16 Мај, 2024
0.0273

Од кај нас ќе си купат куп пива и шетаат по паркови, групирање има и по бензински и пекарници - УГОСТИТЕЛИТЕ ЛУТИ НА ВЛАДАТА

Објавено во: Економија 27 Октомври, 2020

Добивај вести на Viber

Повторно нема правда за угостителите. Иако Комисијата за заразни болести препорача после 23 часот да не смеат да работат сите економски оператори, на крај Владата „пресече“ дека оваа рестрикција ќе важи само за локалите, кафе баровите и рестораните.

Ова значи дека ако угостителските објекти веќе од петокот минатата недела беа принудени да ги затворат своите врати за посетителите во 23 часот, тоа не важеше за редица други бизниси кои функционираат до доцна во ноќта. Бензински пумпи, маркети, сендвичарници, пекарници, обложувалници... Сите тие не смеат да нудат угостителски услуги, но продолжуваат да функционираат под едно или друго образложение. За угостителските објекти, пак, е стриктно одредено дека мора да стават клуч на врата на еден час пред полноќ.

Од Владата вчера излегоа со невешто оправдување. Велат дека таква препорака дала Комисијата за заразни болести, чии членови, пак, „не биле доволно економски стручни“ за да направат разлика што конкретно значи економски оператор. Од власта тврдат дека угостителите се помогнати со сите досегашни четири сета на економски мерки, а доколку има потреба, ќе бидат опфатени со нови мерки и во наредниот период.  

Од друга страна, пак, неофицијални извори од Комисијата за заразни болести за Фактор говорат дека се револтирани на владиниот Кризен штаб и на Владата воопшто, бидејќи нивната јасна препорака после 23 часот да не работи воопшто ниту еден економски оператор, на крај значајно се видоизменила и се претворила во тоа да се воведе забрана само за угостителските објекти.

А угостителите велат дека и се лути на Владата што повторно, во најновиот бран на рестриктивни мерки, извисија само тие, и ниту еден друг економски оператор. Се прашуваат каква е логиката на власта да ги затвори само нив. 

„Во последниве денови откако важи забраната, се случува во 15 минути до 23 часот да дојдат во нашиот локал неколку млади момчиња, да си купат еден куп шишиња пиво и да си излезат надвор да си ги пијат, дали по улици, дали низ парк, дали во некој стан, не знаеме, но сигурно не си отишле секој по дома. Што значи, не се спречува групирањето како што очекува Владата“, вели за Фактор сопственик на еден долгогодишен локал.

И тој се прашува дали групирањето ќе се спречи на тој начин што до доцните часови продолжуваат да си функционираат пекарници, сендвичарници, бензински пумпи...

Овој угостител е револтиран поради тоа што во земјава излезе како сите проблеми со ширењето на вирусот ковид-19 да произлегуваат токму од локалите и рестораните.

„Треба да сфатиме дека проблеми со групирање на луѓе направија само неколку угостителски објекти. И сега заради нив, настрадавме сите ние кои ги почитувавме сите протоколи. Излегува дека властите не можеа да се справат со тие неколку недисциплинирани угостители, па се забрани работењето на сите после 23 часот. Не треба сите да не ставаат во исти кош“, вели овој сопственик на еден локал.

Од друга страна, тој додава дека и во маркетите, кои се исто така затворени простории, влегуваат многу луѓе, а често и таму не се почитуваат протоколите, пред се во смисла на бројот на граѓани кои влегуваат, па често и таму се создава поголем метеж од оној што е дозволен според новите здравствени првила.

Овој угостител вели дека веќе од петокот, низ локалите дошле голем број инспектори, уште во 23.10 часот, да проверат дали тие ги затвориле своите објекти. Смета дека нема потреба од толкава недоверба и толку ревносни контроли само за нивниот сектор.

А новата мерка која трае неколку дена, сериозно им се одразува на прометот.

„Секако дека се одразува. Тој еден час помалку многу ни значи, нашите гости сакаат уште малку да го продолжат дружењето, а во петок и во сабота работното време ни е скратено за цели два часа. И ќе повторам, најмногу боли тоа што ова важи само за нас, а не и за многу други бизниси каде што има групирање“, објаснува овој угостител.

За владините мерки за помош вели дека се добредојдени, односно дека „добра е секоја поддршка која им помага да го пребродат досегашниот тежок приод. Во неговиот локал досега нема отпуштања, а платите не се намалени и редовно се исплатуваат до денар. Но, вели, прашање е колку ќе се издржи со вакви рестриктивни мерки, дотолку повеќе ако тие со тек на време стануваат и уште поригдни.

А како вчера одговорија од Владата на забелешките од угостителскиот сектор?

Вицепремиерот задолжен за економски прашања Фатмир Битиќи призна дека е точно дека првично беше кажано дека мерката ќе се однесува на сите економски оператори.

„Но, треба да сфатиме дека во Комисијата за заразни болести не се економски стручни за да направат разлика што значи економски оператор и како тоа се толкува во јавноста. Мислам дека имавме една таква ситуација на самата седница на Влада, имаше една таква интервенција од министерот за економија Крешник Бектеши, и на моја интервенција, беше укажано на што точно се однесува. Во овој момент Комисијата за заразни болести оценува дека само таму треба да има лимитирање на нивното работно време. Односно, дека од 23 часот треба да бидат затворени и дека ризикот за зараза стои во тие објекти. Секако, ако тие предочат дека има ризици и дека е нужно да се преземат нови  мерки и за другите оператори, секако дека тоа ќе го направиме. Во овој момент не се размислува за такви мерки“, рече Битиќи одговарајќи на новиарско прашање.

Министерот за економија, пак, Крешник Бектеши, прашан дали се размислува за некаква нова помош за угостителските објекти, бидејќи само тие се зафатени со новите рестриктивни мерки, како што е ограничено работно време и број на гостите што можат да седат на една маса е само четворица, одговори дека во Владата на дневна основа размислуваат за сите сектори, особено за секторите чие работење е забрането директно од Владата.

„За угостителите не би кажал дека не се помогнати, напротив, тие се помогнати од речиси сите сетови мерки кои се усвоени од Владата, од првиот па до четвртиот, во однос на финансиска поддршка за исплата на плати, почнувајќи од минималната плата, па се до скалестата исплата на субвенциите за плати за октомври, ноември и декември, што е во последниот четврти сет на мерки (уште не е поминато во Собрание – н.з.). Значи, секако дека тие угостителски објекти кои ќе имаат поголемо намалување на нивните приходи, ќе имаат поголеми субвенции за плата. И имавме неколку мерки кои се однесуваа само на угостителите - за бескаматните кредити, за што сега ќе имаме и дополнителна објава. А секако и дека од почетокот на наредната година, во зависност од тоа како мерките влијаеле по сектори, ќе разгледаме можност и да им излеземе во пресрет дополнително, особено на погодените сектори како што е угостителството“, рече Бектеши.

Прашан конкретно да одговори дали ова значи најава и на нови мерки за угостителите, доколку се продолжи со овие рестрикции, или, пак, се воведат и нови, Бектеши вели дека креирањето на мерките е инклузивен процес, во кој покрај членовите на економскиот тим на Владата, учествуваат и стопанските комори.

„И во четвртиот сет на мерки вклучени се и угостителските објекти за исплата на плати, а дополнително на тоа, од први јануари идната година ќе има и намалување на ДДВ- то кај угостителските објекти. Ако на ваков начин се продолжи да се крати времето на нивното работење, од почетокот на наредната година, ако е потребно, секако дека ќе излеземе со нови мерки. И ова не важи само за угостителскиот сектор, туку важи за сите сектори во земјава, врз основа на анализите и врз основа на тоа како ќе се одвива економската криза, која не зависи од човечки фактор“, рече Бектеши, додавајќи дека мерките од четвртиот сет се веќе усвоени на Влада, и штом во Собрание ќе биде усвеон ребалансот, Владата речиси утредента ќе ги објави сите повици за новите мерки.

И ноќните клубови и угостителските објекти ќе можат да аплицираат за мерката финансиска поддршка за исплата на плати, со максималната поддршка до 21.760 денари, објаснува министерот за економија Крешник Бектеши.  

Нина Нинеска-Фиданоска

Можеби ќе ве интересира

АЗЕСКИ НА СРЕДБА СО РАКОВОДСТВОТО НА „КОСТАЛ ГРУПАЦИЈАТА“ ОД ГЕРМАНИЈА

АЗЕСКИ НА СРЕДБА СО РАКОВОДСТВОТО НА „КОСТАЛ ГРУПАЦИЈАТА“ ОД ГЕРМАНИЈА

Над 130 македонски компании на прва средба со Лидл за можна соработка

Над 130 македонски компании на прва средба со Лидл за можна соработка

„ЗА МАКЕДОНИЈА НАЈДОБРО Е ДА ГО ПРЕЗЕМЕ ГЕРМАНСКИОТ СЛУЧАЈ“: искрено и во негов стил, Бранко Азески во „Бизнис Муабети“ на Фактор

„ЗА МАКЕДОНИЈА НАЈДОБРО Е ДА ГО ПРЕЗЕМЕ ГЕРМАНСКИОТ СЛУЧАЈ“: искрено и во негов стил, Бранко Азески во „Бизнис Муабети“ на Фактор

ГЕНЕРАЛИ ИНВЕСТМЕНТС: Пазарите на обврзници ги чекаат априлските податоци за инфлацијата во САД

ГЕНЕРАЛИ ИНВЕСТМЕНТС: Пазарите на обврзници ги чекаат априлските податоци за инфлацијата во САД

МАКЕДОНИЈА СО НУЛТА ТОЛЕРАНЦИЈА ЗА КОРУПЦИЈАТА, РАСТ НА БДП НАД ПЕТ ОТСТО, СИЛНА НАЦИЈА - моќни пораки од Самитот на Македонија 2025

МАКЕДОНИЈА СО НУЛТА ТОЛЕРАНЦИЈА ЗА КОРУПЦИЈАТА, РАСТ НА БДП НАД ПЕТ ОТСТО, СИЛНА НАЦИЈА - моќни пораки од Самитот на Македонија 2025

СЕ КРЧКА КРИВИЧНА ТРУЖБА ПРОТИВ БОИНГ?! - го прекрши договорот за безбедност, ќе се разгледаат сите испади

СЕ КРЧКА КРИВИЧНА ТРУЖБА ПРОТИВ БОИНГ?! - го прекрши договорот за безбедност, ќе се разгледаат сите испади

ГЕРМАНЦИТЕ ВО ШОК И КАУФЛАНД ЗАТВОРА: Дел од неговите филијали во Германија заминуваат во историјата

ГЕРМАНЦИТЕ ВО ШОК И КАУФЛАНД ЗАТВОРА: Дел од неговите филијали во Германија заминуваат во историјата

НЕМА „ПЛАФОН“ ЗА ЦЕНИТЕ ВО ГРЦИЈА - СТАНОВИТЕ НАД 1.000 ЕВРА: Многумина жалат што платиле порано

НЕМА „ПЛАФОН“ ЗА ЦЕНИТЕ ВО ГРЦИЈА - СТАНОВИТЕ НАД 1.000 ЕВРА: Многумина жалат што платиле порано

НЕМА НАМАЛУВАЊЕ НА ПОБАРУВАЧКАТА НА НАФТА - ОПЕК тврди дека во 2024 година на светот ќе му требаа 2,2 милиони барели дневно

НЕМА НАМАЛУВАЊЕ НА ПОБАРУВАЧКАТА НА НАФТА - ОПЕК тврди дека во 2024 година на светот ќе му требаа 2,2 милиони барели дневно