27 Април, 2024
0.0257

Д-р Борис Анакиев

Пазарот на зеленчук и кооперирањето

Македонија сама ќе мора да изнаоѓа форми и начини за усогласени односи на пазарот што е неопходно во услови на слободен пазар. Меѓутоа може да поддржува секоја иницијатива која води до подобро организирање особено на ситните пазарни производители.

Објавено во: Агробизнис, Колумни 18 Септември, 2016

Добивај вести на Viber

Производството на зеленчук е особено важно не само за земјоделството туку за целата Македонска економија. За производство на зеленчук се ангажираат 53 илјади хектари годишно со тенденција за зголемување. Тие зафаќаат 13% од површините под ораници и бавчи и над 19% од засејани површини (2015 година).

Зеленчуко-производството е силно разнообразно од аспект на бројноста на производите кои се одгледуваат, големината на стопанствата и на пазарните канали. Климатските промени, масовната појава на болести и штетници, често водат до кризи во производството кои се рефлектираат врз понизок доход на земјоделците. Специфичноста на овој сектор во Европскта Унија била согледана уште пред педесетина години кога е формирана Заедничка организација на пазарот за зеленчук и овошје, а со цел да се обезбеди рамнотежа (баланс) помеѓу побарувачката и понудата на цените кои се праведни за производителите и достапни за потрошувачите.

Македонија сама ќе мора да изнаоѓа форми и начини за усогласени односи на пазарот што е неопходно во услови на слободен пазар. Меѓутоа може да поддржува секоја иницијатива која води до подобро организирање особено на ситните пазарни производители кои се најчесто жртва на неуредени пазарни односи. И во ЕУ се покажало дека најдобар систем за подобрување на пазарната положба на производителите на зеленчук е„ Организација на производителите.“

Принципи и функции на организацијата на производители

Целта на организацијата на производителите е преку групирање на пазарните вишоци зеленчук, да обезбеди повисоки откупни цени и да се оствари подобар баланс помеѓу понудата и побарувачката. Со организацијата на производителите се поставуваат и други под цели:

- Зголемување на продуктивноста и конкурентската способност во производството на зеленчук

- Намалување на производните трошоци

- Заштита на вредноста на производството кај неговата побербена обработка  (сортирање, пакување, преработка).

- Зацврстување на позициите на одделен производител, на пазарот, како партнер кај побарувачката и понудата.

-Гаранција во долгорочниот план за продукцијата предлагана од производителот.

Основни функции на организацијата на производителите е да го собира производството од своите членови и да го предлага на пазарот. Дејноста им е насочена и кај усовршувањето на производниот процес, собирање на информации за површини, производство, обем на продажба. Организацијата на производителите овозможува основна помош на членовите кај сортирањето, пакувањето и складирањето на нивното производство во примената  на еколошки усогласена пракса. Организациите можат да создаваат операциони фондови. За нивното користење се разработуваат конкретни оперативни програми, насочени кон подобрување на квалитетот за да се зголеми трговската вредност на продукцијата а со тоа и на продажната вредност.

Организациите на прозводителите ги признаваат сите членки на ЕУ, ако се усогласени со принципите и критериумите на ЕУ. Основни принципи за градење на организацијата на производителите се: демократичност, доброволно и неограничено членство, членовите се задолжуваат да учествуваат во економските дејности на организацијата, организацијата предлага услови и можности за најголема предност на своите членови, дејности со производители кои не се членови, се дозволени само како дополнение кон основната дејност на организацијата, практикување на принципи за зајакнување на позициите.

За организации на производители кои не се усогласени со горните принципи се предвидува преоден период. Најчести видови на организации на производители во Европа се:

  -Организации кои остваруваат трговија со сите видови овошје и зеленчук.

  -Организации специјализирани за трговија само со зеленчук

  -Организации за трговија со преработено овошје и зеленчук.

  Користи за членовите на организацијата на производители:

  -Имаат многу поголеми можности да го проучуваат пазарот, подобро да го планираат и реализираат производството на различни видови зеленчук.

  -Вистински се подобрува врската производител-купувач.

  -Се зајакнуваат нивните позиции при формирањето на откупната цена, бидејќи се нудат поголеми серии со претпоставена сигурна гаранција за квалитетот на понудената продукција.

  -Се зголемуваат можностите за откуп и полно користење на специјализираната техника за сортирање и пакување на производите.

Од гледна точка на пазарот, се постигнува поголема концентрација на производството, постојаност на понудата и заострување на контролата врз квалитетот на понудените производи.   Ако се имаат предвид сите погоре изнесени предности на организациите на производителите, се поставува прашањето: Зошто во Македонија тој систем кај производителите скоро да не постои или ако го има тој е во рудиментирана форма поради што производителите немаат доверба во него?

Сигурно е потребно преиспитување на одредбите од  „Законот за задруги“ и нивно прилагодување на вистинските можности, сознанија и навики на земјоделските производители во Македонија. Особено е важно пропагирањето на погодностите и предностите кои се остваруваат преку формирање на Организација на производители, што е задача пред се на институциите поврзани со земјоделството и особено со производителите, што досега не беше доволно за да бидат „сите“ земјоделци запознаени со овие погодности. За состојбата, најголем цех плаќаат производителите на зеленчук, но и останатите (сите) земјоделци пазарни производители во Македонија.

Можеби ќе ве интересира

ВО МАКЕДОНСКИТЕ ПЧЕЛАРНИЦИ СÈ ПОЧЕСТО ИМА ДРВЦА ПАУЛОВНИЈА: Кој е бенефитот од нив?

ВО МАКЕДОНСКИТЕ ПЧЕЛАРНИЦИ СÈ ПОЧЕСТО ИМА ДРВЦА ПАУЛОВНИЈА: Кој е бенефитот од нив?

ДОЖДОТ Е ПОВЕЌЕ ОД ДОБРЕДОЈДЕН: Сепак температурните шокови можат да направат проблеми на земјоделските насади

ДОЖДОТ Е ПОВЕЌЕ ОД ДОБРЕДОЈДЕН: Сепак температурните шокови можат да направат проблеми на земјоделските насади