На работниците на ФЕНИ повторно им се ветуваат платите
Објавено во: Економија 06 Декември, 2017
Стечајниот управник на Фени Индустри Мирослав Анастасиевски повторно преку соопштение за јавност ги уверува работниците дека ќе ги добијат неисплатените плати откако е добиено решението од Основниот суд Велес, доверителите подносители на пријавата за стечај, ги депонирале потребните средства на сметката на Фени Индустри.
Стечајниот управник најавува дека првиот чекор кон стабилизација е исплата на платите на вработените, за што е почната процедура за пресметка. Вработените ќе примат плата и ќе потпишат договори за вработување, без прекин на стажот, континуитетот ќе биде запазен, со што, како што вели, во целост се заштитени нивните права.
- Секој работник, мора одговорно да пристапи во остварување на обврските, работните задачи. Сите барања на работниците се задоволени, согласно законската процедура, затоа апелирам да не потклекнуваат на шпекулации, да се посветиме сите заедно на работниот ангажман и да покажеме дека Фени може да биде успешна приказна на Македонската економија. Несебичната поддршка и работната ангажираност на вработените се двигател на овој процес, наведува стечајниот управник на Фени Индустри, Мирослав Анастасиевски
Претходно работниците на ФЕНИ ги обновија протестите и сметаат дека се најоштетени во целата стечајна постапка. Се уште нема информации кој ќе биде нов инвеститор кој ќе го преземе долгот од околу 60 милиони евра на ФЕНИ и ќе ја рестартира фабриката за фероникел.