Добивај вести на Viber
Рускиот претседател, Владимир Путин, беше во дводневна посета на Украина, по повод 1025-годишницата од воведување на христијанството во Киевска Русија, прва источнословенска држава која се појавила во 9. век на територијата на денешна Украина, Белорусија и Русија.
„Cите ние сме духовни наследници на она што се случило тука пред 1025 години. Во таа смисла сме и единствен народ“ - рече Путин.
Верската свеченост, на која присуствуваа и српскиот и молдавскиот претседател, Томислав Николиќ и Николај Тимофти, е организирана пред самитот во Вилнус во декември, на кој може да биде потпишан меморандум за партнерство и соработка помеѓу Украина и ЕУ.
„Ќе го почитуваме секој избор на украинскиот народ, кога станува збор за интеграцијата во постсоветската структура, каде доминира Москва“ - посочи Путин, нагласувајќи дека економиите на двете земји заедно би биле поконкурентни.
Русија веќе со години ја повикува Украина, наместо кон Западот, да се сврти кон Истокот и да се приклучи кон царинската унија која сега ја сочинуваат Русија, Казахстан и Белорусија.