30 Април, 2024
0.0361

Охрид 2014

Објавено во: Анализа 04 Август, 2013

Добивај вести на Viber

Туристичката сезона започна на 1 јануари. Иако сонцето сеуште не е изгреано, охридските угостители на сите им  посакаа добро утро со топло кафе на тацна, збогатено со слатко од охридски цреши, бели за да разбијат монотонија. Времето не е за капење, но идеално е за прошетки додека сакате да ја наполните душата со чистиот воздух збогатен со вљубениот поглед во синото езеро. Уште веднаш Ве пресретнува љубезен староседелец кој Ви открива што Ви подготвува пролетта, а потоа што има во летното пакетче. За да не подзаборавите Ви го нуди новиот весник „Охридски глас“. На крај Ви нуди топло лепче од фурна со кравја маст од охридските краеви. Да Ви се најде додека шетате. Мирисот од топлото лепче Ви ги измасира ноздрите, па така изгладнети седнавте да поуживате во вкусот, на сините клупи на брегот. Набрзина решивте да го разгледате весничето подарено од Климе Охриѓанецот. А во него никаде не пишува дали езерото е загадено, па дали ќе биде дозволено за капење. Не пишува ни за цените во рестораните, а богами ги нема ни цените за влез и паркинг на плажа, како и задолжително плаќање лежалка, уште веднаш пред употреба. Ама затоа охриѓаништава се распишале за целиот охридски крај, благодарение на писменоста создадена од Климент и Наум, тука на нивен терен. Започнале со Божиќни прошетки низ Охридските манастири, продолжуваат со заедничка дупла религиска тура на местото Крст Џамија. Прв пат читам што пишува тука, приказнава не е за прескокнување.  „Хаџи-Дургут џамијата во Охрид, според некои неофицијални сознанија, е градена во првите години од 16 век. Во последната деценија од 19 век, токму кај Хаџи-Дургут џамијата имало турска свадба. За време на веселбата, еден турски ага, чие име не се споменува, ја зел својата кубура и испукал во правец на џамијата. Тој немал намера да ја оштети џамијата, но во тој момент нешто го натерало да пука. Испуканото зрно од кубурата ја погодило sвездата на врвот од минарето, но не ја откорнало целата, туку само еден нејзин дел. Токму тој дел што сега стои личи на крст, па, најверојатно, според ова обележје го добила името Крст-џамија кај дел од овдешното население. Така говорат преданијата што се пренесуваат". Приказнава беше толку добра што ме натера уште веднаш да го видам местото. Решив да се распрашам каде се наоѓа, а една љубезна Охриѓанка се нафати да ме однесе таму, но, претходно отидовме на топол салеп во стариот дел на Охридската чаршија. Додека патувавме натаму ја слушнав приказната за  стариот Чинар, кој често е збирно место, посебно за Велики четврток. Тогаш тука младите се собирале и се упатувале на дружење пред Охридските цркви, притоа уживајќи во традиционалниот адет именуван како Паликоса. Освен тоа од неа дознав дека токму во овој дел од чаршијата има најубаво печено пиле во градот, а на пазарот можат да се пронајдат и познатите охридски овошја и зеленчуци во лето, од долгнавестиот домат, до полната пиперка, од охридската цреша, до јаболката, грозјето, јагодите, како и сливите Петровки кои ги има само тука од цела Македонија. Најинтересно во Охрид, вели таа, во овој период од годината е за време на празникот Водици. Утрото почнува со мирисот на греано вино и ракија кои ги загреваат сите, посебно оние кои ќе се фрлат во студените води, во познатата трка за крстот. Уште повпечатлиов е следниот ден напладне, кога овој празник го празнуваат рибарите. По топлиот салеп, продолживме уште кратко и стасавме до местото каде тргнавме. Познатата Крст џамија. Таа ми раскажа една друга приказна: „Во полумесечината на врвот на минарето и денес се наоѓа мал крст, а легендата вели дека кога Tурците го подигнале минарето, откога претходно го фрлиле крстот во езерото, тој повторно се вратил на неговиот врв. Кога тие повторно го фрлиле крстот, минарето се урнало, а кога тие пак го подигале, крстот се враќал на неговото место. Ова се повторувало повеќе пати, сé додека некому не му се сонило дека минарето нема да падне само ако го остават крстот на врвот. Тогаш Tурците го ставиле крстот во полумесечината и така минарето стои до денес.“ Не знам која легенда е точна, но ова е факт кој зборува дека охриѓани се многу фини, немаат религиски бариери кон никого, па дури и се убав пример за соживот. И се заблагодарив на девојката, па продолжив да ги видам далгите на езерото. Чекорејки натаму погледот ми го фати позната тврдина на Самоил. Благодарение на весничево, дознав дека овој македонски цар сакал да живее единствено тука во Охрид, и на Преспа. Открив дека и многу од можеби неговото оружје и пехари, како и други обележја од минатите времења се најдени во местото Требениште. Таму е пронајдена и познатата Златна маска. Си помислив, летово би сакала да одам таму. Да го видам местото кое ја чува историјата во овој град. Во негова близина има и мало езерце кое е наменето најчесто за риболовците рекреативци. Таму мештаните гостите ги чекале со природен чај, сок од дренки, маштеница, топол комат или ѓомлезе. На помислата на храна, разбрав дека огладнев, па се одлучив да го пробам најавениот чипс од плашици со пивце за новата летна сезона. Додека го чекав на масичката со син чаршав во ресторанот со прекрасен поглед кон езерот, сфатив дека огладнев за нови информации, па му се вратив на весничето. А таму ме чека интересна пловна понуда „ Охрид од вода“. Турата вклучува сопствен избор на превоз: кајче или брод додека шетате низ брегот на Охридското езеро. Од  понудата на места кои можат да се видат имате тура: Патот на Јагулите, Охридска маршрута од Наум до Канео и Изворската вода на Билјана. Искрено, посакав да тргнам уште веднаш, летото ми се  виде некако далечно. Но, желбата ми ја прекина чипсот кој ми стаса на маса. Љубезниот келнер ми спомена дека доколку сум за риба, може да ми препорача одлична тресена пастрмка за вечера или топла чорба од риба за утре наутро. Се заблагодарив, веќе огладнето за чипсот од плашица кој ќе можам сега да пробам, дури и пред главната сезона. Се распрашав дали има некаква понуда за рекреација освен прошетките покрај езерото. Ми открија дека само треба да одлучам дали сум за пешачење, велосипедизам или дури и за малку поекстремен спорт. „Како, зошто“, прашав.  Па, ако сте за прошетки, покрај брегот го имате стариот град, охридските приградски населби, ако сте за велосипед имате одлична тура низ Галичица, а од таму може да се симнете дури и со параглајдер. Летово имаме и скијање на вода како и други водени лудори. Имаме дури и семејно возење на велосипед со повеќе тркала.  Браво, викам во недовреба. Ех, зар Охриѓани, Вие кои важите за пример за нељубезност, како... Зошто така? Зш така требит, топло ми одговара со напомена дека треба да пробам. „За се има прв пат“ ми рече, за да се разубедам. После ова за да ги потрошам калориите од чипсот од плашица се упатив на прошетка до Плаошник. Комплексот Плаошник или Имарет во историска, културна и духовна смисла е најзначајниот и најсветиот простор за Македонија и за целиот словенски род. Плаошник се наоѓа на повисокиот охридски рид, меѓу цитаделата/Самуиловата тврдина и живописниот предел на црквата „Св. Јован Богослов-Канео“, на брегот од Охридско Езеро. Податоците говорат дека во античкиот период, во времето на силниот подем на тогаш монденскиот град Лихнидос, стариот Охрид, на ова место биле лоцирани најзначајните антички храмови, посветени на боговите Асклепиј и Дионис. Во доцноантичкото време и ранохристијанскиот период , Лихнидос бил епископски центар на македонско-римската провинција Нов Епир, а Плаошник местото на кое врз урнатините на паганските храмови биле подигнати монументални ранохристијански базилики со раскошна архитектура и уште пораскошни мозаични подни површини. На крајот на IX век на овој свет простор доаѓа првиот словенски епископ св. Климент, кој обновил една стара тролисна црква (изградена, најверојатно, во почетокот на VII век и ја посветил на светиот лекар св. Пантелејмон. Тука и во манастирскиот комплекс кој се развил во идните векови, св. Климент започнал силна просветителска и книжевна дејност т.н Охридската книжевна академија, се развил првиот Словенски универзитет од каде што се ширела старословенската писменост, уметност и култура. Уште додека бил жив, св. Климент ја проширил црквата кон запад, а во пронаосот си изградил скромен гроб во кој и бил погребан по неговата смрт во 916 година. Од ова место го погледнав градот. Вака од висините ми изгледаше топол дури и на први јануари. Имав чувство дека ме повикува со љубов. Затоа и решив, пак ќе дојдам, има уште толку многу нешта да видам и пробам. Ми зафали дури и фестивалската понуда на добро познатото Охридско лето. Јас сум и за театар и за музика во овој град на вечноста и културата. Заминувањето на сонцето ме потсети дека  сепак е само почеток на годината, денот е краток, иако мојот впечаток беше дека дури и ми летна. Веќе застудува, па решив да најдам место за топол оброк. Прочитав дека во Скребатно е интересно. А што значи Скребатно? Скреба или бела лоза, слично е на повитот, само со помали димензии. Расте до пет метри, но не се качува на дрвјата, туку густо ги покрива околните грмушки. Старите велат дека од скреба се варело чај за смирување на организмот. На 28 август, за празникот голема Богородица во ова село, по традиција се одржува голем спектакуларен собир на граѓани во чест на овој голем Христијански празник. Учествуваат огромен број на верници од целиот свет. Она што е посебно, е фактот дека црквата дава ручек за сите присутни кои се поседнати на големата ливада до самата црква. Церемонијата почнува со изнесувањето на барјакот од црквата. Накитен со шамии, јаболка, цвеќе и босилек, со барјакот црквата се обиколува три пати. Свештено лице го благословува народот, а поворката извикува: „Крсти носам, Бога молам, Господи помилуј!“ Еве  и малку интересни податоци за оваа црква: Црквата „Св. Богородица“,  според својата градба, архитектура и остатокот од фрески во олтарната апсида, потекнува од 16. век, од времето на монахот Кипријан, зограф од Слепченскиот манастир. Легендата раскажува дека селаните на почетокот сакале црквата да ја изградат поблиску до селото. Три пати почнувале, но ѕиданото некој навечер го уривал, а алатите на мајсторите ги префрлал повисоко на местото каде што денес се наоѓа црквата. Тогаш некој се сетил и рекол дека треба да се исполни желбата на Богородица и црквата посветена нејзе да се изгради пред „прекрасните ливади, меѓу столетните дабја, во близина на бистра и студена вода“. Со векови црквата „Св. Богородица“ претставува посебен аманет за сите селани што живееле или потекнуваат од Скребатно. Автомобилот се остава пред портите. Дотука се вози. Се упатив натаму. Ја видов или подобро ја слушнав  Скребатска Река. Се полни од Анџаков Извор, местото Извори и уште многу планински води. Минува низ песок и камења, покрај дебели ореви и преку Коселска Река се влева во Охридското Езеро. Морав да се откажам од мојот мобилен телефон, сигналот тука едноставно го снема. Од тука се упатив кратко кон Косел.  Сместен е на само неколку километри од Охрид до регионалниот пат кон Битола: Тука е  милениумски стариот сега заспан вулкан , познат како сулфатара и дувало. Единствениот жив неопасен вулкан на Балканот, покрај кого луѓето поминуваат и го чувствуваат неговиот непријатен мирис.  Ова е заспан вулкан, кој се уште емитира сулфурни гасови. Тој е единствена ваква појава на Балканот, што претставува активна поствулканска појава. Тоа е јасен доказ за постоењето на некогашната вулканска активност, на која ова и е последен знак на одумирање. На овој простор има неколку мали кратери со пречник од 0,5 метри и длабочина до 30 сантиметри. Прошетките низ Охрид не сопираат, а ни сознанието дека мојата љубопитност сака уште. Во весникот пишува и за поетските ноќи во Велестово, за трката со магариња во Коњско.... и уште многу, ама големи сте, читајте малку и сами. Вечерва ја заокружив со убава порција питулици подготвени од една љубезна домаќинка во Косел, која ми спомена дека овој специјалитет го знаат сите охридски жени, но секоја си има свои марифети во неговата подготовка. Можеби ќе најдам некој езерски рецепт во „Охридски глас“. Денеска е први јануари 2014. Охрид има живи споменици и не му треба ништо повеќе од тоа. За среќа и охриѓани ја научија лекцијата од минатото лето, градот е „жив“ цела година. Не било тешко... Вики Ристоска