ПРОСЕЧНИ ПЛАТИ ОД 33 ИЛЈАДИ И МИНИМАЛНА ОД 20 ИЛЈАДИ ДЕНАРИ - еве што ви нудат партиите за вашите приходи
Објавено во: Економија 25 Јуни, 2020
Партиите ги открија своите ветувања со кои ќе настапат пред граѓаните во претстојната предизборна кампања. Она што најмногу ја интересира популацијата е она што политичките ривали имаат да им го ветат за нивните плати.
Еве што нудат политичките партии во делот на платите.
Сега владејачкиот Социјалдемократски сојуз, доколку ја добие довербата од граѓаните, нуди дека за време на својот мандат просечната плата ќе ја зголемат за 30 отсто, а минималната за дури 40.
Еве што напиша лидерот на СДСМ Зоран Заев на својот фејсбук профил.
„За три години ги остваривме ветувањата за повисоки плати и социјална помош. Сега со чист образ ја нудиме нашата нова понуда и ветуваме“, пишува Заев.
Додава дека за 30 отсто ќе се зголеми просечната плата, а минималната до 40 отсто. Предвидуваат за 21 отсто зголемување на пензиите. Грижата за ранливите категории, доколку формираат Влада, ќе се прошири од 26.000 на 34.000 граѓани.
Што ова би значело во однос на сегашните плати?
Според последните податоци на Државниот завод за статистика, просечната нето исплатена плата во април годинава е 25.830 денари.
Доколку таа се зголеми за 30 отсто, тоа значи дека зголемувањето ќе изнесува 7.749 денари. Или, ова би значело дека ако просечната плата се зголеми за толку, таа би требало да достигне 33.579.
Додека, минималната плата која сега е 14.500 денари, ако се зголеми за 40 отсто, значи дека порастот би изнесувал 5.800 денари, односно минималната плата до крајот на нивниот нов мандат би изнесувала 20.300 денари.
ВМРО-ДПМНЕ, пак, ветува зголемување на платите за 25 проценти.
Тоа би значело дека просечната плата, доколку тие ја добијат довербата и формираат Влада, просечната плата ќе се зголеми за 6.457,5 денари, или, просечната плата ќе достигне 32.287,5 денари.
Ако ова важи и за минималната плата, тогаш таа би се зголемила на 18.125 денари.
ВМРО-ДПМНЕ ветува и повисока плата во здравството за 20 проценти за сите здравствени работници, како и достоинствена плата за сите специјализанти и платените дежурства.
Ветувањата се толку примамливи, што подобри не можат да бидат и кај двете партии.
Дали и колку ќе се остварат, ќе се види кога една од овие две партии ќе ја добие довербата да формира Влада, за што ќе имаат период од четири години.
Како сето ова ќе се постигне во време кога економијата е погодена од корона криза, па прашање е кога ќе закрепне и ќе се овозможи зголемување на платите.
Н.Н.Ф.