02 Мај, 2024
0.0425

Овој град не ја дава титулата најскап на светот-А каде најефтино се живее?

Објавено во: Стил 10 Март, 2016

Добивај вести на Viber

Сингапур трета година по ред ја задржа титулата најскап град на светот, а зад него следат Цирих, Хонгконг, Женева и Париз.

Ова го покажа анкетата на истражувачката агенција „Економист интелиџенс јунит“ (EIU).

Лондон и Њујорк ги заземаа шестата и седма позиција на листата, а ги следат Копенхаген, Сеул и Лос Анџелес, пренесе британскиот јавен сервис БиБиСи.

Најефтин град на светот е Лусака, а во тоа друштво со престолнината на Замбија се и Бангалор и Мумбаи во Индија, според резултатите на анкетата.

Истражувањето опфатило 133 града ширум светот, при што како референца за споредба е земен Њујорк додека споредбите на трошоците се правени кај 160 услуги и производи, вклучувајќи ја храната, облеката и режијата.

Иако Сингапур е рангиран како најскап, трошоците за живот во тој град сега се за десет одсто пониски од Њујорк во однос на ситуацијата од пред година дена, наведува БиБиСи.

Истражувачите соопштиле дека дошло до големи промени во рангирањето, бидејќи градовите се соочени со низа еконосмки фактори, од силниот долар и девалвација на валути, па се до цените на нафтата и сировините, како и геополитичката неизвесност.

„Не се сеќавам дека за 17 години моја работа на ова истражување некоја година била толку колеблива како минатата. Падот на цените на сировините создаде дефлаторни притисоци во поедини земји, додека слабеењето на валутите во други држави довело до инфлаторни спирали“, изјавил креаторот на ова истражување Џон Копстејк.

Од градовите на еврозоната, Париз е единствениот кој оваа година се задржа меѓу десетте најскапи градови на светот, но се лизна за три места, на позицијата пет најскап град.