26 Април, 2024
0.0358

Парадржава

Објавено во: Колумни 01 Ноември, 2016

Добивај вести на Viber

Веќе еднаш ја допрев оваа тема низ неколку претходни колумни. Но денеска сакам да биде поексплицитен и далеку погруб – за нештата да станат појасни. Имено, знаете ли зошто ни се случи феноменот „Груевски“? И веднаш да одговорам – заради Фрчковски! И обата се парадигми, две страни на една иста паричка. Ист тип е тоа, пакувањето е различно: едниот има боксерски ракавици, другиот пура. Кој ви се допаѓа повеќе не е прашање на принципиелни разлики, ами на вкус.

До оргазмичко ниво беше доведена фасцијацијата од неколку минатонеделни интервјуа, во кои мислиш доживеавме откровение! Едниот тврди дека друг кој до скоро бил функционер дилал дрога, а трет пак, имал „почит“, па не го апсел! И секој од нив во еден момент бил власт, репрезент на институција и сите заедно денес слободно шетаат и солат ум!? Дали ви се верува каде живееме!? И само и малку нормален човек од ова ќе разбере дека 25 години ние сме си играле држава. 25 години, или да звучи подраматично четврт век, четврт век драги мои, си играме држава! Цел еден живот е тоа! Четврт век ни спичкаа со нивните дворски игри.

Некои од прерогативите на државата се пред сè независните институции и владеењето на правото кое се остварува низ истите. И одеднаш, пред вас ви се исповедаат ликови кои наводно воделе држава, а они всушност они к.р-т...к си играле! Ете затоа, драги мои ни се случува и ќе ни се случува феноменот „Ж“. Сосема е неважно, дали утре ќе дојде друг, дали ќе се вика Груевски или Црвенковски, дали пара-партијата ќе биде ВМРО или СДСМ, сеедно - ние сме насадени накриво! Ние намерно имаме инсталирано фабричка грешка која се перпетуира и мултиплицира, при тоа лажно преоблекувајќи се во држава. Затоа, во многу наврати, во многу колумни, повикував на еманципирање на демосот, кој треба како заедница да се судри и да ја искрши оваа квази-структура, да ја искрши на парам-парче, за од внатре, одново да се пресоздаде, да се роди себе си во нормален систем.

Нам ќе ни се случеше феноменот „Ж“и да го немаше него. „Ж“ е само персонализација, во суштина тоа е феномен! Оти тој претставуваше само логичен след на сè она што во зачетна форма беше родено и одржувано како парасистем. Тој е само кулминација, доследен развој на иницијалното канцерогено ткиво. Ако најдете канцерогена клетка, не можете да не очекувате метастаза после некоја година. Толку е едноставно и чуму денес се чудиме!? Впрочем, тој само го доведе до совршенство, она што овие пред него го работеа стихијно, спорадично, инцидентно и „методолошки“ недоследно. И искрено да ви кажам, тој дури и беше повеќе мужиште од сите нив заедно. Затоа што барем имаше муда од таквиот дух отворено, експлицитно и без ракавици да направи цел (квази)систем. Сè што они зачнаа, тој го разви до совршенство. Оние пред него беа свилени, го правеа тоа со ракавици, изиграваа големи господа, продаваа интелектуалност и морал, а не беа ништо повеќе од уште поголеми криминалци од овие, само во вратоврски. Дури беа и плачковци, затоа имаа десетици, стотици посредници кои им ја вршеа и сеуште им ја вршат гнасната работа наместо нив. Во рамките на мафијашкиот морал, „Ж“ барем беше далеку подоблесен – за сите работи лично се погрижуваше. И имаше карактер да го доведе до крај сето она што овие пред него не се осмелуваа да го донесат ни до половина, не од што не сакаа, туку од што немаа муда. Тој конечно, парадржавата ја „институционализираше“!

Веројатно на сите ни стана јасно дека овде има инсталирано парадржава, парадржава која функционира паралелно со наводната држава, парадржава која функционира надвор од официјалните институции и право. Парадржава втемелена на законите на мафијата, на логиката на корупцијата и криминалот, а сè со една цел: да биде параван за безмилосната пљачка и експлоатација на сопствениот народ.И после Пржино и после договорите помеѓу племенските старешини, изборите ништо суштинско нема да сменат, драги мои. Нема, затоа што ќе бидат резултат на договор помеѓу „картелите“ и ќе бидат параван за businessasusual.

Потребен е радикален рез.Колку болно е потребен еманципиран демос кој радикално би расчистил со овој канцер. Кога само би се одважил тој и таков демосмасовно, изненадувачки да гласа, на пример, за Левица!? Да им даде можност на тие кои немаат хипотеки зад себе, кои немаат штабови претворени во Бироа за вработување, кои немаат пијавици на својот грб, кои не седат во скутовите на извалканиот капитал, кои никому ништо не должат, а кои веруваат во идеја, кои имаат план, но и страст, кои имаат и желба и енергија за доследно, радикално и конечно искоренување на троскотот и воспоставување на поредокот. И кои во еден „blitzkrieg“ би го пеплосале овој квази-поредок и да воспостават нормалност додека се свестиме. Ако има нешто историско во овие избори, тоа е токму таа можност! Дали ќе се оствари, зависи само од нас, од секој од нас поединечно!

Д-р Трајче Стојанов

Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД