03 Мај, 2024
0.1935

На што се должат странските пофалби во куферот на Груевски?

Објавено во: Анализа 03 Декември, 2013

Добивај вести на Viber

ЕБОР, Светска банка, ММФ, „Форбс“ со позитивни оценки за растот и за економските индикатори. Опозицијата вели - и натаму сме најнеразвиени во Европа. Експертите со став – споредбите дека сме подобри од ЕУ се за дневна употреба

Една од работите што премиерот Никола Груевски ќе ги донесе во својот куфер од Лондон, каде што деновиве со својот економски тим замина за да ја промовира земјава како поволна бизнис дестинација, секако дека ќе бидат пофалбите од Европската банка за обнова и развој за остварениот раст и за добрите макроекономски индикатори. Свежи се сеќавањата и на завршната прес конференција на Мисијата на Меѓународниот монетарен фонд, кога монетарците, иако испорачаа сериозни совети дека треба да се контролираат трошењата и долговите на јавните претпријатија, изрекоа и признанија дека македонската економија заздравува побрзо од нивните очекувања. Не така одамна и Светска банка и даде своевидна „награда“ на Македонија за залагањата на економски план, рангирајќи ја повторно меѓу десетте топ реформатори во светот, во најновиот извештај „Дуинг бизнис 2014“. Конечно, иако станува збор за вовед во платена кампања на земјава на неговите страници, и угледниот магазин „Форбс“ деновиве „испиша“ позитивни оценки за земјава, претставувајќи ја како бизнис-рај во Европа.

Добри економски политики или...?

Како Владата на Никола Груевски успева да го закити својот имиџ со вакви поволни констатации од релевантни меѓународни финансиски институции и магазини? Се должат ли тие на водење на правилни економски политики на овдешните власти, или, пак, можеби станува збор за други мотиви „скриени“ во основата на нивниот позитивен „вординг“ за Македонија? Дотолку повеќе што овие признанија доааѓаат во време кога не само опозицијата, туку и значаен дел од економската експертска мисла предупредуваат дека Владата забрзано ја задолжува земјата, средствата се трошат за непродуктивни намени, инвестициите се ниски, деловната клима не е пријателска кон бизнисот, а невработеноста и сиромаштијата се и натаму на недозволиво високи позиции.

Опозициските социјалдемократи велат дека тие и натаму не отстапуваат од својот став дека Владата води погрешни економски политики. Експертите со кои контактиравме потенцираат дека македонската економија долг период наназад е соочена со низок раст, па ниту сегашноста, ниту иднината, не се толку оптимистички за да се пофалат.

Првиот човек на ЕБОР, Сума Чакрабарти, по средбата со Груевски остварена во понеделникот во Лондон, изјави дека Македонија има одличен напредок во макроекономските индикатори.

„Економскиот раст ги надмина прогнозите, и многу сме задоволни заради тоа. Економскиот раст е над просекот во Југоисточна Европа и земјата заздравува побрзо од земјите во Еврозоната. Невработеноста е се уште висока, но се намалува и тоа е значајно и за нас и за Владата. Она што треба да го нагласиме е дека Македонија ја засили инвестициската клима. Има голем напредок, а тоа го покажуваат резултатите. Кога одам во другите земји, велам дека треба да учат од Македонија“, изјавил Чакрабарти. Со него македонскиот премиер разговарал за веќе започнатите инфраструктурни проекти, но и за новите кои ќе стартуваат во наредниот период, со поддршка на ЕБОР.

Во ноемвриското издание на магазинот „Форбс“, пак, кој подготви специјална едиција посветена на земјава, Македонија се нарекува „бисер на Балканот“. Во текстот авторот ја посочува Македонија како бизнис-рај во Европа, која поседува одлична инфраструктура и исплатлива работна сила. „Форбс“ ги потенцира многуте поволности за водење бизнис во Македонија и наведува дека странските инвеститори добиваат непристрасен третман без ограничувања на профитот, а издатоците и оперативните трошоци се пониски од оние во соседните земји.

„ Со можности за проширување на производството, слободни економски зони, недвижности, туризам, земјоделството и многу други сектори, сега е вистинско време да се инвестира во Македонија“, заклучува авторот.

Утеха за дневна употреба?

Универзитетскиот професор и поранешен министер за финансии, Никола Поповски, смета дека изјавите дека нашата економија е добра во споредба со онаа на ЕУ, се само утеха за дневна употреба.

„Постигнувањата и потфрлањата на македонската економија се добро познати и одредени политички изјави или написи во странски медиуми што се платени и се под рубриката ’комерцијален оглас‘, не можат така лесно да ја сменат сликата. Македонската економија долго време е соочена со негативен или низок економски раст, постојано намалување на висината на реалните плати, екстремно висока невработеност и превисок степен на сиромаштија, како и континуиран и растечки тренд на задолжување на земјата по сите основи. Од тој агол ни сегашноста, ни иднината не се многу оптимистички за да се пофалат. Изјавите дека нашата економија е добра во споредба со онаа во ЕУ се само утеха за дневна употреба, бидејќи споредбата дека сме подобри од економијата на ЕУ, која е во зоната на блага рецесија, а нашата економија расте со околу 2 отсто, е несоодветна и ништо не значи. Тоа е трка за претпоследното место“, нагласува овој експерт.

Според него, на Македонија и е потребен многу подинамичен раст, што ќе го подобри стандардот и вработеноста, без што нашата економија нема да може така лесно да се споредува со економии што денес се најмалку десет пати поразвиени од нашата, и чии граѓани имаат исто толку поголем стандард од нашиот.

Кире Наумов, претседател на Економскиот совет на СДСМ, вели дека оваа опозициска партија ги почитува сите меѓународни финансиски институции, како и нивното мислење.

„Но, секогаш укажуваме дека тие, сепак, работат на комерцијални принципи, односно на крајот од секое свое инвестирање некаде, сакаат да остварат наплата на камати“, објаснува Наумов. Околу пораката од ЕБОР дека растот на Македонија ги надминува прогнозите, како и просекот на земјите од ЈИЕ, тој смета дека земјава е најнеразвиена во Југоисточна Европа, и воопшто во Европа, и врз основа на тоа, повисоките стапки на раст произлегуваат од ниската стартна основа. „Остануваме на нашиот став дека економската политика што ја води Владата е лоша, а Македонија и натаму останува најнеразвиената земја“, потенцира Наумов.

Владата во повеќе наврати досега истакнува дека оценките на меѓународните институции ги потврдуваат нејзините залагања за подобрувањето на економската слика во земјата, но дека таквите  резултати не може да ги види единствено опозицијата.  (Ф.Н.)

Можеби ќе ве интересира

ЧЕТИРИДНЕВНА РАБОТНА НЕДЕЛА: Овие земји ја испробаа и не се враќаат назад

ЧЕТИРИДНЕВНА РАБОТНА НЕДЕЛА: Овие земји ја испробаа и не се враќаат назад