29 Април, 2024
0.0317

Подморница

Објавено во: Колумни 17 Февруари, 2019

Добивај вести на Viber

Ако во Скопје во 20-те години од минатиот век имало над 300 угостителски објекти(ашчилници,кафеани,бордели,коцкарници.....места со разна музика за забава-од чалгии,чочеци,латино-џез и уште што ти не),воопшто не треба да не зачудува што и во денешното битисување на градот важна ставка во секојдневието на скопјани и многубројните гости и посетители се токму посетите на ваквите„стопански субјекти“.Со текот на времето тие добиваат разни ликови и содржини,гостите стануваат се попробирливи,а локациите се различни-Стара чаршија,Кеј,Улица Македонија и еве не со густа концентрација(локал до локал) и во Дебар маало.

Токму тука никна и Боемската улица,а од неодамна и Боемска-втор дел на општа радост и задоволство не само на дебармаалци.Ништо чудно што планерите токму тука ја лоцирале од Идадија па се до крајот на Радњанска.Од наше време кафеаната пред која со години се игра Новогодишно оро и се седи во бавчата под дебела сенка во летните попладниња беше во еден дел.Тука се наоѓавме пред утакмица,а после се радувавме или тагувавме по натпреварите на Работнички и на Вардар.Тоа беше место кај што може да ги сретнеш Ацо Мариовец,Мачки Молерот и гулабарот Конте,но и Перула Костовски и Томас Елзесер и со воајерска стрпливост да купуваш од нивните прескакалици,но и стручни расправи од типот дали шприцер се доправа и кога си заминал од пред кафаната Борка Талевски(„досега беше овде тетке“ и одговараат на дојденката која прашува за истоимената улица).

Често знаевме да се пикнеме и во Пензионерско( на аголот кај првата градинка и школото Коле Неделковски).Т,нки бевме по џебовите, а сакавме да се дружиме и да пивнеме чашка-две стомаклија или струмичка мастика.Тука цените беа „више него џабе“,а од мезе варено јајце –сам си земаш о шанкот,сам си го лупиш и солиш-жив мерак.Во една пригода сретнавме еден лик што веднаш го нарековме Попај зошто според неговите долги и возбудливи приказни бил морнар дојден малку дома па повторно ќе заплови на морските широчини.Од него почнавме да учиме да играме бриџ-вистински со некaкви манши и други енглески изрази.Од нас само Милчо Попац ја сфати суштината(беше талентиран картаџија,но секогаш знаеше да стане од маса-губел или добивал).

Од каршија во мала зградичка до столарот на аголот –поточно во подрумот се наоѓаше Подморница.Во неа доаѓаа најразлични гости од мераклии на чашка до актери,новинари,сликари,студенти и офицери пред работа,а и по работното време.Бевме млади и неотпорни на огнената вода-не фаќаше уште од испарувањето на ракијата и виното по бурињата.Немаше места за седење или немаше за нас жутоклунци-боеми од скопските сокаци.Му текна на газдата да служи и мезе-гола пијачка не оди,а мезето пушена скуша(лично од него во буре од катран и на чад од дрва и весници)мошне солена,нормално,а за хигиена,што да ти речам.....боемите беа со скопски шмек,ни налик на Париските кои рецитираа, свиреа барем на гитара,подаруваа цвеќе на поубавиот пол,беа облечени по последна мода и пиеја само одреден пијалок,а на нашиве им остана само меракот по кафеаната и тоа ти е....слушам( како Рамбо 3) ќе има и Боемска трет дел пред Учителска,кај Барик и Чамо,па богами и Ван Гог

Мојсо Мојсовски

Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД