29 Април, 2024
0.0262

Оценки за македонските административци: За петка бонус плата, за единица бркање од работа!

Објавено во: Анализа 09 Јануари, 2014

Добивај вести на Viber

Административните службеници, еднаш годишно, ќе добиваат оценки од кои ќе им зависи работното место, но и тоа дали ќе бидат наградени или казнети. Оценките ќе бидат од 1 до 5, а ќе ги делат претпоставените и колегите. Оние со највисоки оценки ќе добијат бонус, оние со најниски оценки ќе бидат избркани од работа. Ова се предлага со новиот закон за административни службеници што е во собраниска процедура. Во зависност од просекот од сите добиени оценки, годишната оценка на административниот службеник може да биде оценет како:
  •   „особено се истакнува”, доколку има вредност од 4.51 до 5.00;
  •   „се истакнува”, доколку има вредност од 3.51 до 4.50;
  •   „задоволува”, доколку има вредност од 2.51 до 3.50;
  •   „делумно задоволува”, доколку има вредност од 1.51 до 2.50; и
  •   „не задоволува”, доколку има вредност од 1.00 до 1.50.
Оние кои ќе добијат годишната оценка “особено се истакнува”, ќе бидат наградени со бонус односно најмногу една платата, а оние кои ќе добијат оценка „не задоволува”, ќе им престане работниот однос. Административниот службеник кој ќе добие оценка „делумно задоволува”, ќе му биде намалена платата најмногу во износ од 30% во период од една година, а доколку во две последователни оценувања истиот административен службеник добие оценка „делумно задоволува”, ќе му престане работниот однос. Кој ќе го врши оценувањето ? Административниот службеник ќе има еден главен „оценувач“ чија оценка ќе биде од особено значење во конечната оценка и уште четири други „оценувачи“. Главниот оценувач ќе биде претпоставениот административен службеник, т.е секретарот или раководното лице на институцијата, а другите оценувачи ги бира административниот службеник во договор со неговиот оценувач.

„Годишната оценка на административниот службеник се добива врз основа на оценката на оценувачот, со тежински фактор од 75%, како и од просечната оценка од четири други административни службеници со кои административниот службеник непосредно соработувал и тоа двајца на пониско и двајца на исто ниво, како и двајца оценувачи кои не се вработени во институцијата, а со кои административниот службеник има непосредна соработка, со тежински фактор од 25%. “

За административниот службеник кој при извршувањето на работните задачи има постојан непосреден контакт со граѓани и за кој постои механизам за оценување на неговата работата од страна на граѓаните, во годишната оценка за учинокот како други оценувачи кои не се вработени во институцијата, се сметаат граѓаните. „Со оценка “5”, може да бидат оценети најмногу 5% од вработените административни службеници во институцијата, односно најмногу еден административен службеник за институции со помалку од 20 административни службеници.“ УПОЗ: предлог законот остава простор за манипулации и субјективни оценки Синдикатот на Управата, Правосудните Органи и Здравството овој начин на оценување е врз основа на субјективни критериуми и остава простор за маниупулации.

„Во делот на управување со учинокот на административните службеници воведени се новини во оценувањето, но со низа недоречености и можност за притисоци врз административните службеници кои се оценуваат, но и се остава простор за психичко вознемирување-мобинг. Она што е важно е дека недостасува основата на оценувањето, не е пропишана методологијата по која ќе се врши оценувањето. Ваквиот предлог не се заснова врз објективни критериуми кои оценувачите ќе ги раководи во самата постапка за оценување, односно оценувањето би се засновало исклучиво на субјективен критериум. Потребно е да се предвиди и задолжително учество на синдикатот во постапката заоценување, вели претседателот на УПОЗ Пеце Груевски.

Од УПОЗ ја оспоруваат и одредбата според која со оценка “5”,може да бидат оценети најмногу 5% од вработените административни службеници во институцијата, односно најмногу еден административен службеник за институции со помалку од 20 административни службеници.

„Со ова се дискриминира одредена група на административни службеници кои покажуваат задоволителни резултати, а не се во можност заради ограничувањето во процентот да ја добијат највисоката оцена“, смета Груевски.

Понатаму со предлог-законот предвидено е за административниот службеник кој при извршувањето на работните задачи има постојан непосреден контакт со граѓани да биде оценуван и од граѓаните.

„Ова не претставува критериум на оценување кој исклучиво зависи од извршувањето на неговите работни задачи и обврски на“шалтерскиот службеник”од причина што административниот службеник кој ја завршил работата во дадениот рок може да чека повратно одлука по предметот од организационата единица кој а го работи или доколку е изготвена одлука се чека потпис кај непосерениот раководител или функционер, што не е вина на непосредниот службеник кој работи на шалтер, и експедитивноста по предметите, постапувањето и одлучувањето не зависи исклучиво од административниот службеник“, вели Груевски

За минималниот број "особено истакнати" службеници предвидена е награда од најмногу една плата, но затоа со една оцена незадоволува е предвиден престанок на работниот однос, а пак за работниците кои "делумно задоволуваат" се предвидува намалување на платата во висина до 30% во период од една година. Ако уште еднаш бидат оценети со делумно задоволува им следува отказ.

„По која методологија делумно ќе задоволуваат, а ќе претрпат огромни финансиски импликации. Намалувањето на платата за 30 % на службениците кои делумно задоволуваат не е се’ако истите се најдат последни на ранг листата,ќе им биде намалена платата во износ од најмногу 20% во период од една година. Имено предвидено е дека на последните 2% административни службеници од ранг листата, да им биде намалена платата во износ од најмногу 20% во период од една година. Под претпоставка дека сите во институцијата се одговорни службеници и се истакнуваат во работата, согласно оваа одредба на последните 2% од ранг листата мора да им биде намалена платата, смета Груевски.

Во предлогот на законот не е предвидена дисциплинска постапка при изрекување мерка за дисциплинска неуредност. Односно се предвидува директно изрекување на мерка без спроведена постапка за утврдување на одговорност. Ова остава простор работодавачот да може да казнува без запазување на законита постапка за утврдување на одредена состојба и без утврдување на вина на административниот службеник во постапка утврдена со закон ССМ, Живко Митревски: Прифатени се наши заблешки и работиме на подобрување на законот За разлика од ставот на гранковиот синдикат УПОЗ, лидерот на ССМ Живко Митревски на заедничката прес конференција со министерот за информатичко општество и администрација истакна дека дел од забелешките што тие ги имаат за законите веќе биле прифатени, а доколку имаат нови и тие ќе ги достават до министерството.

„Она што беше проблематично и што предизвикуваше дилема, го решивме на начин што секаде ги ставме во функција и колективните договори. Имаме и предлог забелешки кои се поврзани со поразработената постапка околу оценувањето и казнувањето. Преговорите околу ваквите забелешки ќе продолжат со цел да утврдиме предлози на закони кои ќе бидат во функција“, истакна Живко Митревски, ССМ.

Остра дебата во собранието за законите за администрација Предлог законите се во собраниска процедура, во прво читање, но сериозно ја разбрануваа јавноста. За опозицијата, новите закони служат за заплашување на администрацијата.
„Заплашување и тоа токму на онаа администрација која е донесена со партиски книшки од ВМРО-ДПМНЕ. Дали овој закон важи за оние 1500 луѓе што седат дома и земаат плата, тоа не знам. Или ова заплашување со законот оди во прилог на неисполнетото ветување на Груевски веќе 4 или 5 години за 5 % зголемување на платата на јавните службеници. Нема зголемување на платата, ама ќе ќутите затоа што имаме закон со кој што ќе ве истераме од работа“, изјави Јани Макрадули од СДСМ од собраниската говорница.
За владејачкото мнозинство, пак овие закони се реформски.
„Носењето на еден ваков закон претставува еден од најреформските потези што може кое било владејачко мнозинство и влада да го направат. Потег којшто не секогаш е популарен и навистина треба да се има и политичка волја и храброст да се преземе ваков чекор, имајќи ја предвид и големината и комоцијата којашто по дефиниција ја чувствува јавната администрација“, вели изјави од собраниската говорница Александар Николовски од ВМРО-ДПМНЕ.