Минов: Има сериозни индиции дека Цар Фердинанд го нарачал убиството на Јане Сандански
Објавено во: Македонија 17 Октомври, 2022
Никола Минов, член на новоформираното советодавно тело за давање мислење за употреба на име на историска и друга позната личност во името на здружение и друго правно лице, во утринската емисија на „Телма“ вели дека не е регистриран бугарски клуб „Цар фердинанд“ и дека не е пристигнато барање за мислење од Министерството за правда.
Вонредниот професор на Институтот за историја на Филозофски факултет во Скопје – за прашања од нов и најнов век, уште од сега знае дека Цар Фердинанд е негативна личност за Македонија од три аспекти.
„Фердинанд е бугарски кнез и бугарски цар, кој најдоследно се обидувал да ја спроведе на дело илузијата на Санстефанска Бугарија, идеја која никогаш не заживеала, а во која влегувале делови од Македонија, Албанија, Грција и Србија. Водел три војкни за да ја заживее Санстефанска Бугарија. Човекот едноставно сметал дека Македонија треба да биде Бугарија.
Ги држел под контрола врховистите во Софија и има силни индикации дека е наредбодавец за убиството на Јане Сандански. Затоа е премногу навредливо да се формира друштво со такво има на нашата територија“, изјави Минов.
Вели дека и тој како многу историчари не разбира која е потребата за вакви бугарски здруженија.
„На „Цар Фердинанд“ им биле дадени 30 дена за да побараат мислење од Министерството за правда, а ако побараат ќе го проследат тоа барање до советодавното тело формирано пред две недели. Советодавното тело се уште нема добиено барање за мислење“, додаде Минов.