Позната сумата што Европската комисија ја предложи како помош за Македонија
Објавено во: Економија 22 Април, 2020
160 милиони евра е сумата која Европската Комисија ја предложи како макрофинансиска поддршка за Македонија во справувањето со економската и здравствената криза како дел од новата стратегија позната како „Тим Европа“ на Европската Унија, чија цел е да им се помогне на земјите партнери.
Предлогот е да се обезбедат вкупно три милијарди евра во форма на заеми за десет земји од нејзиното непосредно соседство. Од земјите од Западен Балкан, покрај за Македонија, им следува помош и на Албанија – 180 милиони, за Босна и Херцеговина 250 милиони евра, Косово – 100 милиони евра, Црна Гора – 60 милиони евра.
Европската извршна власт планира 150 милиони евра и за Грузија, 200 милиони на Јордан, сто милиони евра за Молдавија, 600 милиони евра за Тунис и 1,2 милијарди евра за Украина.
- Европската солидарност не застанува на границите на Унијата. Затоа што во оваа глобална криза стоиме или паѓаме заедно. Денеска Европската Комисија презема одлучен чекор да им помогне на десет од нашите соседни земји во нивната борба против коронавирусот, ги повикувам Европскиот Парламент и Советот брзо да се усогласат околу овој важен пакет, рече еврокомесарот за економија, Паоло Џентилони.
Останува уште Европскиот Парламент и Советот на ЕУ да го прифатат овој предлог, по што би се ослободила првата транша за брзо време.