НЕСМАСНА ИЗЈАВА НА АХМЕТИ: Ние сме земја без име
Објавено во: Македонија 09 Февруари, 2018
Ние сме земја без име, со привремена референца, која се труди да го добие името кое и припаѓа, изјави за грчката телевизија „Скај“ лидерот на ДУИ, Али Ахмети.
Оваа изјава наиде на реакции.
Вицепремиерот Бујар Османи вели дека оваа изјава е дадена во позитивен контекст, а се однесувала на името на државата во меѓународните институции.
„Изјавата на Ахмети беше дадена во позитивен контекст. Во смисла дека Република Македонија во меѓународните институции реално е признаена под референцата ФИРОМ, која ниту е желба на граѓаните ниту е прифатена од граѓаните ниту е постојано решение. Буквално во меѓународните институции ние имаме некое привремено решение, ние немаме име. И во тој контекст господинот Ахмети вели дека преговорите се однесуваат на решавање на тој спор и замена на референцата со име кое што ќе биде трајно“- вели Османи.
Запрашан за тоа дали би поддржал одредени промени во Уставот доколку преговорите за името тргнат во таа насока, Ахмети истакнува дека владејачкото мнозинство е подготвено на тоа бидејќи постои цврста решеност за интегрирање на земјата во НАТО и ЕУ.
Ахмети Владата ја окарактеризира како реформаторска и додава дека кај неа постои вистинска волја да се затвори 25-годишниот проблем меѓу Скопје и Атина.