Министерството ќе ја тужи екс директорката на Археолошки музеј
Објавено во: Македонија 24 Јули, 2017
Министерството за култура е подготвено да поднесе кривична пријава против Весела Честоева поранешната директорка на Археолошки музеј на Македонија и ќе го истражи како што велат нејзиното „самовработување“.
Министерството за култура на Република Македонија исто така во целост ги демантира, како што вели, невистините изнесени на гостувањето на ТВ Нова на 22 јули од страна на Весела Честоева, претходен директор на Националната установа Археолошки музеј на Македонија - Скопје.
„Според податоците со кои располага Министерството, а кои што беа доставени од страна на Археолошкиот музеј, во конкретниов случај воопшто не станува збор за отказ, односно раскинување на договорот за вработување на определено време за работното место Раководител за стручни работи, без отказен рок додека горенаведеното лице користи боледување, туку за донесување одлука од страна на в.д. директорот за прогласување на предметниот договор за ништовен, согласно прописите од областа на облигационите и работните односи, што значи дека истиот нема правно дејство.
Имено, согласно констатациите на инспекциските служби, договорот за вработување бил склучен за период од една година, спротивно на согласноста на Министерството за финансии за обезбедени финансиски средства, според која средства за исплата на плата од Буџетот на РМ биле обезбедени заклучно со 31.12.2017 година. Од друга страна, горенаведеното лице започнало со работа пред да биде пријавена во Агенцијата за вработување, односно ретроактивно, прекршок за кој што инспекцијата има изречено прекршочна санкција - глоба.
Имајќи предвид дека склучениот договор за вработување на ваков начин во иднина би можел да предизвика штетни последици по установата, односно негативни финансиски импликации по Буџетот на РМ, со одлука на в.д директорот истиот е прогласен за ништовен, односно како да не бил ни склучен“, реагираше Министерството за култура.