МНР ја осуди забраната на Благоевград за отворање македонски културен клуб
Објавено во: Македонија 20 Октомври, 2022
Министерството за надворешни работи ја осуди содржината на Декларацијата на Советот на Општина Благоевград со која практично беше забрането отворањето на македонскиот културен клуб „Никола Вапцаров“ инаку закажано за 30 октомври. Никола Вапцаров беше означен како „Македонист“.
„Во врска со Декларацијата на Советот на Општина Благоевград, Министерството за надворешни работи ги осудува непримерните квалификации во содржината кои се однесуваат на македонскиот народ.
Очигледно е дека ваквите декларација се во спротивност на интенцијата на двете Влади за градење доверба меѓу народите на двете земји, и со духот на Договорот за пријателство и добрососедство, чија основна цел е токму тоа, да промовира пријателство и меѓусебно почитување.
Уште еднаш потенцираме дека интерес на двете држави и на сите граѓани е унапредување на добрососедството и во оваа насока ги охрабруваме и локалните власти, но и сите други здруженија и групации за посебен фокус кон активности кои создаваат пријателство, меѓу-гранична соработка, економска, културна и туристичка размена, соодветно на духот на европската соработка“, објави МНР.
На седницата на Советот на општина Благоевград на 7 октомври, со 25 гласа „за“, ниту еден „против“ и четиримина воздржани – а 12 советници отсутни – пред два дена беше изгласана декларација и донесено решение со кое отворањето на Македонскиот културен клуб „Никола Вапцаров“ се смета за груба провокација и испад на „организации нелегитимни за бугарското право“.
Декларацијата, фактички, е препрека за отворањето на клубот, закажано за 30 октомври. Инаку, претходно, од стаклото беше одлепена почетната буква „М“ од натписот.