30 Април, 2024
0.0368

Насловната на „Ролинг стоун“ – крајно паметен или крајно глупав потег?

Објавено во: Анализа 30 Јули, 2013

Добивај вести на Viber

Магазинот „Ролинг стоун“ изгледа ќе ја потврди тезата дека не постои лош публицитет.

Одлуката на насловната страница да се постави терористот Џохар Тзарнаев наиде на револт кај голем дел од населението во САД. Но сепак, како што минува времето, станува јасно дека на крајот магазинот ќе пројде без многу големи оштетувања по неговото реноме.

Решението на уредувачкиот тим да стави слика од Тзарнаев како некоја рок-ѕвезда во најмала рака е контроверзно и особено навредливо за луѓето што беа во Бостон на денот на нападите. Воопшто не чудат реакциите, кои беа доста жестоки и се преточија во забрани за овој број на магазинот и закани дека на некои места веќе никогаш нема да се продава.

Сепак, како што кажавме, крајниот резултат веројатно ќе биде позитивен. „Ролинг стоун“ успеа да ја натера нацијата да зборува за неговото најново издание и успеа неговото име без да плати ниту еден долар да се споменува на секоја голема ТВ-станица во 300-милионската нација. Луѓето секогаш се поттикнувани на реакции кога им сервирате ситуации на кои не се навикнати, кога им давате резултат што не го очекуваат и токму поради тоа ги терате да реагираат. Во овој случај магазинот користи неколку интересни тактики за поттикнување одредени реакции кај луѓето.

Мистичност – кога на луѓето ќе им сервирате терорист (што веројатно целиот живот ќе го помине во затвор), кој изгледа како Џим Морисон, создавате еден мистичен момент што ги поттикнува луѓето на некаква реакција. Без разлика дали таа ќе биде гнев или купување на магазинот, реакција мора да има. Луѓето обожаваат вакви неоткриени мистерии и прашања од типот како можеше ова момче да стане терорист. Без разлика дали продавате возило, услуга или весник, доколку имате момент на мистичност, ќе го имате и вниманието на вашиот купец.

Аларм – кога ги шокирате луѓето, ги терате веднаш да реагираат. Тоа е исто како да ви кажат дека од утре цената на горивото ќе биде 1 денар за литар. Веројатно шансите се 99% дека уште веднаш ќе заминете на бензинска пумпа и ќе го фатите редот за гориво. Затоа што се случува нешто што не е вообичаено, што ве тера веднаш да преземете некаква акција. Ќе се согласите дека ставањето на Тзарнаев на насловна активира внатрешен аларм.

Навидум едноставни, овие две мали алатки овозможија толку голем публицитет за ова списание, кое, според достапните податоци, има годишен тираж од 1,5 милион читатели. Од нив само 75.000 го купуваат магазинот во киосци, сите други имаат годишна претплата. Магазинот проценил дека ударот што некои продажни синџири го нанесоа повлекувајќи го од продажба нема да остави лузни затоа што и вака и така бројот ќе биде дистрибуиран до потрошувачите. Тука има уште една интересна особина, која можеби е земена предвид.

Луѓето сакаат конзистентност. Најдобро ни е кога сме во нашата комфорна зона и кога ги правиме работите што ни се познати. Кога ќе се навикнеме на некоја работа, многу тешко ја прекинуваме. Па така, доколку веќе имате годишна претплата за магазинот, сигурно дека нема да се откажете од неа, туку многу поверојатно е дека веќе од наредната недела (или во случајов за две недели) ќе заборавите на сѐ. Во овој контекст интересен е и феноменот на фондацијата на Ленс Армстронг, која и покрај признавањето дека се допингува, не доживеа страшен пад на донациите. Луѓето едноставно се навикнале да работат со него.

Ваквите насловни не му се новост на „Ролинг стоун“. Уште во минатото го шокираа светот кога правеа интервјуа со масовниот убиец Чарлс Менсон или, пак, во скоро време кога објавија што зборувал генералот Стенли Мекристал за потпретседателот Бајден, па тоа на крај доведе до оставка на генералот.

Користењето тактики преку кои ги вадиме луѓето од зоната на комфорот е секако ефективна, иако ризична алатка, за привлекување внимание. Коцката со таквите тактики веројатно на крајот ќе му се исплати и овој пат на „Ролинг стоун“. Сепак, прашањето за моралот на уредниците е сосема друга тема.

Милан Димитриоски