27 Април, 2024
0.0252

Општина Центар ја отвори првата читална „Славко Јаневски“

Објавено во: Стил 05 Јули, 2013

Добивај вести на Viber

Општина Центар ја отвори првата читална која го носи името на македонскиот писател Славко Јаневски. Зачленувањето во читалната ќе биде бесплатно, а читалната ќе работи двократно.

Вљубениците во пишаниот збор ќе може да  уживаат во убавиот амбиент на читалната и во изборот од книги, но и да ги изнајмуваат книгите за дома.

Читалната има над 4.000 книги, од кои најголем дел се донација на „Култура“ на Трифун Костовски, потоа книжарниците на „Матица“, „Младинска книга“ и „Матица на иселениците“ и останати донатори.

Градоначалникот на Центар, Андреј Жерновски им се заблагодари на донаторите, посочувајќи дека без нивна помош немало да успеат во идејата за реализација на проектот.

„Граѓаните го препознаа ова дело. Последните години во Центар се’ повеќе се’ отвораат коцкарници и кладилници, а ваквите места некако изумираат. Граѓаните сакаат и ќе имаат повеќе вакви читални“, изјави Жерновски.

Поетот, литературен критичар и директор на „Телма“ Ристо Лазаров, нагласи дека колку повеќе што минуваат овие улави транзициски времиња, името на Славко Јаневски ќе остане да се врежува во македонската историја. Тој порача дека луѓето со кус читачки кислород самите се мамат дека се среќни и безгрижни.

„На таквите луѓе им е доволно ако заскитаат во некоја Комисија, во која друг ќе им чита, а други ќе гласаат. Има луѓе кои не прочитале ни една книга и го употребуваат речникот на клевета. Делата на Славко Јаневски како вечен факел ја осветлуваат темната страна на македонските духовни врвови“,изјави Лазаров.

Роза Топузова – Каревска од општина Центар вели дека деновиве со една дискутабилна одлука на Комисијата за верификација на фактите се оцрни името на Славко Јаневски. Но, како што вели таа, неговите дела никој не може да ни ги одземе и ќе останат за генерациите кои доаѓаат. „Одлуката за првата читална да се вика „Славко Јаневски“ е затоа што токму тој е автор на првиот македонски роман „Село зад седумте јасени“, вели Топузова – Каревска.

Во следниот период, општина Ценар планира да отвори уште седум читални, кои ќе ги носат имињата на познати македонски писатели.

Неколкуте читални, кои општина Центар планира да ги отвори ќе бидат наменети пред се за жителите на општина Центар.

Можеби ќе ве интересира

Мемедоски е македонскиот претставник на „Светскиот избор за Мис и Мистер за глуви“ во Прага: Бог ме направил различен од другите, но ми подарил повеќе таленти

Мемедоски е македонскиот претставник на „Светскиот избор за Мис и Мистер за глуви“ во Прага: Бог ме направил различен од другите, но ми подарил повеќе таленти