04 Мај, 2024
0.0302

IN MEMORIAM: Немам семејство, ниту пријатели, студот ми е душман, а музиката дом!

Објавено во: Анализа 30 Ноември, 2013

Добивај вести на Viber

“Живеам од и за музиката. Ништо друго незнам да работам, освен да пеам и кога ми се плаче, да ги забавувам другите и кога ми е најтешко- а честопати е повеќе тешко,  отколку лесно” - вака ја започнува својата животна приказна,  уличниот музичар Слободан  Симоновски. Низ градот го знаат  како Цобе, кој  веќе пет години, со својата гитара, свири на отворено, во Градскиот Трговски Центар. Вели, луѓето ме познаваат, ја познаваат и мојата музика, сакам рокенрол,  и се трудам да ја доловам колку што можам поавтентично секоја песна,  до оние кои веќе се навикнати да ги слушаат песните кои ги изведувам. И на топло и на ладно, неговите  раце се навикнати да свират.

Во зима, вели, му  е потешко, бидејќи ниските температури го кршат и најсилниот јунак.

“Колку и да сакам, неможам повеќе од два –три часа да бидам на отворено. Покрај мене секојдневно минуваат илјадници лица, некои ги познавам бидејќи не ме одминуваат а да не ме поздрават, да се насмевнат и да ме прашат како сум! А, тоа верувајте многу ми значи. Вадам колку за леб и да го поминам денот. Со мене веќе пет години свири и мојот пријател и колега Ванчо Арсов, но тој на крајот од денот има семејство каде да се врати. Јас останувам сам со мојата гитара. Таа е,  морам да признаам , мојот најверен пријател.

Животот на улица е многу тежок. Немам семејство, немам роднини, само неколку пријатели со кои не ме врзуваат многу убави нешта. Сакам да му се радувам на животот, но немам конкретно на што,  освен на музиката. Кога свирам некои песни во кои многумина препознаваат радост, мене ми плаче душата, зошто  можеше да биде поинаков и подобар и мојот живот. Поминав низ многу животни искушенија, се борев со алкохолот и сеуште ја водам таа битка на искушенија.  Испуштив неколку животни прилики да создадам семејство, пријателство и дом,  и на крајот повторно останав сам. Немам постојано место на живеење, бидејќи гаражите, подрумите или трошните куќарки се лесна мета на разбојништво. Ме бркале од многу места и затоа немам постојано место кадешто можам да преноќам. Во петок одам во пунктот за бездомници во Момин поток, да се избањам, да каснам топол оброк. Летно време можам полесно да се снајдам, во зима е многу тешко. Понекогаш останувам во пунктот, но само накратко, а храна и топол кревет требаат секој ден нели?”- вели уличниот музичар Слободан Симоновски-Цобе.

Подалеку од лажни пријатели!

Лажниот пријател  е  како сенка. Кога е сончев  денот не можете да се ослободите од него, а кога е невреме неможете да го најдете, вака низ смеа го опишува своето животно искуство со пријателите, вистински или не, уличниот музичар Слободан-Цобе.  Низ триесет години поминати со музика, секојдневнието му  е пропратено со многу луѓе, од кои повеќето, вели,  лажни пријатели.  Денеска, додава,  е тешко да најдеш луѓе кои ќе те разберат или уште помалку ќе ти помогнат.

Омразата се вкоренила меѓу луѓето. Порано не беа такви!-се сеќава Слободан.

“Во мојот живот имав падови и подеми, барем да речам, по некој убав ден кога ќе се сретнеш со луѓе кои ќе те разберат. Не дека било многу поинаку, ама барем имаше муабет. Тогаш и сиромаштијата не се чувствуваше толку многу. Сите возеа, или барем повеќето, имаа  едноставни коли, ние ги викаме уште “југословенски”, кои денес ги нема ни за во музеј. А, застанете, еве пред ГТЦ, и само упатете еден поглед на паркингот, на главаната улица! Се возат скапи коли, сите брзаат некаде, ќе ве згазат, но нема да ве погледнат. Мене често ми се случува додека свирам, да застанат некои луѓе и со потсмев да ми речат “фати се за мотика, а не за музика!”. Тоа според мене може да го каже само некој многу зол, гневен или некој кој никогаш не ја сакал или почуствувал силата на музиката. Музичарите ќе ме разберат, како е да се живее од и со музика”-додава Цобе.

Со музика до корка леб!

Во светот уличните музичари се многу ценети. И платени, се разбира. Тоа е професија како и сите други, но многу поценета, од обичните граѓани,  од општината, државата. Слободан  Симоновски-Цобе, веќе пет години работи како уличен музичар, под покровителство на град Скопје, преку проектот за културно-забавно  анимирање на граѓаните низ повеќе локации во централното градско подрачје. Неговата локација со години е непроменета-Градскиот Трговски центар.

“Јас веќе пет години работам како уличен музичар, неможам да се пожалам, благодарен сум и на таа можност што ми се даде, да се допре до денар плус. Ни оддалеку  тие 10 000 денари, не се доволни за нормален живот,  со кои  би се подмирувале сметките,  или да се најде пристојно место за живеење.  Но,  колку да има за леб, се наоѓа. Не е тешко да ги забавуваш случајните минувачи, тешко е што никој сериозно  не ја сваќа желбата да го работиш она што навистина го умееш. Да не се налути некој, но има поквалитетни и поталентирани музичари на улица, отколку некои на естрадата.  Само овие првите работат за корка леб, а некој без труд и без талент, но со пари, успева да се протне меѓу ѕвездите. Ние со работа почнуваме во мај и работиме до декември, и после има неколку месеци пауза.Тогаш останувам само на улицата. Тие денови за мене се најтешки. Што ќе правам до мај незнам, баш во најголемата зима?!” –додава Слободан.

Она што влева трошка надеж и среќа кај нашиот соговорник, се новогодишните празници. И тој, како и повеќето граѓани со воодушевување ги чекаат. Но, едни за да ја збогатат семејната атмосфера, со свеќи, богата трпеза, подароци и топол дом, а музичарот Слободан , за да прибере денар плус за долгите зимски месеци кои го очекуваат. Тогаш ќе има помалку работа, помалку храна.  Тогаш вели,  и деновите се подолги, чиниш бесконечни, зошто на температури под нулата мрзне и животот на улица,  кој неможе да го затопли ниту најубавата песна отсвирена на гитарата на Цобе.

С.Б.

Можеби ќе ве интересира

ЧЕТИРИДНЕВНА РАБОТНА НЕДЕЛА: Овие земји ја испробаа и не се враќаат назад

ЧЕТИРИДНЕВНА РАБОТНА НЕДЕЛА: Овие земји ја испробаа и не се враќаат назад