17 Мај, 2024
0.0259

Последиците од загадениот воздух допрва следат! Има ли спас?

Објавено во: Анализа 18 Јануари, 2014

Добивај вести на Viber

Скопјани “дишат на шкрги” околу два месеци. Нивото на загаденоста на воздухот во метрополата сеуште e над максимално дозволеното. Неколкукратното зголемување на пм 10 штетните честички, допрва ќе удри врз здравјето на луѓето. Невропсихијатарот и епилептолог проф.д-р Методи Чепреганов за Фактор.мк вели дека амбиенталниот воздух е многу значаен за здравјето на луѓето и развој на болестите, но не треба превентивно, туку пред време сериозно да се размислува за загадувањето и последиците од него. Кога проблемот ќе се актуелизира, додава Чепреганов, е веќе доцна. “Загадувањето на воздухот е еден проблем на публичното здравје за кој државата треба сериозно да размислува и да превенира навреме, дури и предвреме, значи да го има во предвид и да го предвидува ова што не затекна, бидејќи кога веќе проблемот ќе се актуелизира е многу доцна.За жал тоа секогаш ни се случува. Стресот, динамиката на секојдневното живеење, климатските промени и лошиот квалитет на амбиенталниот воздух влијаат на невролошките и психолошките проблеми и болести кај луѓето. Влијанието на загадениот воздух е огромно како на невролошки така и на психолошки план, додека стресот е дополнителен проблем.Од променливите временски услови и динамиката на секојдневното живеење, стресогеното влијание и нашите манифестации како резултат на пролонгираниот стресоген фактор се повеќе од очигледни. Првиот проблем –загадувањето на воздухот е директно поврзан токму со маглата и малите честички кои така неосетно ги вдишуваме во нас и тие почнуваат со својата опасна игра во нашиот организам полека, сигурно и секојдневно. Но каде сме ние и нашиот однос навистина не би сакал да коментирам, едноставно поради фактот што сакаме да прикриеме, не сме објективни и сите работи ги импровизираме од ден за ден. Значи темата е крајно сериозна за која треба да дискутираат зрели личности со визија, мудрост и знаење. Загрозени сме сите, секако најмногу, ако би морало да се издвои детската и постарата возраст, се мисли на здравите луѓе, а да не зборуваме на оние кои веќе здравјето име е нарушено, особено на белите дробови, срцето но и на другите органи.Секако дека оваа популација со нарушено здравје е крајно осетлива, ранлива и треба многу да се внимава бидејќи последиците често знаат да бидат катастрофални. Главната подлога на слободните радикали кои го уништувааат фосфолипидниот слој на нашите келијни мембрани пореметувајќи ги нашите перманентни оксидативни и редуктивни системи во нашиот метаболизам и на тој начин го забрзуваат нашето стареење и процесот на таканаречената апоптоза-програмираното стареење и умирање на нашиоте клетки.Токму загадениот воздух е еден од главните извори на тие фамозни слободни радикали кои го уништуваат нашиот организам чијашто зголемена продукција поради загаден воздух го нарушува антиоксидантниот статус односно балансот во нашиот организам, и тие постојано се во хиперпродукција-енормно се зголемува нивниот број.Советуваната превенција е земање на антиоксиданси и чист воздух богат со кислород”-вели д-р Чепреганов. Скопје се гуши во магла, смог и чад! Во Скопје тешко се дише и денеска. Големата загаденост во Центар, Карпош, но и делот кај Ректорат со недели е алармантна, со високо количество на PM 10 честички во воздухот.Краткорочните мерки на Министерството за животна средина се покажаа како неуспешни во битката со справување со загадување на воздухот. Експертите и нутриционистите советуваат дека исхраната богата со антиоксиданси би можела да им помогне на бели дробови да се изборат со загаденоста од воздухот. Не само во нашиот град, вели д-р Чепреганов, туку и во бројни други градови во Европа, маглата е голем зимски проблем. Мајката земја –планета ја убиваат, полека но сигурно шест проблеми, нив добро ги познаваме Се прават некои превентивни-заштитни мерки, но реков, полека но сигурно секојдневно си ја уништуваме планетата а со тоа и личното здравје. Одговорот е многу едноставен. Кои се тие проблеми-загадувањето на воздухот, почвата-тлото на кое живееме и кое не храни, водата, биолошките и хемиските војни, генетски модифицираните организми и шестиот проблем кој веројатно излегува од овие рамки, а го нарекуваме проблем на “екологијата на духот” кој се темели на проблемот со нашето однесување како на нашите интерперсонални односи дома, на работа, со пријателите, државните односи и слично. Слободни радикали и превенција со нутритивни суплементи! Денешните научни сознанија, вели невропсихијатарот Чепреганов, им придаваат значајна улога на слободните радикали во процесот на “апоптозата” односно програмираното стареење и умирање на клетките, особено ако тој процес е провоциран од постоење на еден или повеќе ризико-фактори. Сеуште во многу процеси ова е енигма и овој биолошки механизам ги актуелизира студиите врз антиоксиданските како одбранбени механизми на човечкиот организам. А што всушност се слободните радикали? “Тоа се хемиски видови кои можат да бидат атоми, јони и молекули одговорни за атоксичните ефекти на кислородот. Тие имаат еден слободен електрон на својата надворешна обвивка кој ги дестабилизира и е одговорен за многу нови хемиски врзувања. Сакајќи да дојде многу брзо во стабилна состојба слободниот радикал е многу реактивен и се наоѓа постојано во хемиски интермедиерни реакции.Тие се продуцираат во организмот за време на биохемиските редокс-реакции во кои учествува кислородот, а како резултат на физиолошки и патолошки процеси. Слободните радикали присуствуваат во разни физиолошко биохемиски процеси во организмот кои имаат значајна физиолошка улога и оние кои можат да бидат продуцирани во текот на разни патолошки процеси во организмот. Од слободните радикали кои имаат значајна фзиолошка улога ќе ги споменеме хипохлорната киселина која се продуцира во одговор на инфекција, водородниот пероксид кој се продуцира во тиреоидеата и се користи за јодирање на тироидните хормони, супероксидот кој се продуцира од страна на фагоцитните клетки со задача за уништување на бактериите и вирусите и аминокиселината аргинин синтетизира азотен оксид во различни типови клетки вклучувајчи ги и васкуларните ендотелни клетки кој е силен вазодилататор а може да функционира и како невротрансмитер. Во текот на разни патолошки процеси во организмот главна и најодговорна улога за оштетување на клеточната мембрана е една од формите на кислородот т.н нестабилен кислороден радикал –анјон познат како супероксид. Одговорен за нестабилноста на атомот е неспарениот електрон во орбитата . Под извесни услови овој слободен радикал може да започне ланчана реакција и да ја уништи клетката.Најдобар пример за оваа реакција се супероксидни молекули кои во реакција со FE доведуваат до хидроксилен радикал кој е еден од најреактивните слободни радикали со полуживот од околу една наносекунда реагира со молекулите веднаш на самото место на формирање и на ваков начин настанува брзо оштетување на клеточната мембрана. Радикалот го напаѓа и водородот во липидите на мембраната на клетките и иницира ланчана реакција која доведува до деструкција на клетките. На овој принцип се објаснува програмираниот процес на стареење апоптоза” –додава доктор Чепреганов. Слободните радикали во организмот може да се генерираат и при дејство на надворешни фактори како изложеноста на јонизирачко зрачење или ултравиолетова светлина, тешки физички напори, под дејство на загадувачи на природата, издувните гасови, чадот од цигарите. Организмот за да се заштити колку е можно од слободните радикали подготвува свој одбранбен механизам .Во суштина вели д-р Чепреганов, тоа се материи кои ќе го спречат ефектот на слободните радикали, а тоа се антиоксидансите(АО). Според начинот на делување има примарни антиоксиданси кои го инхибираат почетното формирање на слободните радикали на пример германиумот, потоа секундарни кои ги елиминираат слободните радикали што се веќе формирани и терциерни антиоксиданси кои се репарирачки механизми и нивна задача е да ги поправат оштетувањата на биомолекулите од страна на слободните радикали. Најзначајни антиоксиданси кои постојат во природна состојба во организмот се витаминот а,ц и е. За делувањето и значењето на антиоксидансите денес се повеќе кај голем број студии преовладува мислењето дека тие делуваат координирано формирајќи антиоксидантен одбранбен систем. Но при одредени услови било од различни заболување или од штетното влијание на околината и загадениот воздух или од самиот процес на стареење настанува пореметување на оваа рамнотежа. “Имено, нарушувањето може да настане од прекуметно продуцирање на слободни радикали и недостаток на антиоксиданси.Медицината има многу истражувања и се отворени нови хоризонти, но при нарушување на овој баланс мора да се одреди антиоксидантниот статус во организмот и да се изврши суплементација на антиоксидансите. Слободните радикали и нивната штетна улога особено во невролошката патологија е голема и бидејќи расте потребата од фундаментални и клинички истражувања за превентивната и терапевтската корист од суплементација на антиоксиданси преку исхраната и фармаколошките препарати а преку истите првенствено да се заштитиме од штетното дејство на слободните радикали во организмот”- додава невропсихијатарот и епилептолог д-р Методи Чепреганов. Краткорочните мерки за заштита од загадениот амбиентален воздух во Скопје не се на сила. Болниците се полни со пациенти, што хронично болни, а што и нови случаи чија здравствена состојба е нарушена дополнително и поради лошите временски услови. Пораката од лекарите и можеби единствената превенција која може секојдневно на своја рака да ја примени секој пациент е разновидна исхрана со свежи производи богата до витамини и минерали, и “полнење на батериите” со чист воздух богат со кислород.