30 Април, 2024
0.0248

ОХРИД НА КОЛЕНА: Солени цени, слатка вода, а државната стратегија за повеќе туристи крахираше!

Објавено во: Анализа 10 Август, 2013

Добивај вести на Viber

Србите и Бугарите му „свртеа“ грб на Охрид. Годинава намален  и бројот на домашни туристи. Она што ги загрижува менаџерите од хотелиерскиот бизнис е и помалиот број на “субвенционирани“ туристи од земјите на Бенелукс (Холандија, Белгија, Луксембург)За секој турист што ќе допатува од овие дестинации, во организирана посета, преку туроператор со чартер лет до Охрид, македонската влада исплаќа по 65 евра – државна субвенција. Зошто стимулацијата не го зголеми бројот на туристи? Каде да се бара причината за намаленеиот број на гости од Србија и Бугарија? Дали “солените“ цени во “слаткиот“ Охрид ги истиснаа домашните туристи на море? Ги нема балканските туристи?!  Она што е впечатливо оваа летна сезона е дека ги нема масовните посети на гости од опкружувањето, односно оние што беа традиционални гости на охридското крајбрежје -  од соседните Бугарија  и од Србија. Хотелиерите признаваат дека годинава, нивниот број е значајно намален. “Генерално, на Охридското и Струшкото крајбрежје годинава има помалку домашни туристи и туристи од балканските земји во споредба со лани. Но она што загрижува е помалиот број на туристи и од земјите на Бенелукс. Сите што направивме договор со туристите што доаѓаат од земјите на Бенелукс годинава ќе бидеме во рамките на она што е договорено односно закупено. Но лани, на пример, резултатите беа подобри, односно имаше натфрлување од 20% до 25 % над она што беше загарантирано како престој. “ – објаснува за “Фактор“ Дончо Таневски, прв човек на здружението ХОТАМ. Приватните сместувачки капацитети располaгаат со 25 000 кревети додека хотелите нудат 5 000 легла или една петтина од вкупниот сместувачки капацитет. Каде да се бара причината поради која гостите од нашето соседство оваа летна сезона го заобиколија Охрид? Познавачите ги исклучуваат како причината ставотната бродска несреќа кога загинаа 17 туристи од Бугарија и кобната тепачка во која настрада момче од Србија. “Според мене, има две клучни причини поради кои ги губиме туристите од Балканот. Прво, лошо ги обработивме саемските манифестации за туризам во Бугарија и во Србија, на кои се дава можност за директни контакти меѓу агенциите. Втората причина е инфрастуруктурата, односно лошата патна мрежа. На пример од Врање до Касандра во Грција, ќе ви треба помалку време отколку од Врање до Охрид, токму поради лошата патна мрежа“ – вели Таневски од ХОТАМ. Промашена стратегија, солени цени, или и едно и друго? На една од грчките плажи лоцирани на првиот Крак – Касандра, лежалка чини 3 евра или околу 180 денари. Во оваа сума, угостителот наплаќа и еден пијалок по избор (кафе, чаша пиво, сок). На една охридска плажа, еден лежалка се нуди за 100 денари. Дополнително, се наплаќа и пијалок. Од Асоцијацијата на хотелиери признаваат дека во текот на сезоната, дел од концесионерите на плажите ги прекршиле договорите во однос на цените, меѓудругото и за лежалките. “Точно е дека имаше примери кога концесионери наплаќаа повисоки цени за лежалки и дополнително за пијалоци, но од минатата недела овие неправилности се корегирани“ – тврди првиот човек на ХОТАМ Дончо Таневски и додава дека Охрид сепак нуди услуга за сечиј џеб. Според него, во однос на лени цените биле намалени. Дел од рестораните дури и направиле летно туристичко мени кое опфаќало салата, порција со парче месо и десерт за само 300 денари. Во исто време, за оние со подлабок џеб – на менито имало и килограм риба за 2000 денари. Еден кревет во приватното сместување се нуди од 5 евра па нагоре. Според податоците на локалната самоуправа ова лето биле регистрирани околу 2 000 стано-сместувачки објекти. Клучната причина за намалување на бројот на туристи според Таневски не се “солените“ цени туку ненавремната исплата на субвенциите од страна на државата. “Лани субвенциите не беа исплатени во предвидениот рок, односно според мене, требаше да се изработат барем решенијата за исплата на субвенции до крајот на годината, што ќе беше доволно за да се договорат нови туристи за новата сезона“ – вели Таневски. Неодамна, Агенцијата за промоција и подршка на туризмот негираше дека бројот на туристи се намалува. Од таму објаснија дека дел од хотелиерите побарале субвенција за секој турист што ќе слета во Охрид, без разлика дали е во сопствена или организирана режија, преку туроператор. Како и да е, сезоната, повеќе од евидентно е промашена. На толку можности што ги пружа балканскиот Ерусалим, штета. Инфраструктура, немање стратегија, цените се солени, водата е слатка, се на купче, и туристите  го поздравија Охрид од грчките плажи! Ако нешто не се промени, не само кај охридските угостители и хотелиери, туку и во владината стратегија да ги привлечат туристите, годинешната слика ќе ни се повторува и во следните години. Д.А.