29 Април, 2024
0.0290

ПРОФЕСОР ДАНИЛОВСКИ ЗА ФАКТОР: Екстремните климатски промени носат и многу други опасности, ризиците од избувнување на болести од комарците не се мали

Објавено во: Македонија 27 Јули, 2023

Добивај вести на Viber

Европа и светот во последниов месец дена се борат со ектремни состојби. Топлотните бранови, пожарите, сушата од една страна, од друга, пак, поројни дождови, ветрови, град суперќелиски облаци се секојдневието кое сега го живее човештвото. Но, ваквите екстремни климатски промени носат и други опасности, а тоа се заразните болести од комарците, за кои предупредува и Светската здравствена организација. Професорот Драган Даниловски во разговорот за Фактор посочува дека болестите што ги пренесуваат комарците убиваат повеќе од еден милион луѓе и заразуваат до 700 милиони секоја година - речиси еден од десет луѓе.

Со загревање на планетата, односно климатските промени, се продолжува сезоната на комарци. Најсмртоносното суштество во светот ќе го прошири својот географски опсег во нови региони и повторно ќе почне да се јавува во области во кои бројот на комарци се намалувал со децении.Екстремните климатски и временски услови како што се суши, топлотни бранови, поплави и врнежи се интензивираат ширум светот. Тие обезбедуваат поволни услови за размножување на комарците и би можеле да помогнат во ширењето на вируси на поголеми географски ширини и надморски висини.Една неодамнешна студија, предводена од Лондонската школа за хигиена и тропска медицина (LSHTM), има предвидено дека повеќе од осум милијарди луѓе би можеле да бидат изложени на ризик од маларија и денга до 2080 година. Истражувањето покажало дека порастот на глобалната температура може да ги продолжи годишните сезони на пренос за повеќе од еден месец за маларија и четири месеци за денга во следните 50 години.Климатските промени, исто така, го зголемуваат ризикот од болести пренесувани од вектори (комарци) на помалку очигледни начини. На пример, кога домаќинствата складираат вода заради сушата, ова може да ги зголеми локалните места за размножување комарци и ризикот од болести. Промените во користењето на земјиштето, исто така, можат да ја поттикнат миграцијата во градовите, зголемувајќи го населението изложено на ризик од експлозивни избувнувања на денга и други болести што ги пренесуваат комарците, посочува епидемиологот Даниловски.

Нагласува дека овие инсекти иако се ендемични за одредени региони во светот, со наглите климатски промени освојуваат нови територии.

-Болестите што ги пренесуваат комарците кои се ендемични во супсахарска Африка, Југоисточна Азија и Латинска Америка, повторно „креваат глава“ во популациите во различни делови на светот. Системот за рано предупредување за болести што се пренесуваат од комарци (The Early Warning System for Mosquito Borne Diseases - EYWA) покажува нагорна траекторија во Европа, при што случаите на маларија се зголемуваат за 62%, а денга, зика и чикунгуња за 700%. Само минатата година во екстремните поплави во Германија бројот на комарци се зголемил до десет пати од вообичаените проценки.Иако постојат повеќе од 3 000 видови комарци во светот, најсериозните болести како што се денга, чикунгуња, зика и жолта треска се пренесуваат од само два - Aedes aegypti и Aedes albopictus (азиски тигрест комарец), вели професорот.

Денга, посочува д-р Даниловски, вирус што најбрзо се шири во однос на сите други вируси што се пренесуваат со комарци, проценето е дека заразува повеќе од 390 милиони луѓе секоја година, а во моментов, под ризик од заразување се наоѓа повеќе од половина од светската популација.

-Инциденцијата на денга драматично порасна ширум светот во последните децении, при што случаите пријавени во СЗО се зголемија од 505 430 случаи во 2000 година на 5,2 милиони во 2019 година. Регистрирано е 30-кратно зголемување на глобалната инциденција во текот на изминатите 50 години.Огромен дел од случаите се асимптоматски или благи и спонтано поминуваат, па оттука реалниот број на случаи на денга е далеку поголем од пријавениот. Многу случаи, исто така, се погрешно дијагностицирани како други фебрилни болести.Оваа болест сега е ендемична во повеќе од 100 земји во регионите на СЗО во Африка, Америка, Источен Медитеран, Југоисточна Азија и Западен Пацифик. Најсериозно погодени се регионите на Америка, Југоисточна Азија и Западен Пацифик, при што Азија претставува околу 70% од глобалниот товар на болести.Денгата се шири во нови области, вклучувајќи ја и Европа, а се појавуваат и експлозивни епидемии. Локален пренос беше пријавен за прв пат во Франција и Хрватска во 2010 година, а увезени случаи беа откриени во 3 други европски земји.Најголемиот број случаи на денга досега пријавени на глобално ниво е во 2019 година. Сите региони беа погодени, а преносот на денга беше забележан за прв пат во Авганистан. Американскиот регион пријави 3,1 милиони случаи, со повеќе од 25 000 класифицирани како тешки. Голем број случаи се пријавени во Бангладеш (101.000), Малезија (131.000), Филипини (420.000), Виетнам (320.000) во Азија, вели тој.

Денгата продолжува да ги погаѓа Бразил, Колумбија, островите Кук, Фиџи, Индија, Кенија, Парагвај, Перу, Филипините, островите Реунион и Виетнам од 2021 година.

Во однос на причинителот на денга треската, професор Даниловски појаснува дека тоа е РНК вирус од фамилијата Flaviviridae. Постојат четири серотипови на вирусот на денга, од кои сите можат да предизвикаат болест. Претходната инфекција со еден серотип е фактор на ризик за развој на подоцнежни потешки инфекции.

-Вирусот на денга е најзаразен меѓу арбовирусните болести што се пренесуваат преку комарци (денга, зика и чикунгуња). Основниот репродукциски број, R0 го карактеризира епидемискиот потенцијал на микроорганизмот со проценка на бројот на секундарни случаи кои би биле генерирани од еден заразен случај, доколку тој се внесе во имунолошки наивна (осетлива) популација. Затоа, може да се користи за да се предвиди степенот до кој инфекцијата би можела да се шири при отсуство на интервенции. Опсегот на R0 од објавената литература за денга е помеѓу 0,97 и 65, за Зика помеѓу 0,16 и 9,4 и за чикунгуња помеѓу 0,46 и 6,46. Просечниот R0 е проценет на 4,74 за денга, 3,02 за Зика и 2,55 за чикунгуња.Според една студија од 2020 година, заклучено е дека арбовирусните избувнувања (денга, зика и чикунгуња) зависат од климатската зона, со тоа што R0 е понизок, во просек, во умерените климатски зони (R0 = 2.03), во споредба со тропските (R0 = 3.44) и суптропските зони (R0 = 10.29). Ова се просечни вредности. Апсолутната варијација е широка и се движи од 0,16 до 65, појаснува епидемиологот.

Во однос на прашањето кои се најризични групи, професор Даниловски вели дека бебињата и малите деца заразени со денга имаат поголема веројатност од возрасните да добијат тешка форма на болеста.

-Веројатноста од тешко заболување е поголема кај децата што се добро ухранети (здрави се и добро се хранат). Ова е различно од многу други болести, кај кои полошо поминуваат деца што се неисхранети, болникави или слабо се хранат. Веројатноста за тешка болест, исто така, поголема е кај жените отколку кај мажите. Денгата може да им го загрози животот на болните со хронични болести, како што се дијабетес и астма. Денга треската обично е болест која спонтано поминува, со никакви или благи симптоми, со стапка на смртност (леталитет) помала од 1% кога е рано откриена и при пристап до соодветна медицинска нега. Кај 1 од 20 инфицирани се јавува тешка форма на болеста. Кога се лекува, тешката форма на денга има стапка на смртност од 2-5%, но, кога не се лекува, стапката на смртност е до 20%.Кај оние кај кои ќе се појават симптоми, нивниот почеток е 4-10 дена по инфекцијата и траат 2-7 дена. Симптомите може да бидат:

висока температура (40°C)

силна главоболка

болка зад очите

болки во мускулите и зглобовите

гадење

повраќање

отечени жлезди

осип.

Поединците кои се инфицирани по втор пат изложени се на поголем ризик од тешка форма на денга.

Важно е следењето на предупредувачките знаци на тешка болест. Потребна е итна хоспитализација, доколку се појават индикации за шок или крварење, бидејќи овие компликации може да бидат смртоносни. Тие се:

силна абдоминална болка

упорно повраќање

забрзано дишење

крварење од непцата или носот

замор

немир

повраќање крв или крвава столица

силна жед

бледа и ладна кожа

чувство на слабост.

По прележувањето, луѓето може да се чувствуваат уморни неколку недели.

Повеќето случаи на треската денга може да се лекуваат дома само со лекови против болки. Спречувањето на каснување од комарец е најдобриот начин да се избегне добивање на денга.

-Не постои специфичен третман за денга. Фокусот е на лекување на симптомите на болка. Треба да се користи ацетаминофен (парацетамол) за контрола на болката. Нестероидните антиинфламаторни лекови, како ибупрофен и аспирин треба да се избегнуваат, бидејќи можат да го зголемат ризикот од крварење. Потребен е внес на големи количини течности.Вакцина за спречување на денга (Dengvaxia) е лиценцирана и достапна во некои земји за луѓе на возраст од 9 до 45 години. Таа е тетравалентна (за сите четири типа на вирусот), жива атенуирана вакцина. Светската здравствена организација препорачува вакцината да се дава само на лица со потврдена претходна инфекција со вирусот на денга и кои живеат на места каде што болеста е честа појава. Производителот на вакцини, Санофи Пастер, објави во 2017 година дека луѓето кои ја примаат вакцината и не биле претходно заразени со вирус на денга може да бидат изложени на ризик да развијат тешка форма на денга ако заболат од денга откако ќе бидат вакцинирани, потенцира  проф. Даниловски.

Комарците кои шират денга се активни во текот на денот.

За намалување на ризикот од заболување од денга, треба да се заштитиме од каснување од комарци со користење на:

облека што покрива што поголем дел од телото;

мрежи против комарци, идеално прскани со средство за заштита од инсекти;

прозорски комарници;

средства за заштита од комарци (репеленти);

да не се дозволи да се задржува вода во саксии, контејнери, автомобилски гуми, вазни.

Професорот вели дека постојат повеќе начини на кои може да се контролираат болестите што ги пренесуваат комарците. Конвенционалните стратегии за контрола на денга во голема мера се потпираат на намалување на бројот на контејнери за задржување вода што го поддржуваат размножувањето на комарците и употреба на инсектициди за сузбивање на популацијата на комарци. Сепак, како што посочува тој, предизвик е да се постигне одржливо намалување на бројот на комарци и сè уште може да се појават епидемии на денга. Затоа, во поново време се прават обиди за користење и на некои други методи:

1. Техника со стерилни инсекти

Техниката со стерилни инсекти користи зрачење за да ги стерилизира машките комарци кои потоа се пуштаат во голем број за да се парат со дивите женки, со што се спречува изведување на јајцата. Со текот на времето и последователните пуштања, се предвидува опаѓање на дивата популација.

2. Техника со инкомпатибилни инсекти

Овој пристап користи бактерија волбахија (wolbachia), која природно се наоѓа кај околу 50% од сите инсекти. Во овој пристап, комарците се одгледуваат во лаборатории кои содржат волбахија. Тие се парат и потоа се ослободуваат само мажјаците. Кога машкиот комарец заразен со волбахија се пари со дива женка без волбахија, нејзините јајца не се изведуваат. Ова има сличен ефект како техниката на стерилизација и со текот на времето дивата популација комарци треба да се намалува. Методот со волбахија на Светската програма за комарци нема за цел да ја намали популацијата на комарци, туку да ја замени со комарци кои содржат во себе волбахија. Ова помага да се блокира преносот на денга вирусот, како и други вируси кои ги пренесуваат комарците Aedes aegypti и Aedes albopictus, како што се зика, чикунгуња и жолта треска.

3. Комбинирана техника со стерилни инсекти и техника на инкомпатибилни инсекти

Техниката со инкомпатибилни инсекти бара парењето да биде целосно и наполно ефективно, зашто инаку целната популација нема да се намали. Потполно прецизно парење можно е да биде тешко да се постигне и затоа може да се комбинира со ниски дози на зрачење за да се стерилизираат плодни женки кои случајно се пуштени заедно со неплодните.

5. Генетска модификација

Развиени се голем број различни методи за генетска модификација (ГМО). Сите тие ја делат истата карактеристика на воведување смртоносни гени во целната популација на комарци. Се предвидува дека овие методи ќе ја намалат големината на популацијата на комарци со текот на времето.

Ризиците кај нас и како да се намалат

-Кај нас е регистрирана појава на комарецот Aedes albopictus за прв пат во 2016 година во Дојран, потоа во Скопје во 2019 година и оттогаш сигурно е присутен низ целата држава. Имајќи предвид дека сѐ повеќе има граѓани кои патуваат во земји каде што денга е ендемична, многу реално е да се очекува некој од нив да се врати дома заразен и да стане потенцијален извор на зараза. Зашто, тука може да биде каснат од тигрест комарец, кој ќе го прими вирусот во себе. И потоа, многу веројатно, тој комарец може да касне друго лице. И да му го пренесе вирусот. И да почне ланец на инфекции... Оттаму, неопходно е на сите граѓани што ќе патуваат на егзотични дестинации, да им се укаже во туристичките агенции пред почетокот на патувањето, кога ќе се вратат да си ја следат здравствената состојба. И при можна појава на симптоми (покачена температура, силни болки во мускулите и коските, повраќање, осип на лицето и телото, малаксаност...), да се јават кај својот матичен доктор, сугерира епидемиологот.

Истовремено апелира матичните доктори и инфектолозите да си ја вклучат во диференцијалната дијагноза и денгата (и не само таа), особено кога пред себе ќе имаат пациент со горните симптоми, кој неодамна се вратил од патување во ендемски подрачја.

-Таков пациент веднаш да го упатат до Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) за серолошко испитување на денга. Или до Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби, ако симптомите се потешки. И ако се покаже дека се работи за денга или друго заболување што се пренесува со вектори (комарци), да се информира јавноста! Јавноста има право да знае!Затоа, неопходно е ИЈЗ да изработи соодветен едукативен материјал веднаш! Тој потоа да биде објавен на интернет страниците на ИЈЗ и десетте Центри за јавно здравје. Исто така, материјалот да се достави до сите туристички агенции, за тие да го споделат со патниците во ендемските региони за болеста. Ризиците да дојде до поголемо избувнување на болести кои се пренесуваат со вектори (комарци) кај нас се мали. Некои од нив ние веќе ги имаме кај нас (лајмска болест, западно-нилска треска, други хеморагични трески, туларемија), а потенцијално постои можност да се внесат однадвор маларијата, чикунгуња, зика и денга. Реални се ризиците за појава на спорадични (единечни) случаи. Тие ќе се зголемуваат сѐ повеќе заради климатските промени кои ќе влијаат на дистрибуцијата и активноста на векторите. Врз ризиците влијае и зголемената раздвиженост на населението (туристички патувања, трговија). Иако ризиците се мали, системот мора да е подготвен. А кај јавноста да се подигне свеста за нивното постоење, заклучува проф. Даниловски во разговорот за Фактор.

Анита Буховски


Можеби ќе ве интересира

ПРЕДИСТРАЖНИ ДЕЈСТВИЈА ЗА ПОРАНЕШЕН ГРАДОНАЧАЛНИК: Тошковски објави што направил

ПРЕДИСТРАЖНИ ДЕЈСТВИЈА ЗА ПОРАНЕШЕН ГРАДОНАЧАЛНИК: Тошковски објави што направил

Финансиска полиција: Фирма платила 3,5 милиони евра за стари акумулатори без да ги добие

Финансиска полиција: Фирма платила 3,5 милиони евра за стари акумулатори без да ги добие

ЕКС ГРАДОНАЧАЛНИКОТ НА БУТЕЛ НЕ СЕ ОТКАЖУВА: Ниту јас сум отишол од СДСМ ниту СДСМ се сели од Бутел

ЕКС ГРАДОНАЧАЛНИКОТ НА БУТЕЛ НЕ СЕ ОТКАЖУВА: Ниту јас сум отишол од СДСМ ниту СДСМ се сели од Бутел

Гаши: Избор на претседател во Собранието не е услов за коалицирање

Гаши: Избор на претседател во Собранието не е услов за коалицирање

Мециновиќ: Подаваме рака до ВМРО - ДПМНЕ заедно да не ги потпишеме уставните измени

Мециновиќ: Подаваме рака до ВМРО - ДПМНЕ заедно да не ги потпишеме уставните измени

Бујар Османи: Мицкоски не одлучува кој ќе биде претставник на Албвнците

Бујар Османи: Мицкоски не одлучува кој ќе биде претставник на Албвнците

ПРЕНЕСУВАЛЕ ПРЕКУ ГРАНИЦА ПРАЗНИ ДОКУМЕНТИ - Македонци осудени во соседна Грција за шверц на лични карти, возачки дозволи

ПРЕНЕСУВАЛЕ ПРЕКУ ГРАНИЦА ПРАЗНИ ДОКУМЕНТИ - Македонци осудени во соседна Грција за шверц на лични карти, возачки дозволи

„БОЦЕВСКИ, КОЈ СМЕНИ МИЛИОНИ ПАРТИИ И ДРЖАВНИ ФУНКЦИИ, ЗА МЕНЕ РЕКОЛ ДЕКА НЕ СУМ ПОЛИТИЧАР“: Ванковска за изјавата на Ивица Боцевски

„БОЦЕВСКИ, КОЈ СМЕНИ МИЛИОНИ ПАРТИИ И ДРЖАВНИ ФУНКЦИИ, ЗА МЕНЕ РЕКОЛ ДЕКА НЕ СУМ ПОЛИТИЧАР“: Ванковска за изјавата на Ивица Боцевски

ГРУЕСКИ ЗА КОВАЧЕВСКИ: „Човекот како тотално да се одлепил од реалноста“

ГРУЕСКИ ЗА КОВАЧЕВСКИ: „Човекот како тотално да се одлепил од реалноста“