Пендаровски поканет во Крањ на Брдо-Бриони
Објавено во: Балкан 10 Јуни, 2020
Следниот самит на Процесот за соработка Брдо-Бриони за Западен Балкан ќе се одржи на 29 јуни во Брдо кај Крањ, Словенија, со одбележување на 10-годишнината од иницијативата, потврди канцеларијата на словенечкиот претседател Борут Пахор.
Сите лидери на земјите учеснички од регионот - Словенија, Хрватска, Србија, Црна Гора,, Босна и Херцеговина, Албанија и Косово - се поканети на самитот, меѓу кои и претседателот на Македонија, Стево Пендаровски.
Кабинетот на Пахор изјави дека постои шанса сите да присуствуваат, под услов епидемиолошката состојба тоа да го дозволи. На состанокот се очекува фокусот да биде на актуелната состојба во регионот, изгледите за членство во ЕУ за Западен Балкан и регионалната политика. Предвидени се и билатерални состаноци.
Иницијативата, покрената од тогашниот словенечки премиер Борут Пахор и хрватската премиерка Јадранка Косор, означува 10 години постоење.
Минатата година Тирана беше домаќин на самитот на Процесот Брдо-Бриони. Претходниот претседател на Македонија, Ѓорѓе Иванов, не присуствуваше на истиот поради тоа што неговиот втор мандат беше пред истекување.