29 Ноември, 2024
0.0987

Интервју Миновски: Ќе штедиме и нема да побараме поскапување на струјата!

Објавено во: Економија 04 Јануари, 2018

Добивај вести на Viber

Драган Миноски, директор на државната компанија за произвдоство на струја ЕЛЕМ, во интервју за Фактор посочува оти годинава ќе се обидат да го зголемат  производството на електрична енергија и да ги намалуваат трошоците, а со тоа и целта ќе биде да се намали производната цена на струјата и да не се бара зголемување на цената на електрична енергија.

Фактор: Како ЕЛЕМ ќе успее да го зголеми производството на струја и да го намали увозот?

Миноски: Кога новото раководство го презеде менаџирањето со компанијата во август 2017 година проценките врз основа на анализите кои тогаш се направија се базираа на расположивите податоци за тоа со какви потенцијали располагаат производствените капацитети и тие анализи покажаа дека годината ќе ја завршиме со 3600 GWh производство на електрична енергија. Но, во следните 5 месеци до крајот на 2017 година ние презедовме буквално сѐ што можевме за да го зголемиме производството и годината ја завршивме со 4100GWh електрична енергија.

Тоа го постигнавме така што се почна со оптимален ископ на јаглен во РЕК Битола, почнавме со рационално и оптимално користење на хидроелектраните и почна зголемено производство на електрична енергија од нашите производни капацитети.

Потоа, повторно го активиравме РЕК Осломеј, кој беше во мирување од февруари 2017 година. Таму практично јагленовите наоѓалишта се исцрпени, но ние успеавме од различни делови на коповите да извадиме помали количини јаглен и кога тоа ќе се собере се заедно, се добива една количина со која РЕК Осломеј може да работи прилично добар период и да помогне да ја поминеме зимата со што поголемо домашно производство на електрична енергија и се разбира таа да биде со што пониска цена на чинење, што секако се постигнува со работење на капацитетот, наместо со држење во мирување на начин кој генерира само трошоци. Од друга страна, увозот на електрична енергија од оваа година повторно ќе го преземе ЕВН како обврска, така што ЕЛЕМ ќе се насочи само кон производството.

Фактор: Можно ли е ЕЛЕМ да бара зголемување на цената на струјата годинава?

Миноски: Со зголемено производство на електрична енергија и со намалување на трошоците, оваа година 2018, ќе се потрудиме да ја намалиме нашата производна цена и да не бараме зголемување на цената на електрична енергија.

Фактор: Дали постои опција да се инвестира во проширување на мрежа за Енергетика за повеќе домаќинства да се приклучат на овој систем, а со тоа да се влијае и за намалување на загадувањето?

Миноски: Секако дека постои и тоа се разгледува доста сериозно во рамките на АД ЕЛЕМ, но сведоци бевме во изминатиот период во изборната кампања за локалните избори дека скоро сите градоначалници во своите програми го имаа проектот за гасификација на своите општини. Гасификација и топлификација на една иста територија не е вистинското решение, бидејќи ниту едниот (гасификација) ниту другиот проект (топлификација) на крајот ќе бидат исплатливи. Во наредниот период ќе организираме состаноци со градоначалникот на Гази Баба и со другите градоначалници каде што може да се шири дистрибутивната мрежа на Енергетика и доколку веќе направиле мапирање на реоните каде ќе се гради гасоводна мрежа, да ги согледаме можностите да ја развиваме нашата топлификациона мрежа во останатите региони од општината.  На тој начин оптимално ќе се искористат и двата системи, но и ќе се намали загадувањето.

Фактор: Се откажавте од проекти кои немаа врска со енергетската дејност. Конкретно кои се проектите што нема да ги продолжите? Колку пари биле предвидени за проекти кои не се поврзани со основната дејност на ЕЛЕМ?

Миноски: Генерално, за проекти кои не се од основната дејност на компанијата, од страна на АД ЕЛЕМ во изминатите години биле планирани да се потrошат  94.620.890 евра. Досега биле склучени договори за вредност од 26.897.589 евра, а од нив се платени 18.648.457 евра.

Проектите кои Владата ги тргна од обврските на АД ЕЛЕМ се десетина, како што се ски патеките на Водно, вештачки снег за патеката на Копанки-Пелистер, велосипетска патека околу езерото Козјак, катна гаража во Охрид, рајски парк во Аеродром и други слични проекти. Што ќе биде понатаму со овие проекти ќе одлучи Владата на Република Македонија, дали некој ќе биде продолжен и ако биде-кој ќе го гради.

ЕЛЕМ доби насока од Владата да се посвети исклучиво на основната дејност, а тоа е производаство на електрична енергија. Но, тоа не значи дека ние нема да вложуваме во заедницата. Општествената одговорност сега ќе биде видлива, можеби и многу повидлива и поконкретна од тоа што досега АД ЕЛЕМ правел или фиктивно правел за пошироката заедница.

Фактор: Најавено е дека ќе позајмите пари на МЖ – Транспорт за исплата на плати. За колкава сума се работи? Дали тое е планирано да стане пракса во иднина. И какви се очекувањата за МЖ-Транспорт да ги врати назад парите, со оглед на незавидната финансиска позиција во која се наоѓа?

Миноски: Видете, општествено одговорна компанија треба да покажува одговорност кон сите сегменти на општеството. Да, точно е дека дадовме заем за МЖ Транспорт и тој заем изнесува 550 илјади евра. Одредена сума даде и државната компанија МЕПСО. Тој заем секако дека е обезбеден со одредена гаранција, во случајов со имот во сопственост на МЖ Транспорт, и има рок на враќање од една година.

Вие знаете дека ова државно претпријатие е во многу тешка состојба, дека е во долгови, нема за плата, дека луѓето таму не се виновни, работат, но во железницата треба да се направат реформи и на тој субјект да му се обезбеди да работи рентабилно и да заработува, за себе и, секако, и за државниот буџет. Тоа е обврска на Владата, и тоа се прави, но ние, исто така како државно претпријатие, сметавме дека имаме обврска и одговорност да помогнеме да се премости еден дел од тој тежок период додека се најде решение за МЖ Транспорт.

Фактор: Кога ќе стартува изградбата на фотонапонска електрана со инсталирана моќност од 10 MW, со фотонапонски панели произведени во Македонија?

Миноски: Активностите за изградбата на10 MW фотонапонска електрана планирано е да започнат на почетокот на 2018 година со подготовка на целокупната потребна документација за изградба на истата. Нашите планови се таа да биде лоцирана во околината на РЕК Осломеј. Зошто баш во околината на Осломеј, поради фактот што таму во изминатиот период од старите рудници се копаше јаглен и јаловина, која пак се одлагаше заедно со пепелта од согорениот јаглен на одлагалиште во близина на рудникот, а АД ЕЛЕМ има обврска тоа одлогалаиште да го рекултивира. Кога веќе го рекултивираме земјиштето, имаме изградено пристапни патишта, а и електроенергетското поврзување го дозволува тоа зошто да не изградиме и 10 MW фотонапонска електрана баш таму, која покрај зголементото производство на елекетрична енергија ќе допринесе и за се поголем ангажман на постојните вработени од РЕК Осломеј и ФОРТ Кичево, како и за нови вработувања.

Фактор: ХЕЦ Чебрен и ХЕЦ Галиште, проекти кои со децении се најавуваат, а никако да се реализираат. Како сега мислите да ги реализирате и дали повторно овие проекти ќе останат само на хартија?

Миноски:  Ние како АД ЕЛЕМ и верувам и сигурен сум и Владата како сопственик на АД ЕЛЕМ, сакаме да се реализираат овие капитални проекти. Тоа ќе реши многу во областа на производството на електрична енергија. Во декември 2017 се направи претфизибилити студија за овој проект, од која произлегоа 3 до 4 можни варијанти за реализација. На почетокот на 2018 година, АД ЕЛЕМ ќе ја информира Владата за резултатите од предфизибилити студијата, а кои ќе бидат идните насоки од Владата дополнително ќе видиме.  Инаку има многу странски компании кои се заинтересирани да учествуваат или да ги  градат овие електрани, но факт е дека станува збор за многу скап проект, околу 600 милиони евра, тука ќе треба да биде вклучена и државата, да се најде модалитет за финансирање, како и најсоодветната варијанта за градба на проектот.

Фактор: Каква ќе биде иднината на ТЕЦ Неготино? И кога може да се очекува овој објект да се пренамени во енергетско-земјоделски комбинат?

Миноски: ТЕЦ Неготино е објект кој е во сопственост на Владата на Република Македонија, со посебен менаџмент. АД ЕЛЕМ во изминатиот период го користеше како ладна резерва, за кој годишно се одвојуваат околу 3 милиони евра. Во програмата на Владата предвидено е ТЕЦ Неготино да се преадаптира и модернизира во енергетско земјоделски комбинат, со комбинирано производство на електрична и топлинска енергија. Топлинската енергија би се користела за загревање на земјоделските површини во околината на електраната, за конзервна индустрија, за ладилници, додека електричната енергија би се предавала на електроенергетскиот систем. Сигурен сум дека Владата работи на реализација на проектот и веќе има планови за тоа кога и како ќе се почне со преоктот.

Фактор: РЕК Битола – се смета за најголем загадувач на Битола. Како ќе се справите со овој проблем, се најавуваше проект за редукција на емисии на штетни честички?

Миноски: Намалувањето на загадувањето од РЕК Битола е нешто што оваа Влада и ова раководство на компанијата го имаат високо на агендата и тоа ќе се прави и веќе се прави. Се работи за големи проекти кои треба да го намалат загадувањето и кои се и скапи и кои бараат и подого време за да се реализзираат. Но, се мора еднаш да почне, па така и ние веќе ги правиме и ги направивме првите чекори.

Предвидени се средства за 2018 за оваа намена: електростатски филтри, потоа подготовки за имплементеирање на технички предуслови за десулфуризација, намалување на штетните емисии во воздухот итн. Паралелно, работиме на стандардизирање на отпепелувањето и вршење на таа активност според протоколите кои се предвидени, потоа ако зборуваме за превенција па и санирање на последиците, сакам да нагласам дека на пролет ние ќе извршиме пошумување на околината на РЕК Битола, односно на земјиштето околу комбинатот, што нам ни е обврска. За 2018 г. предвидовме 10 илјади евра за садници за пошумување на областите кои се најприоритетни, а во меѓувреме ќе се изврши проценка со какви видови дрвја ќе биде извршено засадувањето, односно кои дрвја ќе донесат најдобри резултати во прочистувањето на воздухот и ќе бидат еден вид зелена тампон зона кон пошироката околина на комбинатот.

Фактор: Дали тендерите во РЕК Битола, повторно ќе ги добиваат фирми блиски на власта, како што тоа беше случај со претходната гарнитура, што се докажа со прислушуваните телефонски разговори, и како ќе успеете да ја елиминарате таа спрега меѓу валада и бизнисот кога се работи за добивање на тендери?

Миноски: Како работела претходната гарнитура е предмет на докажување во судот. Епилогот ќе го видиме сите. Јас само да кажам дека на овој менаџмент на АД ЕЛЕМ не му е ни на крај памет да оди по стапките на некој претходник или на било кој друг кој фаворизирал некого на државна штета, а на крај можеби и на своја сопствена лична штета.

Такви се и многу категорични се и насоките од владата во тој поглед, така што немам дилема дека компанијата ќе работи законски и единствено во интерес на јавноста, државниот буџет и на производството на електрична енергија.

Фактор: Дали вработените во РЕК Битола ќе добијат бесплатен превоз?

Миноски: Предизборните ветувања за отворање на мензата во РЕК Битола, бесплатен превоз за вработените, нова ХТЗ опрема итн. Веќе почнаа да се реализираат. Во РЕК Битола од октомври 2017г. повторно во функција е мензата, која во моментот обезбедува ладен оброк. Напорно се работи повторно да се опреми и адаптира мензата за да работниците што побрзо добијат и топол оброк. Објектот бил во изминатите години затворен и запуштен, наши екипи напорно работат да го санираат и да овозможат повторно да можат вработените во РЕК да ја користат мензата. Во однос на превозот, сакам да нагласам дека во инвестиционата програма за 2018 година, предвидени се финансиски средства за набавка на автобуси за потребите на РЕК Битола. Се надевам проектот ќе се реализира многу брзо, за да вработените го добијат и ветениот превоз. Сакам да нагласам дека за нас многу е важно да имаме задоволни вработени, само така ќе може да се зголеми продуктивноста на вработените и да се постигнат зацртаните цели, затоа и се трудиме да вложиме максимум во нашите вработени. 

Фактор: Во изборната програма е наведено дека со започнување на експлоатацијата на подинската јагленова серија во рудникот Суводол и со јамска експлоатација на јаглен во рудниците Живојно и Витолиште, ќе се продолжиме работниот век на РЕК Битола. Притоа, се посочува дека експлоатацијата ќе се врши со високо продуктивна механизација во сопственост на АД ЕЛЕМ, со што ќе се раскинат постоечките коруптивни договори со кои со години наназад од македонскиот државен буџет се одлеваат 120 милиони евра на годишно ниво. Кога и како ќе ја реализирате оваа најава?

Миноски: Нашите прогнози беа дека дополнителниот проект за рудниците во Битола, кој ќе даде одговор на прашањето какви и колку машини се потребни за оптимално дисконтинуирано ископување на јаглен во РЕК Битола ќе биде готов во декември 2017 и веднаш ќе го објавиме огласот за набавка на соодветните машини, но за жал поради дополнителни активности проектот ќе биде готов во Јануари 2018, по што веднаш ќе го објавиме огласот. Нашите заложби се да се купи најсоодветна опрема со висок квалитет, која ќе бара минимални трошоци за одржување и кој ќе ги намали трошоците за ископ на јаглен во РЕК Битола, а со тоа и ќе ја намали производната цена на електрична енергија од АД ЕЛЕМ.

Фактор:Кога ќе стартува субвенционирањете на домаќинствата за изградба на фотоволтаични електрани, што беше едно од ветувањата во предизборната програма?

Миноски: Со новиот Закон за енергетика се овозможува и поставување на фотоволатаични електрани и на домаќинствата, но сето тоа е оставено да се регулира дополнително со предвиденте подзаконски акти кои треба да се следат по неговот донесување во Собранието на Република Македонија. Јас искрено се надевам дека овој проект ќе почне многу брзо и ќе донесе дополнително производство на електрична енергија од обновливи извори, но и ќе допринесе за намалување на трошоците на домаќинствата кои ќе вложат во тоа.

Фактор: Кои се клучните енергетски проекти на кои ќе се фокусирате во 2018 година?

Миноски: Во 2018 година планирани се доста активности, набавка на нова механизација сопственост на АД ЕЛЕМ, почеток на проектот за нова 10 MW фотонапонска електрана, почеток со реализација на втората фаза на Ветро паркот Богданци со кој би се добиле дополнителни 13,2 MW ветерна енергија или 50 GWhна годишно ниво чиста електрична енергија од обновливи извори, почеток на нов проект за изградба на нова ветерна електрана со инсталирана моќност од 15 MW, со што АД ЕЛЕМ би имал вкупно 65 MW ветерна енергија, почеток на модернизација на ТЕЦ Осломеј, како и два капитални ремонти на блоковите во РЕК Битола, и нормално реализација на проектите од областа на екологијата кои ќе допринесат за почиста животна средина. Амбициозен план за реализација кој се надевам дека со максимален ангажман на сите вработени ќе успееме да го реализираме во 2018 година.

Н.С.

* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.

Можеби ќе ве интересира

ИМААТ ДОЛГ КАКО ГРЦИЈА: Која европска земја се изедначи со јужниот сосед?

ИМААТ ДОЛГ КАКО ГРЦИЈА: Која европска земја се изедначи со јужниот сосед?

Средба на министерката Божиновска, со амбасадорот на Кралството Шпанија, Н.Е. Рафаел Сориано Ортиз

Средба на министерката Божиновска, со амбасадорот на Кралството Шпанија, Н.Е. Рафаел Сориано Ортиз

ДРАМА НА НЕБОТО НАД БЕЛГРАД - авион кој леташе за Подгорица се судри со јато птици, ова е исходот

ДРАМА НА НЕБОТО НАД БЕЛГРАД - авион кој леташе за Подгорица се судри со јато птици, ова е исходот

Членовите на задолжителниот пензиски фонд на „Сава“ за еден ден станаа побогати за 3,5 милиони евра! Кој е нивниот добротвор?

Членовите на задолжителниот пензиски фонд на „Сава“ за еден ден станаа побогати за 3,5 милиони евра! Кој е нивниот добротвор?

ОД ЈАЈЦАТА ПА СЕ ДО МЕСОТО - нема производ без повисока цена

ОД ЈАЈЦАТА ПА СЕ ДО МЕСОТО - нема производ без повисока цена

МАКЕДОНЕЦОТ СЀ ПОВЕЌЕ СЕ СТРЕМИ ДА СИ КУПИ НОВА КОЛА, АМА „ПОЛОВЊАЦИТЕ“ УШТЕ ЦАРУВААТ - еве со колку нови и користени возила се „подновивме“ годинава

МАКЕДОНЕЦОТ СЀ ПОВЕЌЕ СЕ СТРЕМИ ДА СИ КУПИ НОВА КОЛА, АМА „ПОЛОВЊАЦИТЕ“ УШТЕ ЦАРУВААТ - еве со колку нови и користени возила се „подновивме“ годинава

ПЛАТИ ВО ИНДУСТРИСКИТЕ ЗОНИ: „Магна Мирорс“ и „Дура Аутомотиве“ со најдоброплатени работници

ПЛАТИ ВО ИНДУСТРИСКИТЕ ЗОНИ: „Магна Мирорс“ и „Дура Аутомотиве“ со најдоброплатени работници

„ДОВЕДЕНИ СМЕ ВО СОСТОЈБА ЈАС И КОЦЕ ТРАЈАНОВСКИ ДА БИДЕМЕ НАДЗОР И ЕДНАШ НЕДЕЛНО ДА ИМАМЕ ТЕШКИ ДИСКУСИИ СО БЕХТЕЛ И ЕНКА“: Министерот Николоски, ексклузивно во „Бизнис муабети“ на Фактор

„ДОВЕДЕНИ СМЕ ВО СОСТОЈБА ЈАС И КОЦЕ ТРАЈАНОВСКИ ДА БИДЕМЕ НАДЗОР И ЕДНАШ НЕДЕЛНО ДА ИМАМЕ ТЕШКИ ДИСКУСИИ СО БЕХТЕЛ И ЕНКА“: Министерот Николоски, ексклузивно во „Бизнис муабети“ на Фактор

КОЦЕ ТРАЈАНОВСКИ СЕ ПОФАЛИ: Завршија градежните активности на трасата Страцин - Крива Паланка

КОЦЕ ТРАЈАНОВСКИ СЕ ПОФАЛИ: Завршија градежните активности на трасата Страцин - Крива Паланка