Добивај вести на Viber
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Димовски, денеска во Ќустендил, во рамки на неформалната меѓувладина мини седница, оствари билатерална средба со Димитар Греков, министер за земјоделство и храна на Република Бугарија.
Како што соопшти Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, ова претставува прва средба на двајцата министри. На средбата се разговараше за соработката меѓу министерствата околу евроинтегративните процеси и проширување на соработката во другите области од земјоделството.
Министерот Греков, истакна дека тие како министри за земјоделство се најблиску до народот и искрено се надева дека наскоро и Република Македонија ќе ги почне преговорите за влез во Европската Унија. Тој беше заинтересиран за состојбата со земјоделството во Македонија и истакна дека ако се обезбеди наводнување на земјоделските површини, ако се помогне на земјоделците во обработката на земјата и се чуваат шумите, и народот во нашите земји подобро ќе живее.
Министерот Димовски посочи дека Министерството во моментов работи на консолидација на земјоделското земјиште, и истакна дека тука бугарското министерство забележува голем напредок и исто така имаат добро изграден систем на фитосанитарни контроли, на што министерот Греков рече дека добро е да се усогласат фито сертификатите со што ќе има полесен проток на земјоделски производи од Бугарија во Македонија и обратно.
Во овој правец битна е соработката меѓу бугарската Агенција за безбедност на храна и македонската Агенција за храна и ветеринарство. Греков истакна дека основниот постулат на кој функционира Европската Унија е слободен проток на стоки и луѓе, па усогласувањето на сертификатите ќе овозможи да бидеме еден чекор поблиску до влезот во ЕУ.
Друга област на соработка која ја договорија двајцата министри е превенција од шумски пожари, проблем кој го има и Бугарија посебно налето и договорија да се направи заеднички проект преку Компонента два од ИПА која е наменета за прекугранична соработка.