ПОМОШ ОД ЕУ ЗА ЗАПАДЕН БАЛКАН: Колку пари ќе вложат во регионот?
Објавено во: Балкан 08 Јуни, 2017
Дополнителна помош од 2 милијарди евра најави ЕУ за Западен Балкан.
Оваа информација денеска ја објави „Дневни аваз“ од Сараево, повикувајќи се на извори блиски до Европската инвестициска банка.
По состанокот на Советот на министри на ЕУ и Европскиот совет, каде посебно се стави акцент на ситуацијата на Балканот, се одржа средба и со претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер и комесарот за проширување, Јоханес Хан. На неа ним им било пренесено дека ЕУ мора да вложи додатни средства за стабилизација и подобрување на состојбата на Балканот, пренесува Танјуг.
Извор кој инсистираше на анонимност, изјави дека се работи за иницијатива на Германија, која има за цел „посилен ангажман на ЕУ во реонот на БиХ, Албанија, Косово, Македонија, Србија и Црна Гора“.
Иницијатор на дополнителниот ангажман на Унијата за Балканот, е Германија.
Германскиот министер за надворешни работи, Зигмар Габриел на 31 мај, на самитот на министрите за надворешни работи од шесте земји од Западен Балкан, кој се одржа во Берлин на Аспен институтот, претстави дел од оваа германска иницијатива.
„Нам ни треба планот „Берлин плус“! Тоа мора да донесе видлив напредок во државите во регионот (Западен Балкан). Поради тоа, приоритет треба да се даде на идејата кои имаат за цел - од регионот да направат атрактивно економско подрачје. Така ќе се зацврстат врските со ЕУ, но и процесот на пристапување ќе се забрза“ - изјави тогаш Габриел.
Се споменуваат проекти, меѓу кои е и автопатот кој ќе ги поврзува Србија и Албанија преку Косово.