16 Мај, 2024
0.0249

Претседателските избори ќе „стопат“ 4 милиони евра, парламентарните – можат да донесат ребаланс

Објавено во: Анализа 02 Февруари, 2014

Добивај вести на Viber

Печатење избирачки материјал и паричен надомест за членовите на избирачките одбори – ова ќе бидат најголемите трошоци за претстојните претседателски избори, за кои првиот круг ќе се одржи на 13-ти април. “Тоа се тие т.н.технички или административни трошоци на изборите, но согласно Изборниот законик, во Буџетот се планираат средства и за надоместок за организаторите на изборните кампањи кои се исплаќаат по освоен глас“, појаснува за Фактор поранешниот министер за финансии Никола Поповски. Според чл. 86 од Изборниот законик, по изборите, право за надоместок од 15 денари по глас имаат организаторите на изборна кампања чиј кандидат на претседателските избори ќе победи, но и оние кои нема да победат, но ќе освојат најмалку 1,5%  од вкупниот број гласови од излезените граѓани. Во овогодинешниот буџет  за изборните активности се предвидени 245,4 милиони денари или околу 4 милиони евра. Со тоа, овие претседателските избори ќе бидат речиси двојно поскапи од локалните што се одржаа во март 2013 година, а за кои беа одделени околу 2,25 милиони евра. И во двата изборни циклуси се гласа во два изборни круга, но на претседателските гласање има и во дијаспората. Иселениците за првпат ќе гласаат на избори за шеф на државата. Според експертите, гласањето во дијаспората не е голем трошок, но е скапо доколку се спореди со ефектот, односно со бројот на излезени гласачи. „Ако се отвора гласачко место само за десетина гласачи, тогаш нивниот глас чини поскапо отколку оној во Македонија“, вели за Фактор поранешниот претседател на ДИК Александар Новаковски. Од претходните изборни циклуси, доколку трошоците се поделат на бројот на излезени гласачи, се добива дека во просек секој глас на изборите го чини Буџетот од 2,5 до 3 евра, но во дијаспората таа цифра може да биде и неколкупати пати повисока, велат познавачите. Во светски рамки, според ефикасноста на трошоците за изборите земјите можат да се поделат во три категории. Стабилните демократии, како САД и земјите од Западна Европа во просек од државниот буџет трошат меѓу 1 и 3 долари за секој глас. Во демократиите кои се во фаза на консолидација, меѓу кои е и Македонија, тие трошоци се искачуваат на 4-8 долари за глас. Најскапи се изборите во постконфликтните подрачја, каде што се потребни инвестиции во гласачка инфраструктура и каде трошоците можат да се искачат на повеќе десетици долари за еден глас. Доколку заедно со претседателските, во Македонија се одржат и вонредни парламентарни избори, како што се навестува, тогаш трошоците неминовно ќе се зголемат. „Јас за тоа велам вака: мала свадба и голема свадба – трошоците се различни, иако процедурата е иста“, вели Новаковски. Сепак, тој смета дека во веќе предвидените пари во Буџетот има доволно за да се спроведат и двете операции, доколку е потребно. „Се сеќавам дека, барем јас додека бев таму, ДИК секогаш враќа голем дел од парите предвидени за изборни активности“, додава поранешниот претседател на изборната комисија. „Веројатно се испланирани трошоците и за предвремени парламентарни избори. Ако не се, тогаш неизбежен ќе биде ребаланс на Буџетот. Владата мора да ги обезбеди средствата за изборни активности“, вели поранешниот министер за финансии Поповски. Со измените во Изборниот законик усвоени на почетокот на годинава, нова обврска на министерот за финансии е да ги објавува сите финансиски исплати во изборен период и да достави посебен изборен финансиски извештај со преглед на сите планирани и реализирани приходи и расходи во Буџетот. За непочитување на оваа одлука е предвидена казна затвор од шест месеци до една година. Идниот претседател, што ќе треба во мај да ја преземе функцијата, ќе располага со помалку средства, во споредба со парите што од Буџетот ги доби актуелниот претседател Ѓорге Иванов, за последната година од неговиот мандат. Во Буџетот за 2014, за шефот на државата предвидени се близу 1,2 милиони евра, додека минатата година таа ставка изнесуваше речиси 1,5 милиони евра. Б.А.