ПОБАРАЛ ВОНРЕДНО ПРЕИСПИТУВАЊЕ НА ПРЕСУДАТА ЗА ПЛАЦЕВИ НА ВОДНО - Груевски „дејствува“ и од Унгарија
Објавено во: Македонија 11 Јули, 2023
Никола Груевски, поранешен премиер, а сега азилант во Унгарија, кој е осуден за предметот „Плацеви на Водно“, побарал вонредно преиспитување на правосилната пресуда за овој случај.
Ова барање експремиерот го доставил вчера до Врховниот суд преку неговиот адвокат Димитар Дангов.
„На ден 10.07.2023 година до Врховниот суд на Република Северна Македонија доставено е Барање за вонредно преиспитување на правосилна пресуда од осудениот Никола Груевски преку неговиот бранител Димитар Дангов, адвокат од Скопје, по предметот познат во јавноста како „Плацеви на Водно“. По поднесеното барање оформен е предмет под КВП-КОК2-16/23 и е распореден кај судија-известител за понатамошно постапување“, се вели во соопштението од Врховниот суд.
Како што е познато, Груевски во овој случај првостепено беше осуден на седум години затвор, а годинава Апелација донесе правосилна пресуда и му ја зголеми казната за две години, односно правосилно е осуден на девет години затвор. Во овој случај поранешниот премиер беше суден за перење пари и противправно стекнување и прикривање имот. Во овој случај осуден беше и поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков кому Апелација му ја намали казната и доби условна.