Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ оди во САД, ќе појадува со Трамп
Објавено во: Македонија 06 Февруари, 2018
Опозицискиот лидер Христијан Мицкоски ќе ја има првата посета на САД како претседател на ВМРО-ДПМНЕ при што се очекува да оствари средби со претставници на американскиот државен врв заедно со партиска делегација составена од Влатко Ѓорчев, Тимчо Муцунски и Слободанка Алексовска.
Во текот на посетата Мицкоски ќе реализира повеќе средби со претставници на Белата Куќа, Стејт Департмент и членови на Претставничкиот дом и Сенатот.
Од партијата соопштуваат дека Мицкоски ќе се обрати и на Безбедносниот форум организиран од членови на американскиот Сенат, а воедно ќе присуствува на Молитвениот појадок кој се одржува под покровителство на Претседателот на САД Доналд Трамп.
- Предвидена е и реализација на средби со претставници на македонската дијаспора во САД. Престојот во Соединетите Американски држави ќе се искористи за остварување на меѓународни контакти, зацврстување на односите на ВМРО-ДПМНЕ и лобирање за државните и национални интереси на Република Македонија. По скорешните посети на Брисел, и Будимпешта, престојот во Вашингтон преставува продолжување на интензивната меѓународна активност на ВМРО-ДПМНЕ, соопштуваат од ВМРО-ДПМНЕ.