05 Мај, 2024
0.0233

Од другата страна на глобусот

Објавено во: Анализа 01 Октомври, 2013

Добивај вести на Viber

И покрај сите проблеми што ги имаат во последниве години, САД сепак се најголемата економија во светот. Со БДП од 15,5 трилиони долари тие се убедливо најголемата економија во светот, гледано по номинален параметар и изразено преку куповна моќ. Единствена сила што може да им го одземе овој примат е НР Кина, која со степенот на пораст опасно им се приближува. Но Кинезите тоа го постигнуваат со четири пати повеќе население. Од друга страна, прашање е дали темпото на пораст може да продолжи да биде силно како во изминатите неколку декади. Треба да се забележи дека Кина тој пораст го направи со постепено вградување на пазарните принципи, многу одамна прифатени во најголемата економија во светот. Иако многумина и предвидуваат крај на доминацијата на Америка, сепак таквите предвидувања можеби се малку избрзани.

Впрочем, и покрај се, оваа земја останува најинтересно место за луѓето што сакаат да ја напуштат земјата во која живеат. САД годишно примаат повеќе од еден милион емигранти, поточно толкав број луѓе годишно добиваат документи за постојано жителство во земјата. Ниту една држава во светот не прима ни приближно толку многу емигранти. Ниту една држава не добива толку барања за постојан престој. Според некои податоци, секоја година на лотаријата со која на 55.000 луѓе им се овозможува да добијат престој во САД се пријавуваат фрапантни 10-20 милиони луѓе. Овие факти всушност покажуваат колку е силен интересот за да се проба среќата во оваа земја. А емиграцијата всушност е и моторот на САД, барем досега. Токму затоа можеби земјата нема службен јазик, а само 20 милиони луѓе се декларираат како Американци. Поголемиот број на пописот го внесуваат и етничкото потекло. Можеби поради ова САД се земја на крајности, земја во која живеат истовремено ултра-богатите и ултра-сиромашните. Со 15% сиромаштија САД се на врвот на листата на развиени земји гледано по овој податок.

Очите на светот постојано се свртени на таа страна од глобусот. Со 15 трилиони долари годишен БДП, моќта да влијаете на процесите е исклучително голема. Ништо чудно што кризата започна во САД и се прелеа буквално во целиот свет. Ниту една друга регионална криза немала ни приближна сила да го затресе светот како онаа што пред неколку години се одвиваше во САД. Започна како меур со недвижности и на крајот се претвори во полна криза, која по вертикала го затресе целиот систем. Во центарот на кризата беа Федералните резерви и Бен Бернанке, човекот што се уште е на чело на оваа веројатно најмоќна монетарна организација во светот. Човекот што ја студираше големата депресија доби задача да спречи нова, по магнитуда многу пострашна. На страна сите причини за настанувањето на кризата, главниот проблем беше недостигот на кредит во системот. Моторот на развојот е кредитот, неговото течење од банките кон сите на кои тој кредит им е потребен. Убавината на системот, и покрај сите негови забелешки, е тоа што создава мултипликација на парите. Банките ви даваат пари за вие да правите пари и на крајот сите излегуваат во ќар. Проблемот е што да се прави кога веќе нема кој да ви даде кредит. Изборот се сведува на три варијанти: намалување на трошењето, редистрибуција на богатството преку зголемени даноци и слично и печатење пари. Ова последново е привилегија што во основа ја имаат многу мал број земји. Доколку, на пример, ние решиме да го направиме тој процес, сигурно ќе завршиме со хиперинфлација и обезвреднета валута, затоа што нашите пари никој во светот не ги сака, бидејќи нема што да прави со нив. Впрочем, како и на секоја мала и средна економија. Од друга страна, доларот се уште е број еден валута во светот. Најголем дел од кеш парите (хартиени) се надвор од САД. Годините на светска доминација направија Американците да имаат компаративна предност пред сите други. Бернанке го одбра најбезболниот од трите модели. Печатење пари. Увиде дека во основа предноста треба да се искористи. Благодарение на внесувањето свежи пари во системот и тргање на токсичните хартии од билансите на банките го одмрзна кредитниот процес. Паралелно со внесувањето пари им овозможи на банките помирно да го минуваат таканаречениот процес на делевериџинг или раздолжување. Паралелно остави време на мир да се донесат решенија што ќе спречат да се повторат ваквите настани (иако времето не беше баш најдобро искористено). Во меѓувреме од сите развиени земји САД покажаа убедливо најсилни стапки на пораст, додека компаниите паралелно намалуваа трошоци и значително ја зголемија продуктивноста. Во основа се комбинирани сите три мерки, но тие беа можни најмногу поради силната интервенција на ФЕД. За жал или за среќа системот е поставен на таков начин што мора да има експанзии и рецесии, процесот не може да се одвива на друг начин. Исто така, факт е дека таквата ситуација е исклучително тешка доколку сте обичен работник и живеете во време на рецесија, но засега друг модел не е испробан. Критичарите велат дека се потребни многу реформи на овој систем. Има голем број обвинувања дека долгорочно ова што го направил Бен ќе предизвика големи проблеми во самата економија. Но засега, доколку ги гледаме макрорезултатите, работата е добро завршена. Економијата е динамична работа, никогаш не е постојана, но по повеќе години криза можеме да кажеме дека САД најдобро се справија со целата ситуација. Милан Димитриоски 

Можеби ќе ве интересира

ЧЕТИРИДНЕВНА РАБОТНА НЕДЕЛА: Овие земји ја испробаа и не се враќаат назад

ЧЕТИРИДНЕВНА РАБОТНА НЕДЕЛА: Овие земји ја испробаа и не се враќаат назад