06 Мај, 2024
0.0256

Мелничарите бараат да остане заштитната мерка за заштита на домашниот пазар на пченица и брашно

Објавено во: Агробизнис 17 Јули, 2013

Добивај вести на Viber

Домашните мелничари ја поддржуваат одлуката на Владата за заштита на домашниот пазар на пченица и брашно, истакна Васко Ристовски од Стопанската комора на Македонија.

„Домашните мелничари, кои се соочени со нешто послаб квалитет на пченица, како од онаа што доаѓа од увоз, пред се’ од земјите во регионот така и од онаа која се откупува дома со исклучок на комбинати и региони, ја поддржуваат одлуката на владата за заштита на домашниот пазар на пченица и брашно со врзување на увозот или откупот на пченица и брашно со домашна меркантилна пченица. Тие ја поддржуваат оваа одлука и во исто време апелираат истата да остане на сила во оној временски период кој беше договорен заедно со министерството и владата“, рече Ристовски.

Тој нагласи дека откупот согласно препорачаните цени тече без никакви проблеми и се одвива со онаа зацртана динамика.

„Согласно податоците од компаниите кои го добивме, некаде околу 55.000 тони на лебно жито се откупени досега, тоа е количина која одговара на просечно 50 отсто од вкупниот откуп во текот на една реколта или околу 20 отсто во однос на она што се очекува да се добие оваа година“, рече Ристовски, додавајќи дека откупот тече според предвидената динамика, иако неодамна имало одредени негодувања од страна на помалите производители на пченица.

Владата на почетокот на овој месец донесе Одлука за воведување на мерката за заштита на пазарот на пченица и брашно, со врзување на количините на увоз на пченица и брашно со откуп на пченица произведена во Македонија.

Мерката се воведува во согласност со одредбите од Законот за земјоделство и рурален развој за заштита на пазарот на меркантилна пченица и брашно од пченица и превенирање на  опасност од сериозни нарушувања на пазарот со овие производи кои можат да ги загрозат целите на националната земјоделска политика.

Мерката треба да овозможи постигнување на редовниот пазарен еквиблириум помеѓу понудата, односно очекуваното производство и количините увезена пченица и брашно од една, и вкупната побарувачка на пченица од друга страна. Како резултат од воведување на мерката се очекува непречено одвивање на откупот на основниот прехрамбен производ за населението на Република Македонија, пченицата од овогодинешната реколта.

Согласно Владината одлука, увозот на меркантилна пченица се поврзува со извршен откуп на пченица од род 2013 година од домашното производство со право на увоз на 1 килограм на 3 килограми извршен откуп. Увозот на брашно од пченица се поврзува со извршен откуп на пченица од род 2013 година од домашното производство со право на увоз на 1 килограм брашно на 4 килограми извршен откуп на пченица.

Можеби ќе ве интересира

ВО МАКЕДОНСКИТЕ ПЧЕЛАРНИЦИ СÈ ПОЧЕСТО ИМА ДРВЦА ПАУЛОВНИЈА: Кој е бенефитот од нив?

ВО МАКЕДОНСКИТЕ ПЧЕЛАРНИЦИ СÈ ПОЧЕСТО ИМА ДРВЦА ПАУЛОВНИЈА: Кој е бенефитот од нив?