29 Април, 2024
0.0263

Весела економија: Од „болниот на Балканот“ до „економски БУМ“ 2013!

Објавено во: Анализа 31 Декември, 2013

Добивај вести на Viber

Истоштена економија болна од рецесија, нови долгови и драматична политичка неизвесност како последица на „црниот 24 декември“. На вакви темели стартуваше 2013 година. Ја оставаме зад нас со стапки на раст кои се прогласени за економско заздравување, но и уште поголем јавен долг на државата. Политичката сцена, барем навидум, е порелаксирана од онаа со која стартуваше. Што ќе донесе новата 2014, засега прогнозите се различни, зависно од тоа од каде доаѓаат. „Фактор“ направи ретроспектива на клучните економски движења што ја одбележаа годината во заминување. Поучена од претходните искуства со промашување на прогнозите, Владата во 2013 тргна со скромно предвиден економски раст од 2 отсто. Стартните позиции беа буџет тежок 2,7 милијарди евра и дефицит од 3,5 отсто од БДП, како и државен долг од 32,1 отсто. Јануари почна со целосно „стокмена“ финансиска конструкција за 2013, бидејќи на само два дена пред истекот на претходната година мнозинството пратеници во Собранието, без присуство на опозиционерите, го озаконија задолжувањето кај Дојче банк, тешко 250 милиони евра. За овој кредит гарантираше Светска банка, што беше и главна причина за поволната каматна стапка од 3,8 отсто. Парите се чекаа веднаш, но малку задоцнија и стигнаа на крајот на месецот. А токму на 8 јануари, државата во само еден ден требаше да испорача огромна сума од дури 183 милиони евра за еврообврзницата. На точно утврдениот датум, исплатата целосно се реализираше. Големите задолжувања на домашниот пазар не запираа ни од почетокот на 2013. Банките, пак, цела година како да се натпреваруваа која повеќе ќе ја кредитира Владата. Воопшто не им пречеше што таа ја намали каматната стапка на нивните позајмици, а тоа го направи уште во два наврати до крајот на годината. НБМ ја релаксираше монетарната политика, со што референтната каматна стапка од 3,75 отсто, се намали на 3,5 проценти. Но, јануари беше и месец на големи очекувања, бидејќи еден од нашите „најнадежни“ инвеститори, Индиецот Субрата Рој, заедно со речиси половина владин врв, во Охрид го презентираше проектот за ултра луксизен туристички комплекс, што неговата компанија планирала да го гради во Љубаништа. Година потоа, изградбата уште е во фаза на најава. Вториот месец го означи порастот на индустријата, која за прв пат по 17 месечен исцрпувачки пад, оствари плус од 4,5 отсто, кој продолжи и во наредните месеци. Крајот на февруари и донесе уште еден значаен „поен“ на Владата. Таа целосно успеа да го оствари ветувањето дадено на компаниите, дека ќе им го исплати вкупниот заостанат долг од дури 92 милиони евра. Иако, овде реално немаше простор за поентирање, бидејќи станува збор за средства што тие ги заработиле, и секако мора да ги диобијат. Но, исплатите не останаа без последици за буџетската каса. Таа во февруари и во март драматично се испразни, токму заради владините раздолжувања кон бизнисот, но и поради „ударничките“ делења субвенции на земјоделците. Опозицијата и дел од експретската јавност тврдеа дека претстојните локални избори се главната причина за владината дарежливост. За само три месеци буџетот „прокнижи“ дефицит од дури 186 милиони евра, или 65 отсто од вкупно проектираниот минус за цела година. Банкарскиот сектор во март го доживеа еден од најголемите менаџерски трансфери. Заминувањето на Глигор Бишев од челната позиција во Стопанска банка, со која успешно раководеше повеќе од 12 години, и преминувањето на чело на Шпаркасе банка, долго ја брануваше домашната банкарска и бизнис-сцена. Но, банкарите се занимаваа и со една друга, понепријатна работа, а таа е високит раст на лошите кредити, кои се искачија на 11,7 отсто од кредитното портфолио. Затоа и ги затегнаа кредитните вентили за фирмите, па за првите три месеци кредитниот раст се сведе на само пет проценти. Април помина во знакот на посетата на Мисијата на ММФ. Монетарците излегоа со пофалби за справувањето со кризата, но и со предупредувања за ризиците. Шефицата на Мисијата, Ивана Владкова- Холар, порача дека еден од клучните предизвици во наредниот период ќе биде постепено намалување на буџетскиот дефицит и јавниот долг. Студен мајски туш добивме од рејтинг агенцијата „Стандард и пурс“, која го намали кредитниот рејтинг за земјава од ББ стабилен на ББ негативен. Тоа, според експертите, ќе значи поскапување на кредитите што земјава би ги земала на меѓународните пазари. Само неколку часа потоа, жестоко возврати ресорот за финансии, според кој „агенцијата, зборувајќи за случувањата во Собранието при носењето на буџетот, си дозволувала да се меша во внатрешната политика на земјава“. Јуни го означи стартот на задолжителната котација на Берзата, прво со 30 компании кои го „отворија“ своето работење за јавноста. Но, најбитната работа во шестиот месец беше веста што тогаш ја донесе Државниот завод за статистика, дека БДП во првиот квартал пораснал за 2,9 проценти, по минусот со кој заврши 2012. Главниот двигател на растот беше градежнштвото, кое покажа фантастична стапка од дури 36,8 проценти. Во вториот квартал следуваше уште повисок раст, 3,9 отсто. Ударна тупаница, повторно градежништвото. Земјоделството се покажа како слаб економски „играч“, со стапка од само 0,4 отсто, иако за него државата секоја година издвојува по над 100 милиони евра субвенции. Владата задоволна, ја прогласи Македонија за една од најбрзорастечките економии. Но, експертите укажаа дека стапката во вториот квартал е висока и заради ниската споредбена основа од минатата година. Стапка од 3,3 проценти донесе и третиот квартал, правејќи го патот за годинава со сигурност да се прогнозира дека растот ќе биде не помал од три проценти. Јули, пак, малку беше „затемнет“ од извештајот на ММФ за Македонија, со кој за прв пат стана јасно дека фондот е загрижен не само заради брзината со која расте јавниот долг, туку и затоа што во бројките што власта ги презентира за задолженоста, не се вклучени и обврските на јавните претпријатија, пред се она за државни патишта. Седмиот месец ни донесе нов „рој“ планови од Субрата Рој, кој за време на својата посета на земјава пушти нова „инвестициска бомба“, а таа е дека за три години ќе инвестира дури 200 милиони евра во агрокомбинатот „Џумајлија“. Изградба на модерна фабрика за добиточна храна и млекарница со фарма, нови вработувања, фантастични 20 илјади крави, се само дел од богатството задачи кои си ги зададе индискиот бизнисмен. Неизвесноста околу овој проект уште не може да се расчисти. Во септември, пак, најголем интерес предизвика трговската војна меѓу Македонија и Косово, која една недела силно ја креваше температурата меѓу двете земји. По неколку контакти меѓу функционерите на двете земји, во кои имаше и „повисоки тонови“, ситуацијата на крај се разреши, но никој не објасни зошто всушност избувна кризата. Овој месец го одбележа и двочасовното обраќање на премиерот Никола Груевски пред бизнисмените од сите стопански комори, каде тој ги даде клучните економски насоки и најави за наредниот период. Зголемување на пензиите и социјалната помош од март и на платите на администрацијата за пет отсто од октомври, кинески кредит за двата автопати, нов закон за финансиска дисциплина со кој сите ќе мора да си ги платат обврските за 60 дена, а ќе биде опфатена и Владата, ѕид на срамот за даночните неплаќачи, забрзување на долгогодишните стечаи, се само дел од промовираните новини, кои беа наградени со силен аплауз од стопанствениците. Во ноември, пак, вниманието почна да го одвлекува дотогаш заспаната берза, заради порастот на акциите на „Фершпед“, тогаш на 65.000 денари. Тоа беше најава дека во компанијата ќе се случуваат сопственички прегрупирања, кои доведоа и до обвинувања за незаконско работење, што до небо ја вивнаа цената на акцијата. Стартуваше и жестока расправа за буџетот за 2014 во Собранието, најголем досега и тежок 2,87 милијарди евра. Опозицијата го оцени како прегломазен и неразвоен, буџет на нови долгови, Владата возврати дека тоа го кажале и за годинашниов, но реалноста целосно ги демантирала. И покрај силните вербални обвинувања и контрареплики, пред неколку дена буџетот се донесе „без мускули“, во регуларна собраниска атмосфера. Странските инвестиции годинава ја поправија својата крвна слика. Во слободните зони работат повеќе компании, меѓу кои „Џонсон Контролс“, „Џонсон Мети“, „Кемет Електроникс“, „Текнохозе“, „Продис“..., некои и со по два производствени капацитети. Нивниот извоз до крајот на годинава се очекува да достигне повеќе од 760 милиони евра, а бројот на вработени веќе е 2.500 лица. Заклучно со септември вкупните СДИ во земјава се на ниво од 183 милиони евра. Декември почна со наградна игра на Владата „фискална во рака – награди без мака“, која ги испразни пликоата од книжарниците, а ќе видиме дали и колку го наполни буџетот. Тоа не ги спречи експертите уште еднаш да порачаат дека или треба да се намалат буџетските трошења, или ќе мора да се зголемат даноците, но Ставрески уште подецидно потврди дека тоа нема да се случи во идната година. Во отсуство на податоци за крајот на годината, можеме да констатираме дека таа ќе заврши со солидни стапки на раст, за кои признание оддадоа и ММФ и Светска банка. Но, стојат и нивните предупредувања – внимателно со трошењата и со јавниот долг, иако тој не се наоѓа во опасната зона. Буџетот, како и секоја година, нема да се реализира според плановите, со кусок и кај приходите, и кај расходите, но и со нецелосно реализирани капитални инвестиции, барем до крајот на ноември. 2013 ќе финишира и со непријатни „честитки“ од глобалниот ТВ сервис „Си-Ен-Ен“, кој ја вброи нашата држава меѓу петте најлоши економии во светот. Набргу потоа и „Економист“ се обиде да ни ги загорчи новогодишните прослави, ставајќи не во групата земји со висок ризик. Впечатокот малку го поправи „Форбс“, рангирајќи не на 36 место во светот или втори на Балканот, според поволностите како бизнис средина. Големиот дел од граѓаните, пак, на финишот на оваа, не ни чувствуваат некоја поголема разлика во однос на минатата година. Многумина уште не ги заплиснал оптимизмот, па и натаму ја чекаат ветената економска благосостојба. Н.Ф.