Могерини и Хан повикуваат на реформска агенда за да се вратиме на евроатлантскиот пат
Објавено во: Македонија 17 Мај, 2017
Високата претставничка за надворешна политика и за безбедност на Европската Унија, Федерика Могерини, и еврокомесарот за проширување, Јоханес Хан, денеска ја поздравија одлуката на претседателот на Македонија, Ѓорге Иванов да го преиспита својот став и да го додели мандатот за составување нова влада.
Тие ги повикуваат сите парламентарни партии да ги стават своите разлики настрана и заеднички да работат на заедничката реформска агенда, да ја вратат земјата на евроатлантскиот пат. Велат дека луѓето тоа го заслужуваат и дека тие ќе дадат поддршка.
„Ја поздравуваме одлуката на претседателот Иванов да му го додели мандатот за формирање влада на господинот Заев, што претставува важен чекор во процесот на формирање влада. Се надеваме дека овој конструктивен дух ќе продолжи да надвладува за државата конечно да излезе од политичката криза“- наведуваат во заедничкото соопштение.
Могерини и Хан очекуваат наскоро да се формира влада која ќе биде посветена на имплементирање на сите делови од Договорот од Пржино, како и на реформските приоритети.