28 Април, 2024
0.0319

Поплавите го земaат данокот – растат цените на зеленчукот!

Објавено во: Агробизнис 18 Јуни, 2013

Добивај вести на Viber

Последиците од поплавите што оваа пролет ја зафатија земјава, излегоа на виделина. Цените на дел од земјоделските производи на зелените пазари кои беа најпогодени од поплавите, како што се очекуваше, пораснаа за 10 до 15 денари за килограм. Најголемо поскапување, статистиката регистраше кај зелката. Во мај оваа годинава цената на зелката била речиси 25 денари за килограм, а истиот период лани, 16 денари. Токму производството на зелка беше најпогодено од годинешните поплави. Зголемување на цените на зелените пазари се регистрани и кај кромидот, компирот и спанаќот.
Мало зголемување на цените во малопродажба има и кај морковот и јаболката. Така во мај годинава просечната цена на килограм морков била 43,4, за разлика од лани истиот период кога била 39,5 денари за килограм. Цената на јаболката во мај лани била 30,4 денари за килограм а годинава 43,6 денари за килограм. На ваквото поскапување на дел од зеленчук, уште пред три месеци предупредија земјоделците и експертите. Поплавите зад себе оставија уништени домати, краставици, пиперки и зелка, кои од половината на април требаше да се берат и да излезат на пазарот. Експертите предупредуваа дека поради штетите од поплавите во прашање ќе се доведе и покривањето на домашните потреби, па не ја исклучуваат можноста за зголемување на увозот на градинарски производи.
-Цените зависат од пазарот, ако не е избалансирана понудата и побарувачката, ако има недостиг, има и зголемување на цените на дел од раноградинарските производи. Намаленото производство ќе го поремети и извозот. Најголема цена остваруваме од раноградинарското производство, а ние во тој период на масовна понуда ќе доцниме, вели Борис Анакиев, пензиониран професор од Факултетот за земјоделски науки и храна. Познавачите велат дека доколку побарувачката расте, нема да запрат ниту поскапувањата. И земјоделците коментираат дека во услови на зголемена побарувачка а намалено производство, нормално е и цените да се зголемат. За земјоделците овие цени се реални и со некако може да се покриваат  производствените трошоци. Но доколку се споредат откупната со продажната цена, ќарот од високите цени повторно оди кај прекупците. Така откупната цена на зелката на големо е од 15 до 17 денари за килограм, а на зелените пазари во мај годинава се продаваше речиси 10 денари повеќе. Кромидот на големо во мај се продаваше по 22 денари за килограм, а на тезга речиси 33 денари за килограм. Цената на компирот на големо беше 22 денари а на зелените пазари речиси 39 денари за килограм. - Две причини влијаат врз поскапувањето. Од една страна поплавите, а од друга монополот на пазарот. Овие цени се реални за нас, за да ги покриеме трошоците за производството, но проблемот е што прекупците ставаат високи маржи, и всушност тие ќаруваат повторно. Во ланецот од земјоделец до тезга на пазар има многу луѓе, секој да зголеми по 5 или 10 денари, кога ќе стигне тој производ на тезга е со висока цена, и на крај граѓаните го плаќаат цехот, вели земјоделец од Струмичко. Сепак според податоците од  Државниот завод за статистика, на пазарите на големо е забележано најголемо зголемување на цените кај компирите, кромидот и зелката, а намалување имало кај лукот, краставиците, дињите и маслинките Состојбата на намалено производство и зголемени цени на дел од зеленчукот, е присутна не само во земјава туку и во цела Европа. Најголемиот проблем и причина за поскапувањето е што и најголемите производители на дел од овие земјоделски производи се соочуваат со недостиг од дел од зеленчукот. Така Германија е најголем производител на компир, но поради поплавените посеви се соочува со намалено производство. Лидер во производство на зелка се Романија, Чешка и Словачка, но и овие земји беа зафатени од поплави, па голем дел од производството се уништи. Холандија е најголем производител на кромид, но и таа се соочува со намалено производство на овој производ. Дел од земјоделските производи поевтинија Освен поскапување, статистиката регистрираше и поевтинување на дел до земјоделските производи. Лукот, дињите, тиквичките и црешите во мај годинава споредено со истиот период лани се продавале по пониски цени.
Скопски Бит пазар најевтин, Буњаковец и пазарите во Охрид најскапи
Според статистичките податоци, во мај годинава споредено со истиот период лани, убедливо најевтин пазар бил скопски Бит пазар, а најскапи се пазарите во Охрид и Буњаковец во Скопје. Така ако компирот во Охрид се продавал по 55 денари за килограм, истиот на тезга на Бит пазар чинел 30 денари за килограм. Зелените пиперки на охридските пазари се продавале по 112 денари за килограм, во Скопје на Бит пазар по 80 денари. Јагодите и црешите исто така најскапи биле во Охрид, а најевтини на скопски Бит пазар. Цената на спанаќот во мај годинава највисока 52 денари за килограм била во Битола, а најниска 28 денари во Велес. Зелката со највисока цена се продавала на скопски Буњаковец, а со најниска 18 денари во Кавадарци. Битолчани во мај за килограм кромид плаќале 40 денари, а скопјани доколку го купувале на Бит пазар плаќале 35 денари за килограм. Доматите биле најскапи во Охрид со 75 денари килограм, а најевтини во Тетово 62 денари за килограм. Ј.С

Можеби ќе ве интересира

ВО МАКЕДОНСКИТЕ ПЧЕЛАРНИЦИ СÈ ПОЧЕСТО ИМА ДРВЦА ПАУЛОВНИЈА: Кој е бенефитот од нив?

ВО МАКЕДОНСКИТЕ ПЧЕЛАРНИЦИ СÈ ПОЧЕСТО ИМА ДРВЦА ПАУЛОВНИЈА: Кој е бенефитот од нив?