17 Мај, 2024
0.0311

Осум факти за бегалците…

Објавено во: Стил 21 Јуни, 2016

Добивај вести на Viber

Никогаш досега во светот немало толку многу бегалци, колку во 2015 година.

Колку бегалци има во светот?

Според пресметките на Високиот комесаријат за бегалци на ОН во 2015 година имало вкупно 65,3 милиони луѓе  кои живееле како бегалци. Од нив 21,3 милиони побарале азил во странство, претежно во соседните земји. Статистички гледано, секој 113-и човек во светот е бегалец, барател на азил во странство, или внатрешен бегалец. Многу од овие луѓе живеат со години во бегалските кампови.

Колку избегале во 2015 година?

Во 2015 година речиси 12,5 милиони луѓе избегале од насилство или гонење. Тоа значи во просек по 24 лица на минута. Секој трет бегалец во 2015 година побарал азил во странство. Новите конфликти како сириската војна ја заострија бегалската криза, а старите како оние во Авганистан и Сомалија  принудуваат многу луѓе кон бегство.

Каде бегаат најмногу луѓе?

Над половина од бегалците во светот доаѓаат од три земји: Сирија, Авганистан и Сомалија, а 5,2 милиони се палестински бегалци во Блискиот Исток. Поради големиот број конфликти во светот е малку веројатно наскоро да настапи подобрување. Во 2015 година во своите родни земји се вратиле само 200 000 бегалци.

Каде ги прифаќаат најмногу бегалците?

Повеќето бегалци од Блискиот Исток, Африка и Азија се упатуваат првично кон некоја соседна држава. Така на пример во 2015 година Турција примила најмногу бегалци, а потоа следат Пакистан, Либан и Иран.

Зошто бегаат луѓето?

Главна причина за бегството од татковината се вооружените конфликти, војните и граѓанските војни. Се повеќе луѓе бегаат од своите родни земји и поради војните меѓу локалните банди и организираниот криминал. Така на пример во последната година речиси 110 000 луѓе од Салвадор, Гватемала и Хондурас избегале од своите родни земји токму поради оваа причина и побарале засолниште во Мексико и САД.

Кои се внатрешни бегалци?

Две третини од сите бегалци се т.н.. внатрешни бегалци. Тие бараат засолниште во својата родна земја. Високиот комесаријат за бегалци на ОН има регистрирано речиси 41 милиони луѓе кои се внатрешни бегалци.

Колку се малолетници?

Од сите бегалци 51 проценти во 2015 година биле под 18 години. Малолетните бегалци бараат посебна заштита согласно Конвенцијата на ОН за правата на детето и регулативата на Високиот комесаријат за бегалци на ОН. 100 000 деца патувале без придружба или биле разделени од родителите во 2015 година.

Колку се без документи?

Околу 3,7 милиони луѓе во 78 држави се регистрирани официјално како  луѓе без државјанство и пасош. Високиот комесаријат за бегалци на ОН, сепак проценува дека 10 милиони луѓе во светот немаат признато државјанство и не поседуваат документи за идентификација.