27 Април, 2024
0.0397

НЕМА ОДМОР ЗА СТРУМИЧКИТЕ ЗЕМЈОДЕЛЦИ: Почнаа со работа за производство на раноградинарските култури

Објавено во: Агробизнис 11 Декември, 2023

Добивај вести на Viber

Нема одмор за земјоделците во струмичко кои произведуваат раноградинарски култури. За нив и зимата е работна. Пред и по Нова година тие имаат обврски во полињата.

Произведуваат расад, а потоа ги засадуваат културите. Ристо Велков од Земјоделскиот Синдикат од Струмица oбјаснува дека за земјоделците постојано има работа.

„Веќе се сади пролетната зелка, пиперки, а оние кои имаат парно и домати“, рече Велков.

Симка Трајкова, агроном кој се занимава и со земјоделско производство, вели дека сега е клучно производството на расад, а расадување ќе следи во јануари.

„Во Струмица и Гевгелија земјоделците почнуваат со работа. Сега во леи, пластични или стиропорни контејнери, кој што користи и како му одговара,  се сади семе од пролетна зелка, пиперки, домати, а расадувањето е во јануари кога ќе поминат празниците. Тој расад си бара работа, следење, наводнување, дали му е потребна заштита или не. Доколку нема проблеми со почвата, доколку претходно немало некои аномалии, нема потреба од преместување на пластениците затоа што тоа бара време, работа, трошоци“, рече Трајкова.

Таа додава дека во струмичко освен најзастапените зелка, пиперки и домати, се садат и компири и модри патлиџани.

Од струмичките земјоделски аптеки додаваат дека за два месеци очекуваат поголема фреквенција на земјоделците, затоа  што ќе им требаат и препарати.

Семиња купуваат, а во февруари или март ќе доаѓаат за препарати. Најмногу работа имаме во лето. Земјоделецот сам ако не си даде одмор, работа си има постојано. Што се однесува до пластениците, некои ги растураат, а некои не, односно си продолжуваат со работа, со садење, како им одговара“, велат од струмичка земјоделска аптека.

Според податоците на Државниот завод за статистика, 93.143 тони домати се произведени во 2017 година во југоистичниот регион. За пиперките во истиот регион во истата година производството изнесувало 84.482 тони.  Бројките покажуваат огроми разлики, односно овој регион доминира во производството на раноградинарски култури во државата.

Сања Атанасовска

foto freepik.com/ilyaska

Можеби ќе ве интересира

ВО МАКЕДОНСКИТЕ ПЧЕЛАРНИЦИ СÈ ПОЧЕСТО ИМА ДРВЦА ПАУЛОВНИЈА: Кој е бенефитот од нив?

ВО МАКЕДОНСКИТЕ ПЧЕЛАРНИЦИ СÈ ПОЧЕСТО ИМА ДРВЦА ПАУЛОВНИЈА: Кој е бенефитот од нив?

ДОЖДОТ Е ПОВЕЌЕ ОД ДОБРЕДОЈДЕН: Сепак температурните шокови можат да направат проблеми на земјоделските насади

ДОЖДОТ Е ПОВЕЌЕ ОД ДОБРЕДОЈДЕН: Сепак температурните шокови можат да направат проблеми на земјоделските насади