Политички барометар на БРИМА: Води СДСМ пред ВМРО-ДПМНЕ, но води и Заев пред Груевски
Објавено во: Македонија 23 Јуни, 2017
СДСМ има повисок рејтинг од ВМРО-ДПМНЕ.
За првпат по многу години СДСМ води со 22,4% пред ВМРО-ДПМНЕ кој ја има поддршката на 19,8% од избирачите.
Најновиот политички барометар на БРИМА покажува дека по изборот на новата Влада дошло до значајни поместувања.
ВМРО-ДПМНЕ во сегментот на етничките Македонци има предност од 0,9%, а во вкупниот електорат СДСМ има предност од 2,6% затоа што СДСМ го поддржуваат 6,3% од етничките Албанци, а исто така СДСМ и кај гласачите од другите етнички заедници има предност од 15,1% во однос на ВМРО–ДПМНЕ.
Во албанскиот политички блок, ДУИ и понатаму ја задржува предноста со 26,6% во однос на БЕСА која е поддржана од 15,8% и Движењето за реформи во ДПА која ја поддржуваат 15,5% етнички Албанци.
Резултатите покажуваат дека дошло и до промени во рејтингот на политичарите.
Во вкупниот електорат сега на позитивната листа води Зоран Заев со 17.7%, a Никола Груевски заостанува зад него за 4.7%, за кого се определиле 13% граѓани од вкупниот електорат. Заев е во предност во сите сегменти од електоратот по етничка линија пред Груевски. Али Ахмети во албанскиот сегмент од електоратот има предност пред Зијадин Села и Билал Касами. За Ахмети како политичар во кого имаат најмногу доверба се определиле 23.8% етнички Албанци, за Села се определиле 15.9%, а за Касами 13.9%. Сепак, во вкупниот електорат во најголем број се граѓаните кои немаат доверба во ниту еден политичар (29.8%).
Најновиот политички барометар на БРИМА е направен непосредно по изборот на новата Влада од 2 до 12 јуни 2017 година.