НЕМА ВЕЌЕ ЛЕТОВИ КОН КУРДИСТАН: Ќе има ли економски санкции?
Објавено во: Свет 27 Септември, 2017
Турција ги укинува летовите кон Курдистан.
Летовите до градовите Ирбил и Сулејманија во автономниот курдски регион во Ирак ќе престанат во петок попладне, oбјави турскиот конзулат во Курдистан.
Во соопштението се додава дека во меѓувреме се работи на воведување поголем број летови до петок. Ирак ги повика меѓународните авиопревозници да ги суспендираат летовите во и од автономниот курдски регион веднаш по одржувањето на референдумот за независност. Изборната комисија на Курдистан соопшти дека повеќе од 92 проценти од гласачите се изјасниле за независност на Курдистан од Ирак. На независноста на Курдистан од Ирак остро се противат Турција и ирачките власти.
„Ако прогласат независност, Курдите ќе умираат од глад“- порача турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган нагласувајќи дека Турција ќе воведе економски санкции во истиот ден кога Курдите ќе прогласат независност.
Тоа конкретно значи дека Турција ќе го затвори нафтоводот преку кој што Курдите ја продаваат својата нафта на меѓународниот пазар, но Турција ќе ги затвори и границите и сите патишта кои што водат кон ирачки Курдистан. Тоа значи дека ќе бидат пресечени транспортните рути, па Курдите навистина можат да се соочат со глад.
Според агенцијата „Ројтерс“, 72 проценти од регистрираните 3,3 милиони гласачи излегле на референдумот, 92,73 проценти од важечките гласови се за независност, а 7,27 проценти се противеле.