02 Мај, 2024
0.0300

Предизвиците на БРИК-економиите

Објавено во: Анализа 29 Октомври, 2013

Добивај вести на Viber

Акронимот БРИК ја виде светлината на денот пред повеќе од десетина година. Денес овој термин стана толку многу препознатлив, па така веројатно голем број луѓе го знаат и покрај тоа што немаат некои допирни точки со економијата. Самиот термин покажува колку светот станува глобализиран и колкаво е значењето на големите растечки економии.

По распадот на Советскиот Сојуз, САД останаа да бидат доминантна сила, како политичка така и економска. Со комбинацијата од воведувањето делумни пазарни принципи и благодарение на природните ресурси, земјите од БРИК почнаа да се доближуваат на двете полиња. Впрочем, нема дилема дека пазарната моќ оди паралелно со политичката моќ. Бразил, Русија, Индија и Кина, четири нови гиганти на Земјината топка. Овие држави не се од вчера, во одредени периоди на човештвото Кина, на пример, била доминантна светска сила, па така денес некои аналитичари велат дека работите само се враќаат на местото каде што порано биле. Низ годиниве овие земји уживаат во пораст што западните економии може само да го сонуваат, но од друга страна токму развиените земји нема за што да жалат бидејќи веројатно следува фаза кога овие економии од производители полека ќе се претвораат во потрошувачи. Треба да напоменеме дека Кина веројатно е на чело на оваа група. Иако е општо познато дека земјата не е демократија во класична смисла на зборот (барем не таква како што Западот сака да ја нарекува), сепак нејзиниот пораст во голем дел надминуваше десет проценти. Дури и во време на криза успеваат да растат со фантастични 7,5%, а иако се очекува тој да се намали нема да падне под 6%. Земјата успева правилно да балансира и преку зголемување на домашната потрошувачка и јакнење на куповната моќ на населението да го задржи порастот и да остане во игра да стане најголема економија во светот. Од друга страна, преостанатите од групата имаат поголеми проблеми во одржувањето на порастот. Бразил расте само со 0,9%, Русија се очекува да расте со 1,8% додека Индија ќе има најмал пораст во изминативе десет години. Нема дилема дека во ова време каков било пораст е успех, но на овие економии може да гледаме како на забревтани машини, кои кога ќе закочат, може да имаат сериозни проблеми. Еден од главните проблеми на дел од овие економии е големата изложеност кон природните ресурси со кои се богати. Благодарение на ресурсите во земјите влегуваат многу девизи, кои всушност на среден рок ја јакнат домашната валута. На тој начин преживуваат само компаниите што се занимаваат со ресурси (нафта, метали и сл.), бидејќи за нив има сериозна побарувачка. Но другите сектори се сериозно оштетени, поради падот на конкурентноста. Бразил, на пример, се обиде преку монетарна интервенција да влијае на вредноста на валутата, за да ја зголеми компетитивноста. Но тогаш всушност парите стануваат достапни буквално до сите, не само до оние на кои навистина им требаат и настанува проблемот со инфлацијата. Зависноста од ресурси во економската теорија е позната како Холандска болест. Моделот е развиен од двајца економисти и тезата е дека во економии во кои има еден силен растечки сектор што носи странска валута може да настане проблем, кој на крајот на денот ќе им направи проблем на преостанатите сектори на сметка на главниот. Противниците на оваа теза велат дека тоа и не е така лошо и економијата ќе се насочи токму кон тие сектори од кои има најголема придобивка. Сепак, Бразил е пример дека ова долгорочно може да биде проблем. Овие податоци покажуваат дека новите економии мора да најдат начин да излезат од зависноста од ресурсите. Историјата барем досега покажа дека моќта е во иновацијата, а не во експлоатирањето на она што го дала природата. Останува да видиме дали Русија ќе направи подобро возило од мерцедес и дали Кинезите ќе направат нешто подобро од ајфон. Во меѓувреме предноста ќе биде на страната на иноваторите. М.Д.

Можеби ќе ве интересира

ЧЕТИРИДНЕВНА РАБОТНА НЕДЕЛА: Овие земји ја испробаа и не се враќаат назад

ЧЕТИРИДНЕВНА РАБОТНА НЕДЕЛА: Овие земји ја испробаа и не се враќаат назад