40 милијарди долари.