26 Април, 2024
0.0258

Путин го чека третиот американски претседател

Објавено во: Колумни 20 Јануари, 2017

Добивај вести на Viber

Денес во Вашингтон ќе се одржи церемонијата на инаугурација на новиот американски претседател Доналд Трамп. Јавноста во голем дел од светот со интерес ќе го следи настанот, а и она што ќе се случува околу него. Најавени се стотици илјади демонстранти неазадоволни од изборот на Трамп за претседател. Најавен е и бојкот од страна на конгресмени и сенатори од Демократската партија, а ним можеби ќе им се приклучи и некој републиканец.

И додека Барак Обама ќе ја напушта Белата куќа, а Трамп официјално ќе зачекори во неа, илјадници километри подалеку од Вашингтон некој ќе ја удри третата рецка и ќе го стави вториот крст. Рускиот претседател Владимир Путин ќе стави крст на Обама, како што кога тој дојде во белата куќа стави крст на Џорџ Буш помладиот, а ќе удри рецка за Трамп. Тој ќе биде третиот американски претседател со кој ќе соработува Путин. Може да се каже и четвртиот, бидејќи Путин во кусиот период кога беше премиер на Русија имаше средби и со американскиот претседател Бил Клинтон.

Многумина во далечната 2001 година беа изненадени кога Џорџ Буш помладиот по првата средба со Путин изјави: -Го погледав човекот во очите. Открив дека е отворен и дека заслужува доверба. Јас ја видов неговата душа“. Години подоцна беше пишман-аџија за тие негови зборови. Подоцна и Обама се обидуваше да сфати со кого си има работа. Пред некој ден на последната прес конференција изјави дека конструктивните односи со Русија им одговараат и на САД и на светот.  И од таа позиција дејствувал како претседател. „Се обидував да работам со претседателот и владата на Русија, им помагав да ја диверсификуваат економијата , да ја подобрат економијата, користејќи ги неверојатните таленти со кои е богата Русија, конструктивен приод“, изјави Обама. Но односите се влошиле по враќањето на Путин на претседателската функција. Тогаш се засилила антиамериканската реторика. Веднаш потоа, според Обама се „вратил духот на соперништвото“ , кој постоел во времето на студената војна. Очигледно ниту Обама не успеал до крај да го разбере Путин.

Сега е на ред Доналд Трамп. Дали тој ќе загледува во душата на Путин или пак како Обама ќе се обидува да бара кај Путин некои карактеристики кои би требало да ги има политичар подобен на него. Трамп, додуша, уште во предизборието „навиваше“ за Русија да му „помогне“ во натпреварот со Хилари Клинтон, особено со информациите добиени од хакерски напади. Трамп имаше убави зборови за Путин. Парафразирано, „ако ме сака и јас ќе го сакам“, само да е во интерес на Америка.

Но дали е баш така? После се она што го изназборе Трамп последниве денови, може слободно да се каже дека на Путин ќе му беше полесно за „противник“ да ја имаше Хилари Клинтон. Не од друго, туку заради тоа што обајцата добро се познаваат и таа е попредвидлива, отколку Трамп. Клинтон, доколку беше избрана, ќе ја продолжеше досегашната политика на Обама кон Русија и можеби ќе ги заостреше односите како последица на наводните хакерски напади врз Демократската партија. Но сето тоа е познато за Русите и сигурно имаа подготвено стратегија за соработка со САД на чело со Клинтон. Со Трамп работите нема да одат така лесно.

Кои се идеите на Трамп во надворешната политика што се навестени во она што досега го изјавуваше. Прво најави трка во вооружување и засилување на нуклеарниот потенцијал на САД. Но истовремено кога станува збор за Русија вели дека ќе ги разгледа санкциите кон неа доколку се договорат за намалување на нуклеарното оружје! Контрадикторност. Второ, вели дека ќе воспоставува безбедносни зони во Сирија, веројатно за силите што се борат против Башар ал Асад, но од друга страна вели дека ќе соработува со Русија во борбата против Исламската држава, а како да заборава дека Русија е сојузник на Сирија. Потоа дека ќе го сопре развојот на нуклеарното оруже во Северна Кореја, во што ќе има премолчена поддршка од Русија. Но тешко ќе му оди со укинувањето на договорот за нуклеарното оружје на Иран, бидејќи Русија е една од земјите гаранти. Тој исто така најави дека Кина е виновна за голем дел од економските проблеми на САД. Некои сметаат дека на тој начин би сакал да стави клин во односите меѓу Кина и Русија, кои се речиси стратешки. Трамп, исто така, како да заборава дека Кина е еден од тројцата најголеми трговски партнери на САД, а истовремено и најголем доверител. Овде интересно е што деновиве во Давос кинескиот претседател, комунистот Си Џинпинг, се залагаше за глобализација и слобода на трговијата, а Трамп со неговите најави како да сака да работи за изолација на САД, заканувајќи се со големи царини на производите кои ќе се увезуваат во неговата земја и други мерки. Се со цел, според него, да ја заштити американската економија. А што станува со Украина? Дали таа нема да биде  монета за поткусурување во односите со Русија?

Има многу контрадикторности кај Трамп, но многу работи ќе се променат кога ќе влезе во Белата куќа и кога ќе се соочи со реалните состојби, како дома, така и надвор од САД. Креатори на надворешната политика освен претседателот се и неговите соработници, но и Конгресот и Сенатот на САД. А таму погледите на претседателот не ги делат во целост сенаторите и конгресмените. Трамп ќе направи и „ремонт“ во безбедносните структури, но тие сигурно нема да му ја прикажуваат состојбата во розово светло. Сето тоа сигурно ќе придонесе да се обликува надворешниот курс на САД, кој нема да биде како оној на Трамп од неговите твитови. 

Русија во исчекување на Трамп од устите на официјалните претставници постојано извикува дека е за соработка со САД, но на обостран интерес. Првиот реверанс кон новата власт Русија го направи со поканата за учество на конференцијата за Сирија што ќе се одржи на 23 јануари во Астана. Таа конференција е плод на соработката на Русија, Турција и Иран, кои се гаранти на сегашното примирје во Сирија. На конференцијата е поканет и преставник на ОН, но и од Катар. Станува збор за вешт дипломатски маневар. Американците не беа вклучени во тројните преговори за Сирија, иако беа информирани за нив, а сега од нив зависи дали ќе се вклучат или ќе одбијат и ќе останат настрана. Ако прифатат, тогаш и тие ќе влезат во игра од која нема лесно излегување, а ако одбијат тогаш ќе мора да ги гледаат работите од страна. Иран се противеше на американску учество во Астана, но Русија и Турција сметаа дека на САД им е местото таму. Колку блиску соработуваат Русија и Турција во Сирија зборува и податокот дека нивни авиони заедно учествувале во бомбардирање на позиции на ИД. А до пред некој месец тоа не можеше да се замисли. Ова е индикативно и за САД.

Во очекување на американски одговор на рускиот реверанс останува двете држави да се соочат со фактот односите меѓу нив се на најниско ниво уште од времето на студената војна. Прес секретарот на Путин, Димитри Песков, во интервју за BBC, кое ќе биде емитувано утре, вели дека односите се „болни“ и има потреба од нивно побрзо оздравување. Тој смета дека е потребна средба на Путин и Трамп, додавајќи дека „што побрзо, тоа е подобро“. Очигледно и на Русите им се брза да дознаат „кој е мистер Трамп“. 2007 година во Давос група руски политичари и бизнисмени на една од панел дискусиите била прашана: „Кој е мистер Путин?“ Овие изненадени од прашањето не знаеле што да одговорат, по што цела сала прснала во смеа. Очигледно Путин се’ уште е загатка за многумина. Но сега и „Мистер Трамп“ е загатка за Русите и не само за нив.  А што можат да направат кога ќе се сретнат две загатки?  Што можат да направат двајца непредвидливи политичари. Односно еден политичар и еден бизнисмен кој зачекорува во политиката. Можеби бизнис политика!

Мирче Адамчевски

Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД