27 Април, 2024
0.0353

Прегратки или судир на „патриотите“ Трамп и Путин

Објавено во: Колумни 11 Ноември, 2016

Добивај вести на Viber

Доналд Трамп стана новиот претседател на САД. Владимир Путин му честиташе меѓу првите. Разврска во САД за многумина неочекувана, но реална. Во еден од минатите текстови во Фактор ја пренесов изјавата на Владимир Дедиер, познатиот биограф на Јосип Броз Тито, новинар, историчар, академик, член на Раселовиот суд, кој 1955 година ја напушти КПЈ и замина во САД. Дедиер во 1981 година дојде во Скопје и ја посети редакцијата на „Нова Македонија“. Во еден спонтан разговор на различни теми, беа засегнати и изборите во САД и изборот на Роналд Реган за претседател. Неговиот коментар беше: Тој(Реган) кај нас не би можел да кине ниту билети во биоскоп, но во Америка може да биде претседател. Па така и Трамп со сите маани и доблести, кој, патем, исто така има актерско искуство, може да биде претседател на најсилната држава во светот.  Толку за изборот на Трамп.

Сега, по неговиот избор, се отвораат многу прашања. Трамп во предизборната кампања ветуваше многу работи, изнакажа многу ставови за внатрешната и надворешната политика, за економијата, Муслиманите, бегалците...И нормално во сето тоа неизбежни беа и односите со Русија. Не само што беа неизбежни, туку и беа наметнати во кампањата на двата претендента на претседателската функција, Трамп и Хилари Клинтон. Дури и повеќе од очекувано, Русија беше крената на високо место во дебатите, небаре таа одлучуваше кој ќе биде идниот претседател на САД.

Поводи за ваквиот развој на дебатите секако постоеја. Пред се излегувањето на видело, преку Викиликс, на „заговорот“ во врвот на Демократската партија против Берни Сандерс, противкандидатот на Клинтон во предизборниот натпревар за претседателски кандидат на Демократската партија. Оставките во врвот на Комитетот на демократите, по откривањето на игрите околу Сандерс, беа повод за почеток на дискусија околу наводното учество на руски хакери во упадот на електронските системи на партијата. Клинтон беше бесна и постојано до крајот на кампањата ги обвинуваше Русите за давање помош на Трамп. Овој, пак, не остана должен, па на сет глас во една од дебатите ги „повика“ Русите, ако имаат и други сознанија да ги објават. Иако, во еден момент изјави дека не се знае кој ги „украл“ документите, „можеби е русин, можеби е кинез, а можеби и некој дебелко седнат на кауч“ велеше Трамп.

Имало руски хакери или немало сега никој тоа не го зборува. Сведоци сме на бришења или исчезнување на постови на Твитер или ФБ. Постови во кои Трамп беше нарекуван се и сешто. Се посипуваат со пепел лидери на многу држави. Особено во Европа, но не е мал ни бројот на видни Американци кои сега ги повлекуваат изречените зборови во предизборието. За разлика од нив во Русија мнозинството население навиваше за Трамп, додека официјален Кремљ, преку преку прес-секретарот на рускиот претседател, Димитриј Песков, во предвечерието на 8 ноември изјави дека Москва е подготвена за возобновување на односите со Вашингтон, „Онолку, колку што нашите партнери во Вашингтон ќе бидат готови да се зафатат со реанимација на нашите односи и нивно префрлање на режим на заемен дијалог, во кој ќе се води сметка за обостраните интереси“, рече тој. И Владимир Путин на разни собири го покажуваше интересот за подобрување на односите со САД, кои во последниве месеци, по неуспехот на заедничката сириска кампања паднаа на ниво невидено десетици години наназад.

Што зборуваше Трамп во својата кампања за Русија? Ако се остават настрана хакерските приказни, во голем дел од неговите искажувања тој ветуваше дека ќе ги одобри односите меѓу Вашингтон и Москва, дека ќе разговара со Путин, дека дури е можно до 20 јануари, кога треба да го преземе раководењето со САД да сврати во Москва и да се види со Путин. За вакви и слични искази го обвинуваа дека е симпатизер, па дури и „агент на Москва“. Па така во еден одговор на ваквите тврдења, тој истакна: „ Претседателот на САД Барак Обама зборува дека јас ќе бидам дружељубив со Путин. Прво, тоа би било многу добро. Јас не го знам Путин и тоа многу не ме загрижува. Но, мислам дека би било многу добро, ако САД се разбираат со Русија, што не е случај сега.

Разбирањето со Русија, според Трамп, би се огледало во заедничката борба против терористите од Исламската држава. Тој им пружа рака на сите оние кои ќе се вклучат во таква борба, не само на Русија.

Во поглед на ласкавите зборови на Путин на негова адреса, Трамп, вели дека пофалбите од Путин упатени кон него „нема да му помогнат во преговорите“. „Јас мислам дека ќе имам добри односи со Русија, но можеби и не. Фактот што тој зборува за мене добри работи, не значи дека тоа ќе му помогне во преговорите. Тоа сосема нема да му помогне. И јас доволно брзо ќе дознаам, ќе имам ли добри односи со Русија“, изјави во едно интервју Трамп. 

Трамп во своите излагања ги дразнеше противниците и со изјавите за Крим. „Колку што знам народот на Крим сакаше да биде со Русија, а не таму каде што беше. И тоа треба да се разгледа, изјавуваше Трамп во некои медиуми. Ова значи дека тој е подготвен, за разлика од Клинтон, да го смета прашањето на Крим за завршена приказна. А што се однесува до Украина, неа ја става во конеткст на НАТО!   За него сојузниците од НАТО се „муфтеџии“ кои ја обезбедуваат својата безбедност за сметка на американските пари и не плаќаат трошоци за Алијансата подеднакво со САД. „Ние ги заштитуваме, а тие не крадат“, велеше Трамп, додавајќи, „или тие ќе го платат недоплатеното, или треба да излезат“. Тој го смета НАТО за застарена организација и ги обвини членките дека „ништо не прават“ за Украина и одговорноста ја префрлаат врз САД. „Украина е земја која нас не допира многу помалку отколку другите земји на НАТО, но не помалку ние ја трпиме целата тежина“, зборуваше Трамп. „Зошто Германија со НАТО не го решаваат прашањето со Украина? Зошто другите земји блиску до Украина, зошто тие не го решаваат? Зошто ние секогаш лидеруваме, потенцијално (да ризикуваме) Трета светска војна со Русија?“ , прашуваше Трамп.

Слушајќи го сето ова што тој го зборуваше, а што е поврзано со Русија се наметнува впечаток дека тој во некој поглед има блиски ставови со Русија, што би и одговарало на Москва. Но дали е така? Едно е предизборие, а сосема друго, седнување во Белата куќа. До 20 јануари Трамп ќе го „чипираат“ разни служби, кои деновиве дури беа загрижени како тој ќе се однесува кон тој процес, сметајќи дека е несериозен, дека е неодговорен, непредвидлив. Згора на ова Трамп може да сака што и да е, но САД се демократска држава во која претседателот, сепак е под контрола на Конгресот и Сенатот. Независно што Републиканците имаат мнозинство во нив, не треба да се заборави дека голем дел од конгресмените и сенаторите беа отворено против неговата кандидатура, а истовремено и лути противници на потезите на Русија на меѓународен план.

Друга битна работа во идните односи на Русија со САД и лично на Путин и Трамп се „патриотизмот“ на едниот и на другиот. „Да ја направиме Америка повторно голема“ викаше Трамп на предизборните митинзи. А Путин не помалку сака да ја направи Русија исто така голема. Тој донекаде ја врати големината на Русија, иако Барак Обама, постојано велеше дека Русија е „регионална сила“, што за Путин веројатно беше голем мотив да го надминува тој „комплекс“ наследен по распадот на Советскиот Сојуз.  Дали патриотско-популистичкиот порив на Трамп и Путин ќе доведе до нивна пријателска прегратка или пак нивен судир?  

„Засега, веројатно може со внимателен оптимизам да се однесува кон оние зборови што ги слушавме од Трамп во предизборната кампања. Тој зборуваше за подготвеност да се разговара, да се зборува. А тоа е важно.“, изјави вчера прес секретарот на Путин, Песков. Тој дури смета дека е: „Феноменално е колку тие (Путин и Трамп), излегува, се блиски во својот концептуален приод кон надворешната политика. Како потврда на ова тој ги спореди настапите на Трамп, веднаш по победата на изборите, и на Путин неодамна на еден собир во Русија. Трамп во своето победничко обраќање како свој приоритет ги кажа Америка и нејзините интереси,а и Путин го кажа истото се разбира зборувајќи за безусловниот приоритет за него – националните интереси на Русија.  Песков вели дека Владимир Путин е приврзаник на подобрување на односите меѓу Русија и САД. Но, додава дека „не треба се’ да се гледа со розови очила, бидејќи се’ ќе биде многу тешко.“  Според прес-секретарот „позицијата на Русија е доследна, позицијата на претседателот Путин им е позната на сите, таа е доследна, доволно еластична, но има граница на еластичност. Путин е приврзаник на добри односи, подобрување на нашите односи. Ќе видиме колку ќе биде пројавен реципроцитет.“

 Сето погоре искажано, колку и да се бираат зборови, само потврдува дека кризата во односите меѓу САД и Русија е навистина голема. Која ќе биде границата на еластичност за таа да се надмине? Трамп како бизнисмен знае како се водат преговори и секогаш од нив сака да извлече добивка. Не треба да се заборави дека Путин работеше со тројца американски претседатели, и републиканци и демократи. Да видиме што ќе му донесе работата со четвртиот?

Мирче Адамчевски


Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД