Министерот Алаѓозовски побара дисциплинска постапка против Тони Михајловски
Објавено во: Македонија 20 Јуни, 2017
Откако ЗНМ побара кривично да биде гонет актерот Тони Михајловски за заканите упатени кон контроверзниот новинар Бранко Тричковски, реагираше и министерот за култура Роберт Алаѓозовски кој смета дека со овие закани е повреден угледот на Македонскиот народен театар како институциија. Затоа министерот побара од директорот на МНТ, Дејан Пројковски, да поведе дисциплинска постапка против Тони Михајловски.
Од Министерството најостро го осудуваат јавно искажаниот говор на омраза од страна на актерот Михајловски и додаваат дека за неговиот последен истап, освен кривична одговорност, постои и дисциплинска одговорност во рамките на установата во која е вработен.
ЗНМ вчера побара од Основното јавно обвинителство во Скопје кривично да го гони Тони Михајловски, за сторени кривични дела по член 144 и член 386 од Кривичниот законик, против новинарот Тричковски.
Михајловски на својот профил на Фејсбук напиша: „Јас Бранко Тричковски можам да го убијам и да не ми трепне око. Прости ми Боже“.
Потоа напиша: „Не сме се разбрале. Јас не сакам да го гледам низ нишан, ниту, пак, да трошам 2 евра. Со раце, за да се гледаме во очи. Не би ја пропуштил таа фаца при испуштање душа“.
ЗНМ посочи дека со овие објави Михајловски упатил закана по живот кон новинарот Тричковски и ја ставил во опасност неговата сигурност.