ПЕКИНГ ОДЛУЧИ: Нема повеќе муслимански имиња на деца во Кина
Објавено во: Свет 26 Април, 2017
Поради немирите во претежно муслиманските делови во западниот дел на Кина, Пекинг забрани муслимански имиња за новороденчиња.
По воведувањето на забраната за пуштање долги бради и носење на бурки во јавноста, на ред дојдоа и имињата.
Локалните власти во западниот дел од земјата, ги известија граѓаните дека на бебињата не можат да им се даваат имиња кои би се толкувале како „премногу религиозни“. Оваа забрана е дел од проширувањето на законите имплементирани во 2015 година со што се ограничи користењето на муслиманските лични имиња, вклучувајќи ги и Фатима и Садам, потсетува „Спутник“. Nа листата на забранети имиња се најдоа - Имам, Гаџ, Куран, Садам, Медина и Ислам.
Јавен службеник во градот Синкјанг, каде живеат Ујгурите, потврди дека добиле известување од општинските власти, во кое се вели дека сите жители кои се родени во Синкјанг не може да имаат „премногу религиозни“ имиња.
„Ако некое семејство припаѓа на исламот, треба да го смени името на детето“ - велат официјалните претставници.
Во Синкјанг живеат околу 11 милиони етнички Ујгури, претежно муслиманско население, но и многу Монголци, Таџикистанци и Казахстанци. Тие го гледаат ова ограничување на Пекинг како форма на дискриминација директно насочена кон нивната култура.
Комунистичката партија на Кина ги воведе овие остри забрани поврзани со религијата, тврдејќи дека станува збор за борба против екстремизмот во периодот кога расте сепаратизмот кај ујгурските бунотвници.