26 Април, 2024
0.0274

Мистериозни се патиштата пржински!

Објавено во: Колумни 17 Јули, 2016

Добивај вести на Viber

Отфрлањето на „шарените“, „протестирачите“ и граѓанско-либералните елементи од пржинскиот процес не е основа за навреденост, туку предизвик за пркос кон анахронизмот на 2х2 грујо-заевизмот и тачи-ахметизмот што (ќе) се обидува и второто „пржинско мртвороденче“ да го сокрие во летната ферија и да го протне во есенската адаптација кон реалноста Потребата од рушење на воспоставениот партискиот поредок и популистичкото владеење, политика и партиско организирање е тема и во Македонија, но и во регионот. Движењата-партии како Сириза и Мост, со различен степен на успешност произведоа ист ефект: ја нарушија децениската доминација на традиционалната левица и десница, и комфорот на „старите“ партии. Предолгата доминација на конзервативците и неснаоѓањето на социјал-демократите и во Европа во основа исфрли две алтернативи: граѓанско-либерални и левичарски. Тие се одговорот на дисфункционалноста на „традиционалистите“ кои идејата за Европа ја бирократизираа во ЕУ, пазарното стопанство го узурпираа во име на корпорациите, социјалната солидарност ја подредија на банките, а со мултикултуралноста се обидоа да ги задушат етноцентризмите и, произведувајќи верски фанатизми, најавија простор и за радикална десница. За прв пат, Македонија не „заостанува“ зад Европа?! Популизмот на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ втемелен во нивните претенциозни историски наследства од крајот на XIX, односно почетокот на XX век соодветно, заедно со етнички анахрониот ДУИ/ДПА корпус е македонската верзија на партиската конфузија што го дезориентира регионот. Па и континентот. Владеењето со јавните финансии и личните судбини низ партиска окупација на институциите од 2014 ја достигна својата натамошна неспособност, а пирамидата на мега-партиите пресликана во вертикалата на институциите веќе загуби на финансиска одржливост. За среќа, популизмот е прескап, дури и за побогати држави од Македонија. Затоа, секој обид да се задржи постојниот партиски поредок, кој и ја предизвика политичката криза, и со кого европската бирократија најде заеднички јазик во Македонија – е неодржлив. Макар „четворката“ се преселила кај Орав дома, и потпишала уште два договори. Освестување на јавноста Децениското владеење на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, со кратко интермецо на ДПА, ги разоружа Груевски и груевци од омиленото оправдание дека СДСМ им е виновен за сегашноста. Вмровските влади на Кљусев, Георгиевски и особено децениската влада на Груевски (вклучително Димитриев) имаат 5 години повеќе стаж од владите на Црвековски, Костов и Бучковски. Но, ниту СДСМ не е само „немоќна“ жртва по пропуштените прилики да и се изгласа недоверба на вмровската влада во најмалку 2 клучни прилики – на 2 месеци пред предвремените избори и во 2008 (по проценка на Шеќеринска) и во 2014 (по проценка на Заев). Поигрувањето со граѓанската енергија и политичката решителност за промена во мај 2015 и во јуни 2016 на сите во опозицијата освен на СДСМ е моментот кога граѓанско-либералната опозициската јавност се соочи со болната вистина дека всушност протестите се само цедење на опозициската енергија како интермецо меѓу две рунди преговори меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, односно ДУИ и ДПА за враќање на состојбата на почетна точка, и договорна замена на местата. И се да си продолжи по старо. И евро-обврзницата е показател за излишноста на ноемвриски избори при вака споена партија и држава „Медиумските реформи“ сведени на „ад-хок“ медиумски мониторинг пред изборите и уредник во МРТ, „дури“ 30.000 спорни избирачи – Албанци, и откажување од основниот услов – одвојување на партијата од државата треба да бидат епилог на политичката криза и гаранција за демократски и кредибилни избори? Смешно. Со формирање судско одделение за предметите покренати од СЈО по изборите? Провидно. По сите овие силни „победи“, со „брзи“ избори во ноември? Жално. Во вакви околности и при вака уништена економија, правен и институционален систем, потребна е транзиција, а не шминка. Споеноста на државата и партијата се гледа (и) во обидот за „шверцување“ на евро-обврзницата. Нејзиното квалификувано оспорување од страна на Наумов и разбирањето на банките за запирање на постапката се за поздравување, но јасно е дека буџетскиот дефицит за 2016 сепак бара покривање со масивно задолжување. Годинава, а со вакво темпо, веројатно и догодина. А за тоа не смее да се дозволи да решаваат партиите, туку институциите и стручната јавност. Иста внимателност е потребна и за осигурување на изборен модел различен од сегашниот генератор на политички влади – извори на кризи. Уште едни вакви избори се гарантиран вовед во поголема политичка криза, а Пржино веќе не е доволно за решавање на темелните прашања и не во вака краток рок. Затоа, мора да се знае дека институционалната „учипеност“ на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ нема да биде прекината со „пржинско“ допартизирање на институциите низ имплантирање на СДСМ и ДПА во нив. Напротив, тоа само ќе ги доблокира. Препораките на Прибе никогаш нема да бидат спроведени без концентрациона влада „Пржинците“ знаат дека прва препорака на Прибе е потребата од цивилна контрола врз тајните служби. И дека без спроведување на оваа препорака, нема ниту владеење на правото, ниту одвојување на партијата од државата. Затоа и ја премолчуваат, заедно со проектот за концентрациона влада, како единствена институција што „пржинците“ политички ќе ги натера да поддржат влада за санирање на состојбите и за трасирање обврски без да остави простор било која од четирите партии да ги избегне (заедно со одговорноста). Но, премолчувајќи ја контролата врз тајните служби, гласно кажуваат дека службите и пржинските партнери се една корпорација. А најголема потврда за премолчаната согласност ништо да не се промени е „ставот“ дека сите овие прашања „ќе“ се разгледуваат/решаваат по изборите. Исто како што се „се реформираше“ по изборите 2006, па 2008, па 2011, па 2014..., а Македонија живее исто како и во 1991. Само со повеќе стиропор во Скопје. Последното прибежиште е во „странците така кажаа“ На сите им е јасно дека „странците“ немаа(т) намера да ја преминат линијата на пристојноста. Од внимателното вклучување во преговорите дури откако беа повикани, до прецизниот Извештај на Прибе, посредниците дадоа се од себе да не се вмешаат во домашните работи, а да помогнат онолку колку што можат и колку што домашното политичко лидерство сака и може да сработи. Затоа, некоректни се обидите неспособноста на домашното (опозициско) преговарачко лидерство да прикаже дека постоел странски притисок за некои прашања, како датумот за избори. Едноставно, нема посредник што ќе размислува за пролонгирање на изборен датум за предвремени избори, ако на него инсистира опозицијата, а го прифаќа власта. Затоа, дискретните обиди одговорноста за ова да се префрли кај „странците“ нека останат дискретно во заборавот. Симпатични се и добронамерните очекувања на некои аналитичари за промена на Груевски од челната партиска позиција пред изборите. Се надевам нема да ги снема откако ќе стане јасно дека промената на актерите во политичката криза оди „во пакет“. Мистериозни се патиштата Пржински. Можноста и одговорноста се преголеми за да бидат прокоцкани Неприфаќајќи магловити ветувања за идни реформи со кои власта треба да се ограничи себеси од позиција на власт (?!) поучени од „искуството“ и од овие две години, разбиени се илузиите на граѓаните дека единствено една опозициска коалиција „СДСМ+“ е доволна за промена на власта. Макар во неа биле и (доскорешните) партнери на Груевски. Всушност, ова е причината и потребата за отворање на нов процес што социјал-демократската, лева коалиција ќе ја стави во позиција на еден од столбовите, но не и на единствен столб на алтернатива на власта. Отфрлањето на „шарените“, „протестирачите“ и граѓанско-либералните елементи од пржинскиот процес не треба да биде основа за увреденост, туку предизвик за пркос кон анахронизмот на 2х2 грујо-заевизмот и тачи-ахметизмот што (ќе) се обидува и второто „пржинско мртвороденче“ да го сокрие во летната ферија и да го протне во есенската адаптација кон реалноста. За почеток, со собирање на неексклузивна, алтернативна основа. Либералната партија во неа е само правно-политичка форма, а нејзината платформа е само дел од понудата што мора да ја обликуваат сите. Бидејќи различноста не е слабост. Навистина, мистериозни се патиштата пржински. Ивон ВЕЛИЧКОВСКИ, Претседател на ЛП

Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД