26 Април, 2024
0.0268

Прво послание од Америка: за слободата

Објавено во: Колумни 23 Август, 2016

Добивај вести на Viber

Овој и неколку други текстови, од кои поголем број ќе бидат објавени во колумни, се пишувани во САД. Тоа се впрочем делови од некои мои белешки фаќани по повод импресиите од мојот истражувачки престој во САД. Често, особено при подолгите престои во странство, имам навика во едно мало, црвено тефтерче да бележам впечатоци кои мене се чинеле важни за бележење. Тоа се моменти, интимни расположби, но и опсервации, размисли и заклучоци по повод општествените, политичките или културните прилики во земјата на престој. Често тоа е некоја тема, некој проблем кој ми се покажал важен. Во случајов ми се чинела важна слободата. Ова се размисли за слободата.

Што е слободата? Слободата сфатена во социјално-политички контекст. Не слободата во метафизичка, онтолошка смисла, слободата како научна и философска категорија. Не слободата како антрополошка категорија со која се занимава и науката и философијата. Не, овде нема да глаголиме за таквата слобода. Туку слободата во заедницата, што значи да си слободен во едно општество? Во случајов сакам низ три примери, во следните три колумни, да медитираме заедно над поимот слобода. Се разбира, далеку од тоа дека од тие медитации треба да произлезе догма за слободата, напротив, само ги давам на јавен увид сопствените дилеми за тоа што би можело да биде слободата во една заедница.

Во оваа колумна ќе се обидам да ви доловам една ситуација и дилема низ првиот пример, го нареков „Пример Drycampus“. Имено, после секој напорен и набиен со настани ден (семинари, конференции, предавања и секако читања во библиотека), имавме убаво дружење во прекрасниот парк пред собите во кои бевме сместени во кампусот. Се разбира, под дружење се подразбира добро ладно пиво на ужасно топлата и одвратно влажна клима во Минесота. И дотука сè е во ред, да не беше универзитетскиот камупс drycampus („сув кампус“), т.е. кампус каде е забрането консумирање алкохол. Впрочем, како и скоро сите универзитетски кампуси во САД. На универзитетот во САД престојував во летниот период, кога е распуст и нема фреквенција на студенти и професори. Бевме 20-тина професори од цел свет: од Нигерија, преку Македонија до Бразил. Се разбира и неколку колеги од други универзитети ширум САД. Но, помеѓу нас немаше ниту еден малолетен, ниту пак се опивавме секоја вечер, или пак правевме беља. Не, едноставно ќе се соберевме, ќе испиевме по едно-две пива, ќе го сумиравме денот, ќе се подружевме и ќе заминевме на спиење. Затоа и го правевме тоа скоро секоја вечер без да го почитуваме „законот“ за drycampus.

Една вечер ни се појави „универзитетското обезбедување“ со SUV, ротационо светло, униформа и оружје се разбира. Колегите, особено оние од САД, „испаничија“, почнаа да ги истураат лименките пиво, да ги кријат чашките и да ги фрлаат во најблискиот контејнер шишињата. Дојде обезбедувањето и почна да нè кара: „Знаете дека е drycampus, дека не е дозволено внес и консумација на алкохол и сл. Да не ви се случи уште еднаш...и т.н.“ Она што мене, „нецивилизираниот Балканец“ ме изненади е односот на моите колеги Американци. Како што реков, сите бевме наставници на универзитет, возрасни, некои од нив и над 50 години. Но сите до еден од Американците исплашени му се извинуваа на обезбедувањето ветувајќи дека нема да се повтори.

И тогаш ги прашав и сега гласно се прашувам: „Зарем не можевме едноставно да поразговараме со човекот од обезбедувањето, да му објасниме дека го разбираме drycampus-правилото, но дека сите сме возрасни и претпоставено умни, и дека тоа правило секако е добро, но веројатно е измислено, важи и е добро за во текот на академската година кога во кампусот престојуваат стотици, па и илјадници 18-годишници, кои лесно можат да се опијанат и направат беља, не е веројатно дека и нас нè ставате во исти кош и дека тоа правило се аплицира и на нас, скоро средовечни универзитетски професори на кои ниту им личи, ниту би можеле и да сакаат да се испијанат како 18-годишници, а не пак да направат беља!? Веројатно можевме да се разбереме `ко луѓе`“- ги прашав, ко што би се разбрале овде во Македонија и скоро секаде на Балканот!? На „Балканите“ тоа веројатно би завршило или со убаво разбирање, помалку веројатно со кавка, а многу веројатно дури и така што чуварот би седнал со нас на по едно ладно пиво; всушност, овде една таква сцена не би можела воопшто ниту да се случи.

Но, колегите како да не го разбираа моето прашање воопшто, затоа што за американскиот „легалистички“ менталитет ситуацијата беше совршено јасна – прекршивме правило и чуварот беше сосема во право. „Што може да ни направи“ – прашав? Сè – ми одговорија. Има „овластување“ да нè избрка од кампусот, и веќе утре рано в зори да бидеме „депортирани“ на аеродром. Ректорот не би можел да ни помогне и врати назад.

И тогаш и сега ова беше неприфатливо за мене. Некако го доживеав како атак на слободата; во тој мал, но важен чин на демонстрација на моќта на системот врз поединецот ја видов сета опседнатост на Американците со правила, закони, правилничиња кои ја гушат личната слобода, во името на редот и безбедноста. До каде – се прашував и тогаш и сега – треба да оди раката на системот обезбедувајќи го редот и поредокот? Веќе во следната колумна, драги мои, кога ќе продолжам со вториот пример, ќе видиме дали тоа навистина е така и во што всушност се состои слободата?

Д-р Трајче Стојанов Повеќе колумни може да прочитате овде!

Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД